КАКО НАЈЛЕСНО ДА ГИ ИСЕЧЕТЕ БЕБЕШКИТЕ НОКТИЊА?

0
765

Негата на бебето во првите денови од неговиот живот подразбира и сечење на неговите минијатурни нокти, обврска од која што многу родители се плашат. Сечењето на ноктињата кај новороденчето бара поприлично време. Треба да знаете дека доколку го пропуштите нивното сечење барем еднаш неделно, се појавуваат гребнатини, особено на лицето, што е мошне честа појава. Врвовите на бебешките нокти треба редовно да ги сечете, за да не се изгребе бебето.
Повеќето родители се плашат да им ги сечат ноктињата на своите бебиња, така што тоа со задоволство би им го препуштиле на другите членови на семејството, се додека не се извежбаат. Секако, важно е да бидете внимателни и прецизни, за да не ги повредите бебешките прстиња.
Секако, ноктите на вашето бебе се помеки и полесно се виткаат од вашите, но не правете грешка – тие знаат да бидат и мошне остри. Имајќи предвид дека новороденчето има мала контрола над своите раце, лесно може да се случи неочекувано да го изгреба своето лице, или вашето, кога ќе почне да ги пружа рачињата и да ги испитува светот околу себе. Затоа, врвовите на бебешките нокти не смеат да бидат остри или скршени. Инаку, ноктите на новороденчето растат толку брзо така што можеби ќе мора да ги средувате и неколку пати неделно? За среќа, ноктите на нозете бараат поретко скратување. Нивното растење е релативно бавно, па првите шест месеци нема да биде потребно често сечење. Сепак, редовно проверувајте ги рабовите на ноктињата, кои можат да бидат многу остри, а нивното заплеткување во облеката мошне болно.

НА ПОЧЕТОКОТ – ПОИНАКОВ ТРЕТМАН

  • Во првите недели од бебешкиот живот, би било најдобро да се воздржите од сечење на ноктињата. Можете полека, со вашиот нокот, да ги „излупите“ врвовите на бебешките ноктиња. Ќе видите дека се мошне слаби и кршливи. И, не грижете се, нема да откинете цел нокот на тој начин.
  • Некои родители ги грицкаат ноктите на своите бебиња и на тој начин ги обликуваат. Но, со таа практика ризикувате пренесување на бактерии од вашата уста па дури и ако бебето има и сосема мала исекотина на прстот. Исто така, нема да бидете во состојба да видите што точно правите, бидејќи бебешките нокти се премногу ситни.
  • Ако имате трпение, и ако ноктите не се премногу долги, можете само да употребите турпија и нежно да ги обликувате.

ВРЕМЕ ЗА СЕЧЕЊЕ НА НОКТИТЕ

По извесно време, кога бебешките нокти малку ќе зацврснат, можете да ги скратите. Најдобро е да користите мали ножички со заоблени врвови, специјално наменети за бебиња (пред и по употребата можете да ги исчистите со малку вата натопена во алкохол). Исечете ги ноктите рамно, а потоа со турпија израмнете ги рабовите.

КАКО ТОА ДА ГО ИЗВЕДЕТЕ?

Најдобро е вашето бебе да ви седи во скут. Уверете се дека имате доволно светлина да го гледате она што го правите и секако да не погрешите. Благо притиснете ја јагодицата на прстот надолу, подалеку од нокотот, за да не ја исечете кожичката под него. Цврсто држете ја раката на бебето. Ноктите секогаш сечете ги во правилна, хоризонтална положба. Бебешката дланка и прстот придржувајте ги со една рака, а нокотот сечете го со друга.

МОЖНИ „СПАСОНОСНИ“ ВАРИЈАНТИ

Ако сте одлучиле да му направите на вашето бебе маникир додека е будно, ќе ви биде потребна помош. Некој треба да го држи за да не се врти премногу. Затоа, најпрво „зграпчете“ го партнерот, нека тој му привлекува вниманието на бебето, додека вие ја извршувате „операцијата“.
Ако бебето е многу немирно, најдобро е да му ги сечете ноктите додека спие. Исто така, добро време за сечење на бебешките нокти е после капењето, кога тие се најмеки.

[better-ads type='banner' banner='999' ]