Обидите за самоубиства на децата се обид да го свртат вниманието на родителите

Разводот треба да значи престанок на бракот, а не на родителството, па оттаму, Иницијативата за заедничко родителство после развод е добра идеја – вели др.Мери Бошковска, психијатар за деца и млади во Ремедика

0
537

Примариус доктор Мери Бошковска е психијатар за деца и млади во Првата приватна општа болница Ре-медика во Скопје. Неодамна беше еден од говорниците на конференцијата посветена на родителството во 21.век и со своето живо и сликовито зборување за проблемите со кои се соочуваат децата и нивните родители денес, го привлече сето внимание на присутните. Со оглед на нејзината долгогодишна успешна пракса од работата со децата и нивните родители, др.Боковска не само што умее да ги лоцира изворите на најчестите проблеми на децата денеска, туку знае да им помогне истите и да ги надминат. Сепак, и самата мајка на сега веќе возрасни синови, признава дека како родител, и покрај познавањето на клучните практики во воспитувањето, најголема слабост ѝ била недоследноста и попустливоста.

Во последно време многу е актуелна темата врзана со родителствувањето после развод…Кој е вашиот став во однос на онаа Иницијатива која постои за заедничко родителство, односно, рамноправна распределба на времето, одговорностите и обврските на двајцата родители после разводот?

Секако дека грижата на двајцата родители после разводот е важна за правилниот психички развој на детето и родителството никој нема првао да го одземе или ускрати. Ваквиот модел на поделено старателство е погоден доколку постразводното родителско функционирање на бившите партнери е зачувано, односно постои квалитетна комуникација меѓу родителите, нивните воспитни ставови се воедначени и функционални, зачувана е меѓусебната доверба и почитување. Доколку сето ова постои, детето добива пораки од двете страни дека е сакано и на тој начин родителите му помагаат полесно да го надмине/прифати разводот. Но во праксата често гледаме висококонфликтни разводи каде нетрпеливоста и расправиите продолжуваат и по разводот и во вакви случаи сметам дека тоа би било потешко остварливо. Секогаш во преден план кај родителите треба да бидат интересите на нивното дете/деца, но тие се забораваат во докажувањето кој е во право сега и претходно, кој подобро се грижи за детето, кој е подобар, а кој е неодговорен родител… И тоа е повторно враќање назад на штета на детето. Често овие расправии и докажувања се случуваат пред детето а се случуваат и при престојот на детето кај едниот или другиот родител. Тоа е дополнително нова фрустрирачка ситуација која ја оптоварува детската личност, тоа се чувствува растргнато меѓу двата родители а таа ситуација прави да се чувствува луто, бесно, депресивно, со чувство на вина…

Дали поголема штета врз децата се прави доколку децата се шетаат од еден до друг родител и имаат два посебни дома со секој родител или доколку се само со едниот родител, а времето со другиот им е ограничено, на пример, на два пати месечно?

За децата е особено многу важна постојаноста, особено во предучилишната возраст, предвидливоста, доследноста, како и поддршката и љубовта на двајцата родители. Разводот треба да значи престанок на бракот, а не на родителството. Секако, ова е добра идеја, односно иницијатива, но важни се наведените предуслови како таа би била функционална и би била корисна за добар емоционален развој на детето. Тука е важна и се гледа зрелоста на родителите и разликувањето на нивниот меѓусебен однос од односот кој го имаат кон нивните деца. Децата не се воопшто виновни што тие не се сложуваат, не смеат да ги злоупотребуваат, да манипулираат со нив, добро е да се трудат заеднички да го организираат животот на детето и постојано да ги следат нивните емоции. Потребите на нивните децата секогаш треба да бидат во преден план!

На конференцијата за родителството во 21.век зборувавте за некои примери од вашата пракса, па можете ли да ни кажете што е најголемиот проблем на денешните деца?

