Никој не знае како розевата боја всушност почнала да се поврзува со облеката за девојчиња, но факт е дека оваа колорна дихотомија денеска не е лесно да се надмине, како што е се уште проблем надминувањето на останатите стереотипи врзани со родовите улоги.
Децата уште од најмала возраст можат да ги увидат родните улоги во семејството и да забележат што прави мама, а што тато. На тој начин до четиригодишна возраст децата веќе имаат изграден систем на очекувања од тие родови улоги. Ако не сакате кај вашите деца да се вгнездат стереотипите поврзани со родовите карактеристики, ви препорачуваме наизменична промена на улогите во домот, како на пример родителите наизменично да ја подготуваат вечерата.
Во спротивно, многу е веројатно дека еден ден ќе имате син кој е цврсто уверен дека жената е таа што треба да готви и да мие садови во домот. Верувајќи во тој стереотип, тој нема да биде способен да се погрижи ниту самиот за себе.
Давајќи му задача да изврши некоја домашна обврска, родителите делуваат позитивно врз развојот на детето од аспект на создавање на работни навики и чувство за одговорност, а доколку тие домашни обврски не се поделени според тие традиционални родови поделби, сте завршиле двојна работа.
Најважно е родителите да проценат кои работни обврски се во согласност со возраста, а не со полот на детето.
Детето на воздраст од две години може, на пример, да ги собере помалите играчки растурени по подот или пак да донесе пелена за себе или за помалото братче или сестриче и сл.
Детето на возраст од три години може да се вклучи во процесот на подготовка на храната, на пример да ви подава некои намирници кои во моментот ви се потребни, да меша со лажица доколку не станува збор за топла храна, да ви додава брашно, сол, шеќер.
Четиригодишните деца можат да бришат прашина, да ја поставуваат масата, да ја средуваат собата.
На пет години децата веќе можат самостојно да ја подготват масата за јадење, да го наместат својот кревет, да се погрижат за домашните милинеци и сл. Она што детето во својата четврта година го прави со помош се очекува детето на петгодишна воздраст да го направи самостојно.
Сепак, не дозволувајте да го претрупате со работни задачи и да му го ускратите безгрижното детство. Дозирајте ги работните обврски на тој начин што за детето ќе претставуваат забава и секогаш пофалете го кога добро ќе ја исполни задачата. И не заборавајте, нема женски и машки обврски.
Стереотипите се присутни и кога на децата им се купуваат играчки речиси исклучиво по однапред зададените родови модели.
„Во последните петнаесетина години детските играчки сѐ повеќе се подложни на родови поделби“, тврди францускиот социолог Кристин Гинет.
„Погледнете го примерот со „Playmobil“ и „Lego“. Претходно нивните производи биле наменети за сите деца. Денес „Lego“ изработува играчки за девојчиња на тема мајчинство и хигиена, а за момчињата на тема вселена и градежништво. Истото важи и за „PlayMobil“, забележува таа.
Единствениот напредок од железните стереотипи „розево е за девојчиња, сина е за момчиња“ се забележува во гастрономијата. Имено, со напливот од кулинарски ТВ емисии во кои мажите се често позади шпоретот, се појавиле жолти, портокалови и виолетови играчки за момчиња кои можеби и нешто би зготвиле.