Најчеста е надолжната положба на плодот со предлежечка глава (во повеќе од 96 отсто), додека кај околу 3,5 отсто од сите раѓања, предлежечки дел е карлицата/газето на плодот. Кај надолжната положба со газето, може покрај него да се презентираат и двете ножиња (комплетен карличен став), или едната нога со газето, а другата да е испружена до трупот ( непотполен/некомплетен карличен став) или пак двете ножиња да се испружени пред телото, а да предничи само газето (прост карличен став).
Карличната презентација е почеста кај предверемни породувања, кај повеќеплодова бременост, хидроцефалус на плодот, зголемена количина на околуплодова вода, тумори на матката, аномалии во градбата на матката (утерус бикорнус -дворога матка и слично). Но, кај половина од раѓањата со карлична презентација не може да се открие причината за таквата презентација на плодот.
Обично голем плод се нарекува онај кој има родилна тежина поголема од 4.500 грама. По правило голем плод треба да се смета секој кој има родилна тежина над 90 перцентили за соодветната гестациска недела.
Причина може да бидат конституционално или наследно исполнети услови (крупни родители и/или генетски потенцијал). Почесто како причина се јавува зголемената потпора за раст или засилената исхрана на трудницата (егзогени причини) или пак кај дијабетес поради хипергликемијата кај мајката (ендогени причини). Се надевам дека имате направено редовни контроли на гликемија и тест на оптеретување со гликоза, за откривање на евентуален гестациски дијабетес. Извонредно е важно дијагнозата за крупен плод да биде поставена навремено во текот на анепарталните контроли, поради можноста истиот да е перинатално загрозен како поради пропратните метаболички нарушувања, така и поради големата веројатност од продолжено тешко раѓање коеи најчесто завршува со апликација на вакум, форцепс или со царски рез.
За жал, одлуката за вртење на плодот во главична презентација не зависи од однесувањето или постапките на трудницата/ мајката.
Теоретски може да се проба при крајот на бременоста надворешно вртење за 180 степени на плодот, под високи дози на токолитици, метода која е оставена во историјата и не се применува во современото акушерство.
Раѓањето кај карлична презентација се смета за неповолно поради тоа што предлежи карлицата на плодот која послабо го отвара устието (за разлика од главата која е потврда и поголема).
Поради почестиот перинатален морбидитет и морталитет кај раѓањата во карлична презентација, се почесто се поставува индикација за царски рез. Во секој случај одлуката и индикацијата за вагинално раѓање или царски рез зависи од правовремената проценка на акушерот.