Ирена Фрчкоска е успешна адвокатка од Скопје. Таа е мајка на Марко (10) и Ивана (4).
Како на Вас како личност влијаеја мајчинството и родителството?
– Кога бев помлада немав за себе целосна претстава каква мајка ќе бидам. Кога се роди прво Марко (пред 10 години), тоа за мене навистина беше едно ново откритие. Повеќе не постоев само за себе, тука бев само за него – како мајка на Марко. Се распознавав самата себеси, по тоа. Истото ми се повтори и со Ивана пред 4 години. Кога ќе размислам подобро како да одговорам на ова прашање, мојот едноставен одговор е дека всушност од оваа временска дистанца, воопшто не го ни паметам времето пред да станам мајка. Самата себе си се паметам единствено како мајка на моите две деца, и тоа е нешто кое ме исполнува и во кое уживам.
На кои вредности Ве научиле вашите родители и на кои вредности Вие ги учите Вашите деца?
– Ние растевме во едно друго време. Не можат да се споредуваат времињата, но мислам дека вредностите секогаш остануваат исти. Жал ми е, што денес децата растат на поинаков начин, но сепак секое време си има своја убавина. Ние сме биле посиромашни во смисла на технологија, компјутери, информации, но од друга страна сме имале големи пријателства, игри, дружења. Тие пријателства до ден-денес траат, и тоа е едно големо богатство во животот. Децата денеска, пак, имаат друга предност, имаат пристап до многу информации, се им е на дофат, но помалку се дружат, помалку се социјализираат. Сепак, инсистирам на тоа, слободното време да го поминуваат со другарчиња, возење велосипед, спортување.
Се трудам да ги научам моите деца на некои основни вредности на кои ме научиле и мене моите родители. Да почитуваат, да бидат добри луѓе, да учат, да ги ценат другите, послабите, различните. Со сопругот го учиме Марко дополнително и да биде правичен, да ги почитува туѓите религии, да ја почитува туѓата приватност, а сопствената да ја штити, да не дискриминира. Денес многу од овие вредности се изгубени во преводот, едноставно се под закана да исчезнат. Во ова брзо, агресивно време во кое живееме, станува се потешко да се задржат овие вредности. Ако успеам во тоа, тогаш сум ја постигнала целта.
Дали ги воспитувате децата на традиционален начин во смисла – девочјињата треба да знаат да работат женски работи по дома, а момчињата машки или воопшто да не работат домашни работи?
– Во денешно време, границите се поместени, но не го кажувам ова од негативен аспект. Мислам дека на позитивен начин се променети работите, свеста е повеќе развиена, нивната самостојност побрзо доаѓа. Не можам да кажам дека ги воспитувам на некој строго традиционален начин, но се трудам да воспоставам некаква рамнотежа. Син ми сака да ми помага во кујна кога готвам, а ќерка ми игра фудбал. Ништо не ги форсирам, ги оставам самите да си го најдат својот пат, својата среќа, јас само ги насочувам и се трудам да ги следам. Секако им помагам колку што можам, но не се наметнувам, освен кога се работи за училишните обврски. Тука сум строга и инсистирам на работна дисциплина. Јас сум од оние луѓе кои сметаат дека децата се развиваат од мали, а работната навика се учи и стекнува само со работа, дисциплина и одговорност. Тие се добри деца, а мојата цел е да израснат во добри луѓе.
Кои Ваши животни лекции сакате да им ги предадете на Вашите деца без самите непотребно да ги осетат на своја кожа?
– Бидејќи сум човек кој не може да истрпи неправда, се би направила моите деца да не осетат неправда во нивниот живот. Јас цел живот се борам против неправдата, можеби и затоа сум ја избрала професијата адвокат, која ја работам. Едноставно, неправдата ме депримира, разочарува. Веројатно единственото нешто кое би сакала моите деца да не го осетат на своја кожа, е дека во животот постојат многу неправди, на што сме сведоци и денес во светот. Во овој дел, мислам дека сум и премногу заштитнички поставена кон нив, не знам колку е добро тоа, но тоа е посилно од мене. Мислам дека сите мајки се исти. Се трудам да бидам правична, но исто така свесна сум и дека не можам моите деца целосно да ги заштитам од се. Сметам дека сите животни искуства се важни, човек некогаш губи, некогаш добива, но секогаш учи. Но, доколку би можела да изберам, од што би можела да ги заштитам, тоа сигурно би било да ги заштитам од чувството на неправда.
Каков однос развија Вашите деца со нивните поголеми браќа и сестри?
– Па би рекла едноставно нормален однос. Мислам дека тој однос во иднина уште повеке ќе зајакнува, како поминува времето и како растат. Сметам дека браќата и сестрите во животот се многу важна работа, колку повеќе толку подобро. Тие се голема потпора во животот. Јас и од себе тргнувам, бидејќи и самата сум многу блиска со мојата сестра. Едноставно, не знам што би правела без неа.
Вашиот рецепт за успешна мајка е:
– Љубов и посветеност според мене се двете работи за успешна мајка. Да ги сакаш своите деца, да им даваш поддршка, да ги охрабруваш, но нема успех доколку не им се посветиш целосно. Се трудам овие две работи да ги исполнувам целосно, и се надевам дека децата тоа го чувствуваат. Кога на моменти ќе ми приредат некакво изненадување, нема посреќен човек од мене, се радувам како мало дете. На децата мораш да им покажеш дека ги сакаш, да ги бакнеш, да ги гушнеш, да ги пофалиш. Јас тоа го правам секојдневно, дури сум малку и здодевна, па син ми почна да ме избегнува.
Со оглед на забрзаниот современ начин на живот и кусокот време – како го поминувате времето со Вашите деца и дали е тоа доволно за нив?
– Мене ми е важно само да бидам со нив, до нив. Среќа со сопругот, можеме да си го планираме работното време, па некако се навикнавме да бидеме сите заедно, цело време. Секаде ги носиме со нас, од ништо не сме ги тргнале на страна, на кафе, на пазарење, на прошетка, на Водно. А одморите посебно ги планираме. Јас сакам зима, а сопругот и децата лето, па планирањето каде ќе го поминеме одморот ни претставува посебно уживање, и секако патувањето како составен дел. Не сум од оние родители, кои ги претрупуваат своите деца со после училишни обврски, немам такви амбиции, детето мое да знае се. Повеќе сакам да го поминуваме слободното време сите заедно. Уживаме да правиме колачи, да се смееме на некој цртан филм. Тоа за мене се непроценливи моменти. Свесна сум дека еден ден ќе пораснат и ќе станат свои личности и тогаш можеби помалку време ќе поминуваме заедно, па затоа сега сакам да го искористам целото време на светот, да бидам со нив.
Колку сте строг, а колку попустлив родител?
– Повеќе сум принципелна, отколку строга. И толерантна сум многу. Но, според мене важно е секој човек, па и во семејството да си има некоја своја мала слобода, да може без притисок да се развива. И јас си се борам за таа слобода, сакам малку простор, тоа ми е важно, па така сум поставена и кон моите деца. Не се држам строго кон некои правила. Но, секако мора да бидат воспитани, да знаат да се однесуваат кон постари лица, да ги почитуваат своите родители, да помагаат.
Што Ви помага да го негувате детето во себе?
– Мислам дека тоа најпрво е духот кој имам, карактерот. Секогаш барам нешто ново, се обидувам да се фокусирам на некоја нова цел. Ме одржува балансот помеѓу самостојноста во работата и фамилијата. Моето семејство ме стабилизира, ме дефинира како жена и мајка и ми дава сила да гледам напред.
разговараше Биљана Илиќ