Во зависност од развојниот период на детето различни се проблемите за кои родителите се обраќаат за помош. Kај предучилишните деца родителите најчесто се загрижени за развојот на нивните деца, меѓу втората и петтата година ако отсуствува говор или доцни психомоторниот развој, ако детето гледа отсутно, не следи со поглед и не се одзива на името, се јавува стравот да не име симптоми од аутистичен спектар. Во овој период кај малите деца се јавува и инаетот, нападите на бес и лутење т.н temper tantrumi, поради што родителите тешко се справуваат со неговото однесување. Во училишниот период чести се проблемите како што се анксиозноста и стравовите, хиперактивноста и агресивноста, проблеми поврзни со учењето/ читање, пишување, проблеми со вниманието, додека во периодот на пубертет најчести се проблеми поврзани со однесувањето, непослушноста, агресијата, отпорот да се учи, голем период од времето децата го минуват пред компјутерите поради што се занемаруваат секојдневните обврски, нарушен е ритамот на спиењето што резултира со слаб училишен успех. Стравови, депресивно расположение и психосоматски потешкотии се чести проблеми во адолесценцијата…

Дали имате повеќе пациенти – тинејџери или пак се почести проблемите кај помалите деца? Неодамна прочитав некои статистики според кои пораснал и бројот на самоубиства или обиди за самоубиства кај адолесцентите…дали вашата пракса оди во прилог на ова?

Во нашата средина години наназад поголемо внимание се посветуваше на физичкото здравје, односно полесно се препознаваа симптомите поврзани со телесното здравје додека кога се работи за проблеми поврзани со менталното, психичкото здравје, тука родителите се чувствуваат несигурно и честопати овие проблеми се потиснуваат или бараат помош од најблиските, семејството, пријателите. Но за среќа овие работи се менуваат и во последните години се почесто родителите со нивните деца ни се обраќаат за помош. Тие најдобро ги познаваат своите деца и најдобро може да ги воочат промените и навреме да побараат стручна помош за истите да се надминат, бидејки голем дел од овие проблеми се развојни. Понекогаш е доволно да се детектираат причините за проблемите и со неколку интервенции истите да се разрешат. Би напоменала од праксата дека е зголемен бројот на децата кои имаат проблеми со говорот, аутистичните нарушувања, стравовите и депресивните манифестации. Во однос на самубиствата има адолесценти кои имаат обиди за самоубиства, но повеќето како обид да го свртат вниманието на родителите на себе при нивните недоразбирања и проблеми. Но за жал немаме точни податоци колкав е бројот на сите наведени психички проблеми кај децата и младите бидејки немаме регистри кои прецизно ќе ја отсликаат реалната состојба на одделните проблеми после што би се превзмале мерки и интервенции на системско ниво.

Имате ли случаи кога децата, се разбира, мислам на оние поголемите, самоиницијативно решаваат да дојдат на психијатар?

Децата и младите поретко сами се обраќаат за помош, секако и ако се обратат важно е присуството на родителите за објективно согледување на проблемот. Во периодот на пубертет и адолесценција тие можат да бидат свесни за проблемот за кој родителите ги носат и оттука може да произлезат отпори па често може да слушнеме „не сум луд да ме носиш на психијатар“. Но веќе при првиот контакт и психотераписко интервју адолесцентот може да стекне доверба и важно е да му се објасни дека родителите сакаат да му помогнат, подобро да се разбираат за да ги надминат недоразбирањата и проблемите после што се стекнува доверба во добрите намери на родителот и терапевтот, отпорите се надминуваат и започнува терапијата. Но овој процес не оди секогаш така лесно.

Често се зборува за зависноста на денешните деца од компјутерите, телефоните и слично…како се справувате со ова?

