Приказната на една акушерка

Милица Беслаќ го поддржува природното породување, но и породувањето во домашни услови, во присуство на едуцирана акушерка. И самата се родила дома, а на мајка ѝ наместо акушерка, ѝ помогнала да ја донесе на свет нејзината баба

0
3336

Милица Беслаќ е дипломирана акушерка, вработена во Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир. Ја запознавме на годинешното одбележување на Светскиот ден на акушерките и медицинските сестри во Градската болница „8 Септември“ кадешто одржа емотивен говор посветен на професијата – акушерка.

Иако повеќето трудници имаат доктор кој им ја води бременоста од почеток до крај, и најчесто истиот присуствува и на самиот чин на породување, веројатно повеќето се сеќаваат најмногу на акушерката која била со нив во текот на породувањето. Со госпоѓа Милица Беслаќ разговаравме за тоа како е да се биде некој кој помогнал да дојдат на свет и во своите раце пречекал толку многу бебиња, за начините на породување кои се достапни денес, како и за нејзините лични искуства и емоции во врска со самиот чин на породувањето.

До пред една година Милица Беслаќ беше и претседателка на здружението на акушерките на Македонија, но за да бидеш акушерка во срцето, вели таа, не ти треба функција.

Зошто ја одбравте токму оваа професија?

Како дете, често ја слушав мојата мајка да раскажува за тоа како се породила со моите сестри и со брат ми. Секогаш возбудено  раскажуваше како бабицата ѝ помагала во тие моменти, како ја бодрела, ја советувала и ѝ давала сила. Со почит го изговараше нејзиното име, а јас ја слушав и длабоко во себе знаев дека ќе бидам бабица – АКУШЕРКА за да ѝ помогнам на секоја жена да го донесе на свет своето најмило – своето чедо. Да се избере хумана професија е голем предизвик. Да се помага  на болниот и немоќниот, да се дава нега таму кадешто е најпотребно е навистина за почит.

Но, да се биде дел од најсреќниот момент на една мајка, на едно семејство, е голема привилегија и чест. Таа привилегија и чест им припаѓа на акушерките.

Затоа гордо ќе кажам – Јас сум акушерка, сум ја избрала и повторно би ја избрала истата професија.

Како вие го доживеавте породувањето со вашите деца

Како мајка,  во моментот на раѓањето на моите деца можев да ја согледам вистинската улога на акушерката. Ги памтам и двете акушерки што ме породија и помогнаа на свет да дојдат моите два сина. Акушерка Марионка од ГАК и акушерка Вера од Чаир.

Епидурална, царски рез, природно породување…што им препорачувате на пациентките кога ве прашуваат за совет и какви породувања преовладуваат кај нас?

Јас го поддржувам нормалното породување (се разбира таму кадешто има услови за истото) и се трудам со своето искуство да им пренесам што е можно повеќе информации на идните мајки за предноста и убавината на нормалното породување. Мајката да не го пропушти најубавиот, најсреќниот момент, моментот за паметење, а тоа е раѓањето на своето чедо. Сите оние кои го доживеале тој момент можат да потврдат за убавината и среќата што ги носи со себе нормалното породување. Кога ќе го слушне плачот – гласот на своето штотуку родено бебенце таа заборава на се околу себе и го слуша само неговиот глас, гласот што ќе го распознава само таа меѓу гласовите на многуте бебиња.

Имате ли претстава колку бебиња сте донеле на свет досега и кој од сите досегашни случаи ви останал како најубаво сеќавање?  

Не можам да кажам со точност колкав е бројот на дечиња кои сум ги породила, но овие мои раце ќе им помогнат на уште многу бебиња да дојдат на свет.

Инаку, раѓањето на секое бебенце е приказна за себе, погледот на среќната, задоволната и насмеаната мајка за мене е најголема среќа. Убаво е да си дел од таа среќа и од тој волшебен момент. Инаку, јас лично бев највозбудена (ако го изоставиме моето породување ) при раѓањето на моите две внуки.

Во светот е тренд породувањето во домашни услови, во базени со вода, во природа и слично…дали ги поддржувате овие трендови?

Раѓањето во вода веќе подолго време е тренд во светот. За жал, кај нас се уште го нема, а од кои причини, не знам. Породување дома, во домашни услови, се практикува во светот и кај нашите соседи. Познавам една акушерка во Србија која се занимава со јога за трудници и пораѓа дома и има доста поддржувачи.

Јас лично би поддржала такво породување. Треба да се напомене дека за тоа е потребно добро обучена, едуцирана акушерка која ќе може да одговори на предизвикот. Морам да спомнам дека мајка ми со мене се породила дома, а ѝ помогнала мојата баба.

Што е најтешкиот дел во вашата работа?

Секоја работа има своја тежина. Психолошкиот притисок кој го носи оваа професија бара, а и треба сила за да се издржи истиот. Силата ја црпиме од се она што не опкружува секојдневно извршувајќи ги своите работни задачи .

Дали сте понекогаш доведени во ситуација да бидете и психолог и на кој начин им помагате на пациентките? 

Секоја средба со жената – идната мајка, акушерката ја користи за да делува, советувајќи ја за се она со  што се карактеризира периодот на самата бременост, предпородувањето, породувањето (се околу самото раѓање) и постпородилниот период. Развиените комуникациски вештини кои ги поседува една акушерка ќе ѝ помогнат во  давањето на психолошка поддршка на жената во секој момент  кога за тоа има потреба.

Колкава е во просек возраста на жените со прва бременост и има ли повеќе случаи на повозрасни трудници во споредба со порано? 

Во последниве години старосната граница за прворотки е покачена т.е. жените се одлучуваат да станат мајки  на  30 години, па и подоцна.

Просекот на возраст на жени со прва бременост се движи некаде од 28 до 33 (може и од 28 до 35 години). Во споредба со порано старосната граница е повисока. Свесни сме дека младите подоцна  се одлучуваат и за брак и за формирање на семејство. Најверојатно тоа се должи на условите и состојбите во државата. По завршувањето на образованието чекаат подолго за вработување, имаат  несигурна работа, работење во приватни фирми (кадешто забременувањето би значело и отказ), укажува дека  од економски и социјален  аспект се одлага мајчинството. Мал е процентот на оние кои поради градење на кариера го одлагаат тој чин.

Дали има во болницата можност да присуствуваат и татковците и колку често тие ја прифаќаат оваа можност?

Во нашата болница има можност да присуствуваат и  татковците за време на породувањето, но тоа ретко се случува. Повеќето од оние што присуствувале на раѓањето на своето дете биле медицински лица или странци.

Текст: Драгица Христова

[better-ads type='banner' banner='999' ]