Пост на една мајка за сајбербулинг кој речиси ја уништил нејзината 17.годишна ќерка

Можеби не сфаќаат колкава е штетата што ја прават додека седат зад своите лаптопи, таблети или телефони, но оваа девојка поради ова завршила во болница

0
1190

Она што се случува помеѓу тинејџерите и адолесцентите е навистина веќе надвор од контрола, а жртви на сајбербулинг, односно, насилство на интернет, има сѐ повеќе заради што родителите ширум светот со право стравуваат за своите деца.

Но дури и кога мислите дека такво нешто не може да му се случи на вашето дете затоа што сте сигурни дека би забележале доколку нешто такво се случува, искуствата велат дека децата кои се малтретирани на овој начин до првото признание на родителите, веќе проживуваат трагедија која остава неповратен белег на нивните животи. За жал, за дел од нив, е навистина предоцна.

Затоа една мајка од Ирска решила да обелодени што ѝ се случувало на нејзината 17-годишна ќерка откако се бакнала со поранешното момче на нејзината соученичка.
Мајката го објавила постот на Фејсбук, а досега го споделиле повеќе од 10.000 луѓе.

За ова пишувал и Irish Independent.

„Мојата ќерка добиваше повеќе од 50 пораки на ден, од деца, не само од нејзиното училиште, туку од целиот град, во кои ѝ порачуваа да се убие, ја нарекуваа „курва“, а непознати деца ѝ пишуваа колку е одвратна. Откако веќе не можеше да издржи, таа се обиде да се самоубие за да му стави крај на постојаното измачување и малтретирање кое го преживуваше.

За среќа, заврши во болница, но остана жива, а јас одлучив да ја обелоденам целата приказна за да го спасам нејзиниот, но и животот на бројни други непознати деца кои во овој момент го проќивуваат истото.

Во Ирска во последно време се бележи неверојатна епидемија на самоубиства помеѓу младите, па родителите мора да знаат што се случува“.

И неа ѝ требало долго да излезе со приказната во јавност, но конечно одлучила да каже сѐ затоа што не можела да помине преку тоа што денешните родители не се свесни што се случува помеѓу младите, а самата верува дека повеќето родители воопшто не биле свесни за проблемите на своите деца, а кога дознале за нив, за многу од нив било предоцна затоа што детето веќе си го одзело животот.

„Помина една година откако и самите се најдовме во вртлогот на малтретирањето, а сѐ почна со видео запис кој со името на мојата ќерка го тагираше девојката која одлучила на овој начин да ѝ се одмазди поради бакнежот со нејзиното поранешно момче.

Видеото е испратено на бројни адреси, го виделе деца од другите училишта, таа девојка почна да ја следи на улица и да ѝ довикнува погрдни називи, а наскоро ја следеа и други деца.

Во тој период видеото сѐ уште не беше толку популарно во нејзиното училиште , но почна да забележува дека нејзините соученици ја гледаат чудно, ја игнорираат и ја избегнуваат.

Дотогаш и на улица проживуваше сешто, дури и кога беше со мене, викаа по неа дека е курва и буквално лаеја по неа. Ова стана неиздржливо за неа, но кога проблемите почнаа и во нејзиното училиште, буквално се скрши.

Нејзините пријатели наместо да ѝ кажат да ги игнорира навредите и да застанат покрај неа, почнаа да ја избегнуваат, а тоа е речиси еднакво страшно како и навредите од непознатите деца и уште еден доказ за тоа колку денешните деца знаат да бидат сурови, дури и кога не се главни актери во малтретирањето.

После сѐ, мојата ќерка почна да се опоравува кога на Снепчет се појави истото видео и одново се активираше целата приказна.

Тогаш мојата ќерка цврсто одлучи дека повеќе нема да оди на училиште, а тоа е само една од последиците на ова грозно искуство кое остави длабока трага на сите нас, страв и разочарување кога ќе сфатите дека вашето дете повеќе не може да се бори против малтретирањето.

Дури тогаш сфаќате што сѐ се подготвени да направат многу луѓе не прашувајќи за цената. Дури ни за цената на човечкиот живот.

Кога ќе престане тоа, никој не знае, или ќе трае сѐ додека родителите не ја земат работата во свои раце.

Додека утрово го пишував ова, мојата ќерка се разбуди и доби на Фејсбук 57 барања за пријателство, повеќето од деца кои сакаат да ја навредуваат и исмеваат.

Причина? Можеби навистина ги води желбата да бидат сурови, иако јас сум посклона кон размислувањето дека таквите деца всушност не се свесни што прават.

Можеби не сфаќаат колкава е штетата што ја прават додека седат зад своите лаптопи, таблети или телефони.

Можеби ако овој пост се сподели со повеќе луѓе, ќе ги освести родителите и децата за она што ваквото малтретирање го предизвикува кај жртвите. Можеби родителите ќе се запрашаат дали нивното дете учествувало во ваков вид на малтретирање или пак било жртва, затоа што тоа е она за што денешното општество мора повеќе и поотворено да разговара“, напишала оваа мајка која ноќе спие со својата 17-годишна ќерка затоа што се плаши да ја остави сама.

„Нема да дозволам да го изгубам своето дете заради онлајн насилничко однесување. Јас ќе се борам против него, а на сите кои биле вклучени во заплашувањето на мојата ќерка можам да им порачам само едно: замислете тоа да ви се случува вам.

За среќа, откако мојот пост е споделен толку многу пати, мојата ќерка може да види дека на светот има многу луѓе кои ја поддржуваат и ѝ порачуваат дека нејзиниот живот вреди многу повеќе“.

[better-ads type='banner' banner='999' ]