Насилна дисциплина, сексуална злоупотреба и врсничко насилство демнат милиони деца во светот

Насилството врз децата - некои и на возраст од една година - е сеприсутно во домовите, училиштата и заедниците, открива новиот извештај на УНИЦЕФ со вознемирувачки податоци

0
488

Зачудувачки голем број деца – некои и на возраст од 12 месеци – се соочуваат со насилство, честопати од оние кои треба да се грижат за нив, вели УНИЦЕФ во новиот извештај објавен денеска.

Во Извештајот – Познато лице: насилството во животот на децата и адолесцентите, употребени се најновите податоци за да се покаже дека децата доживуваат насилство во сите фази од детството и во сите околности.

„Неприфатливо е што деца од сите возрасти и во секој дел од светот се соочуваат со насилство онаму кајшто би требало да се чувствуваат најбезбедно – дома, на училиште и во заедницата. Уништувачките последици од насилството детето може да ги чувствува во текот на целиот живот, а честопати се пренесуваат од една генерација на друга“, рече регионалниот директор на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија Афшан Кан. „Овие наоди мора да бидат повик за будење за да ги заштитиме сите деца од насилство“.

Насилство врз децата во нивниот дом:

  • Три четвртини од децата во светот на возраст помеѓу 2 и 4 години – околу 300 милиони – доживуваат психолошка агресија и/или физичко казнување од нивните старатели дома;
  • Околу 6 од 10 едногодишни деца во 30 земји со достапни податоци редовно се подложуваат на насилна дисциплина. Речиси една четвртина од едногодишните деца физички се протресуваат како казна, а речиси секое десето едногодишно дете добива удари или шлаканици по лицето, главата или ушите.
  • Во светот, секое четврто дете под петгодишна возраст – 176 милиони – живее со мајка која е жртва на насилство од интимниот партнер.

Сексуално насилство врз девојчињата и машките:

  • Во светот, околу 15 милиони адолесцентки на возраст од 15 до 19 години доживеале принуден сексуален однос или друг вид присилни полови дејствија во текот на животот.
  • Само 1 отсто од адолесцентките кои биле жртви на сексуално насилство рекле дека побарале стручна помош.
  • Во 28-те земји со податоци, во просек 90 отсто од адолесцентките кои доживеале секс под принуда, рекле дека сторителот на првиот инцидент им бил претходно познат. Податоците од шест земји откриваат дека пријателите, соучениците и партнерите се меѓу најчесто наведуваните сторители на сексуално насилство врз машките адолесценти.

Насилство во училиштата:

  • Половина од населението на училишна возраст – 732 милиони – живеат во земји каде телесното казнување во училиштата не е целосно забрането.
  • Околу 3 од 10 адолесценти (17 милиони) од 39 земји од Европа и Северна Америка признаваат дека биле насилни кон други деца на училиште.
  • Во светот, скоро 130 милиони или нешто повеќе од една третина ученици на возраст од 13 до 15 години биле жртви на врсничко насилство.

Објавувањето на глобалниот извештај денес се поклопува со суб-регионалниот форум за зајакнување на собирањето податоци за насилството врз децата за да се унапреди застапувањето и политиките во шест земји и територии на Западен Балкан и Турција. Дводневниот настан во Белград, Србија е дел од програмата на Европската Унија, УНИЦЕФ и Европскиот форум за попреченост „Заштита на децата од насилство и промовирање на социјалната инклузија на децата со попреченост“, чија цел е зајакнување на националните системи за заштита на децата и обезбедување нивно социјално вклучување.

Во целата своја работа, УНИЦЕФ става приоритет врз напорите да се стави крај на насилството, вклучувајќи поддршка за напорите на државите да се подобрат услугите за децата погодени од насилство, да се изготват политики и закони кои ги штитат децата, и да им се помогне на заедниците, родителите и децата во спречување на насилството преку практични програми како на пр.курсеви за родителство и активности за борба против семејното насилство.

За да се ​​стави крај на насилството врз децата, УНИЦЕФ ги повикува владите да преземат итна акција и да ги поддржат упатствата ИНСПАЕР (INSPIRE), што се договорени и промовирани од СЗО, УНИЦЕФ и Глобално партнерство за искоренување на насилството врз децата, вклучувајќи:

  • Донесување добро координирани национални акциони планови за ставање крај на насилството врз децата – вклучувајќи ги образованието, социјалната заштита, правосудните и здравствените системи, како и заедниците и самите деца.
  • Менување на однесувањето кај возрасните и осврт на факторите кои придонесуваат кон насилството врз децата, заедно со економско-социјалните нееднаквости, општествено-културните норми со кои се охрабрува насилството, несоодветните политики и законодавство, недоволните услуги за жртвите, како и ограничените инвестиции во ефективни системи за спречување и одговор на насилството.
  • Фокусирање на националните политики врз минимализирање на насилното однесување, намалување на нееднаквостите и ограничување на пристапот до огнено и друго оружје.
  • Градење на системите за социјална заштита и обука на социјалните работници за упатување, советување и терапевтски услуги на децата кои доживеале насилство.
  • Едуцирање на децата, родителите, наставниците и членовите на заедницата за тоа како да го препознаат насилството во сите негови форми, и нивно јакнење да проговорат и безбедно да го пријават насилството.
  • Собирање подобро расчленети податоци за насилството врз децата и следење на напредокот преку цврст мониторинг и евалуација.
[better-ads type='banner' banner='999' ]