Секоја петта минута предвремено родено бебе ги предизвикува лекарите

Интраамнионска инфекција кај пациентки со кратко грло на матка е латентна и не се покажува секогаш на микробиолошки брисеви.

0
609

На Клиниката за гинекологија лани 17 отсто од породувањата завршиле предвремено, а во 2014 година оваа бројка била 15 отсто. Директорката на Клиниката Марија Хаџи Лега рече дека предвременото породување е глобален проблем со кој тешко се соочуваат и развиените земји.

Директорката не кажа колку бебиња оваа година починале на клиниката, а во однос на инфекциите на кои се жалат родителите во медиумите, рече дека до нив не стасале никакви жалби иако имале формулари за оваа намена. Раководителката на одделот за интензивна нега на бебињата Снежана Јанчевска рече дека 80 отсто од предвремено родените деца преживуваат, како и дека бројот на педијатри на Клиниката сега е достоинствен.

Во светот, секоја петта минута 50 новороденчиња предвреме доаѓаат на свет.

– Стапката на предвремени породувања во земјава е околу 9 отсто. На Клиниката за гинекологија каде завршуваат најголем дел од овие предвремени породувања е нешто повисока, лани беше 17%, односно бележи тренд на раст во однос на 2014 година, кога стапката беше 15%. Предвременото породување претставува светски проблем, со кој тешко се справуваат и земји како САД каде овој процент изнесува 12 отсто. Предвременото породување е еден синдром со многу причини – рече Хаџи Лега.

Клиниката од наредната година ќе биде вклучена во меѓународна студија во која ќе се испитуваат причините за предвремените породувања.

– Многу честа причина се инфекциите, поради што ги воведуваме редовните микробиолошки испитувања и скенирање на ризичните пациентки преку мерење на должина на цервикс во текот на скринингот во вториот триместар. Предвременото породување покрај со грижата на бременоста може да се пречи и со добро планирање на семејството, едукација на женската и машката популација, планирање на бременоста, а зависи и од возраста на трудницата, инвитро оплодувањето и други болести како дијабетес, хипертензија кои носат многу чест ризик за предвремено породување – рече Хаџи Лега.

Во однос на преживувањето на предвремено родените деца Клиниката се приближува кон светските центри. Таа објасни дека протокол на Клиниката е педијатар да биде присутен само кај високоризични породувања и кај предвремени породувања.

– Секоја забелешка на родителите може да биде пријавена, имаме формулари. Не можам да кажам бројка на починати новороденчиња, статистиката ја правиме на крајот на годината, но како поминуваат годините се намалува стапката на морталитет – рече Хаџи Лега.

Ниту една земја во југоисточна Европа, додаде таа, нема добра перинатална статистика, но интензивно работиме да се подобрат работите.

Таа појасни и дека се случува предвремено родените деца да развијат сепса бидејќи инфекцијата била и причина поради која настанало нивното предвремено раѓање.

– Интраамнионска инфекција кај пациентки со кратко грло на матка е причината поради која трудницата предвреме се породила. Оваа инфекција е латентна и не се покажува секогаш на микробиолошки брисеви – објасни Хаџи Лега.

Педијатарката Снежана Јанчевска рече дека во однос на кадарот биле во критична бројка, но дека сега бројката е достоинствена.

– Не велиме дека сме европски стандардизирани, но се стремиме кон тоа – додаде Јанчевска.

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]