Денес сме опкружени со оваа современа технологија и ретко кое семејство дома нема барем некоја од овие технологии: лаптоп, компјутер, телефон, таблет, телевизор, плејстејшн. Овие апарати се присутни во дневните, спалните и детските соби. Се поставува прашањето, колку време децата и младите поминуваат пред овие современи технологии, децата секојдневно пред нашите очи играат игри и гледат филмови на таблетите. Тие уште од рана возраст знаат сами да ги вклучат овие уреди и да „пребаруваат“. Многу често родителите ги користат додека ги хранат или пред да ги заспијат. Која е улогата на родителите и останатите возрасни кои се вклучени во воспитувањето и грижата на децата во ограничувањето на времето поминато пред екраните и какво влијание имаат истите на психолошкиот развој на децата. Родителите често велат дека би сакале повеќе време да минуваат со нивните деца, но дали е се во количината, каков е квалитетот на времето кое родителите го минуваат со нив. Или го „купуваат мирот“ на овој начин. Светската здравствена организација препорачува дека децата до две години не треба да бидат пред екраните, додека одредени педијатриски асоцијации укажуваат дека децата до поаѓање на училиште не би требало да поминуваат пред нив повеќе од максимум еден час во денот. Родителите и самите поминуваат многу време на социјалните мрежи. Наместо време поминато пред екраните добро е децата да поминуваат време на отворено и со физичка активност, особено во периоди на викенд кога родителите се послободни за да организираат прошетки, игри, спортски активности со нивните деца.

Каде го лоцирате главниот проблем, во децата, во родителите, во гените, односно, во карактерот, во воспитувањето?

Потребно е родителите да постават правила уште додека се децата помали колку да ги користат и што да гледаат на екраните. Некои родители поставуваат правила само во однос на гледањето на ТВ, но треба да се земе предвид севкупното време кое детето го минува пред екраните. За развојот на предучилишните деца многу покорисни се активностите поминати во природа, трчање, движење, односно неструктурирана, спонтана и слободна игра, одење во игротека и како што веќе беше споменато, квалитетно време поминато со нивните родителите.

Каде најчесто грешат родителите, каков е вашиот впечаток и кој би бил профилот на еден идеален родител?

Низ воспитувањето кај секој родител може да се поткраднуваат грешки но важно е навреме да се воочат и да се отстранат. Одредени стилови н воспитување како што се презаштитничкиот и авторитарниот став може да резултираат со многу емоционални проблеми кај детето. Многу често родителите ги презаштитуваат нивните деца, многу работи правиме наместо нив штитејќи ги притоа од разни потешкотии. На тој начин им праќаме порака дека тие не можат сами, со што го забавуваме нивното созревање, осамостајувањето и развојот на самодоверба. Ги исполнуваме нивните желби и не бараме одговорност и обврски.
Добар родител подразбира родител кој е присутен во текот на растот и развојот и се бави со своето дете. Освен што квалитетно го минува времето со детето вклучен е во неговиот живот, проблемите и потребите. Не е премногу попустлив, ниту премногу строг, доследен е во своите барања и постапки, развива однос на доверба и искреност, но истовремено и со својот авторитет, ја почитува личноста на детето и дома креира емоционално топла клима за развој на децата

Што им советувате на родителите кога станува збор за воспитувањето на децата?

Постојат одредени правила кои родителите треба да ги практикуваат а кои се важни за формирање на личноста на нивните деца и го олеснува родителството низ натамошните развојни фази. Поставувањето граници и јасни правила, објаснување на детето што е прифатливо, а што не, како и доследност во спроведување на истото, ја учи личноста на самоконтрола која е неопходна во различни животни ситуации.

Какво е вашето родителско искуство наспроти професионалното? Кој бил вашиот најголем проблем кога вашите деца биле мали и како ја оценувате својата родителска улога?

Јас и мојот сопруг сме родители на два сина кои се полнолетни и кои се два различни темеперамента, што е речиси секогаш непишано правило дека нема две исти деца во едно семејство. Моето познавање на овие клучни практики во воспитуваањето секако дека ми користеше во нивното воспитување, но и ние како родители сме различни и секако дека имаше и има ситуации кога наидувавме на пречки кои се трудевме да ги разбереме и да ги насочиме кон тоа што е во нивниот најдобар интерес. Недоследноста и попустливоста беа мои слабости во воспитувањето, но безусловната љубов и поддршка секогаш беше и е присутна.

Текст: Драгица Христова

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]