За да им помогнеме на нашите деца да се соочат со своите чувства, прво треба да знаеме дека постои непосредна врска помеѓу она што децата го чувствуваат и нивното однесување. Кога вашето дете покажува некое однесување кое во тој момент Вие не можете да го прифатите запрашајте се која емоција е причина за таквото однесување и дали доколку детето чувствува задоволство ќе го манифестира тоа однесување. Всушност, кога децата добро се чувствуваат, тие така и се однесуваат. Тоа не значи дека тие треба да чувствуваат само пријатни емоции, бидејќи тоа не е реално. Улогата на родителите е да им дозволат да чувствуваат и непријатни емоции (лутина, тага, срам, гнев) и да ги подготват за реалниот живот во кој се случуваат и добри и лоши нешта. Целта не е да им забраниме да чувствуваат туку да ги научиме како со тие емоции да се соочат и како да не манифестираат непожелни постапки во однесувањето. А тоа ќе го постигнеме така што ќе ги прифатиме нивните чувства.
Што тоа значи? На пример, кога вашето дете плаче, прво што еден родител треба да знае е дека има причина за тоа и покрај тоа што за Вас е некогаш таа „глупава“ причина. Емоциите се знаци дека нешто зa индивидуата е важно а тоа што е важно за возрасните не е истовремено важно и за децата. Кога детето плаче за искршената играчка (што за нас е можеби „глупава“ причина), тоа значи дека за детето тоа е важно. Најголемите грешки што ги прават родителите е кога во такви моменти велат: „Ајде доста не плачи, ќе купиме нова, зарем за една играчка ќе плачеш, види уште колку играчки имаш“ итн., бидејќи на тој начин наместо да го смирите детето, детето станува раздразливо, интензитетот на емоцијата расте, а тоа уште посилно плаче, бидејќи има потреба да Ве убеди колку му е важна таа играчка.
Она што е правилно во тој момент да се направи е да се прифати тоа чувство. Во конкретниот пример причина за плачењето е емоција – тага. Да се прифати тагата значи да се именува што во конкретниот пример би било: „Звучи дека многу се натажи што ти се скрши играчката?“
Следен чекор би бил покажување разбирање (пр. „Те разбирам и јас би била тажна кога би ми се скршил драг предмет“) и гушкање на детето. На овој начин прво ги учите децата да ги препознаат своите чувства, второ ги учите како да се соочат со емоциите (чувствата), а трето и што е најважно за Вас како родители кај детето наместо да се интензивира емоцијата, таа ќе стивне и детето ќе престане да плаче, а тоа е и вашата цел, нели?
Бидете трпеливи и упорни кога ја употребувате оваа техника. И ако не ви успее при првиот обид, не се откажувајте. Разбирливо е дека е потребно време она што претходно сте го спроведувале да го смените, но можете да вежбате и да научите како да бидете подобар родител и како да му помогнете на вашето дете да се соочи со емоциите. Покрај родителите оваа задача ја имаат сите позначајни фигури (баба, дедо, тетка, учителка итн.) кои учествуваат во процестот на воспитување на детето.
М-р Катерина Наумовска-Ристовска, клинички психолог
Сертифициран тренер по емоционална писменост
Обучувач во работилниците за родители: СО МАЛА РАБОТИЛНИЦА ДО ГОЛЕМИ РОДИТЕЛИ
Центар за едукација Гравитрон- Скопје
Фб: Гравитрон -Скопје