Педијатрите советуваат: Пуштете ги децата надвор!

Во сите европски земји, децата се изнесуваат надвор на минусни температури, а кај родителите имаат чудни навики да ги држат децата на затворено, во топла средина. Вие сте тие кои треба да ги создадете здравите навики на вашето дете, порачува педијатарот д-р Александар Сајковски во утринската програма на ТВ „Нова“.  

0
1338

„Ако вие го научите детето од мали нозе да издржува ниски температури и студен воздух, детето ќе го практикува тоа и понатаму, односно неговиот центар за терморегулација ќе знае соодветно да реагира на ниските температури. Прагот на центарот за терморегулација кој работи како класичен бојлер, ќе се намали и тоа дете ќе биде научено да седи на ниски температури. Затоа децата треба да излегуваат надвор, без разлика на овие ниски температури. Во сите европски земји, вклучувајќи ги скандинавските, кои се најтипичен пример, се препорачува секое бебе да излезе надвор минимум еден час сè до температура од -23 степени“, препорачува д-р Александар Сајковски, специјалист по педијатрија во клиничката болница „Аџибадем-Систина“.

Според Сајковски, нивото на инфекции драматично се намалува кога температурата е пониска, па е апсолутно погрешно децата да се затвараат дома. Исто така, тој препорачува децата да не се преоблекуваат кога одат надвор.

„Непотребно е толку многу облекување, бидејќи метаболизмот на децата е шест до седум пати побрз од нашиот и во таква ситуација тие продуцираат поголема количина на топлина и полесно се адаптираат на пониска отколку на повисока температура. Во нашата ординација се случуваат парадоксални ситуации кога родителите доаѓаат во кратки ракави, а детето е облечено како за на Северен пол“, вели докторот.

Според него, секако дека ограничувачки фактор е аерозагадувањето, па затоа се препорачуваат прошетки на повисоки места кадешто воздухот е почист.

Сајковски апелира и против непотребното консумирање на антибиотици при вирусни инфекции, како и за исхрана полна со витамини со цел да се подигне имунитетот на децата.

„И пуштете ги децата надвор“, советува педијатарот во утринската емисија на ТВ Нова.

[better-ads type='banner' banner='999' ]