Во првите месеци од бебешкиот живот повеќето родители цуцлата ја доживуваат како најдобар сојузник, бидејќи благодарение на неа бебето ќе престане да плаче и полесно ќе заспие. Меѓутоа, по година-две цуцлата станува кошмар бидејќи детето не сака да се откаже од цуцлата по никоја цена.
Еве неколку совети кои ќе ви помогнат да го решите овој проблем.
ПОЧНЕТЕ НА ВРЕМЕ
Третиот месец е, сметаат стручњаците, вистинско време за постепено одвикнување од цуцла. За почеток ќе биде доволно на бебето да му давате цуцла во текот на целиот ден, посебно ако е мирно и задоволно. Кога ќе заплаче обидете се да го утешите со прегратки и со галење.
НЕ БИДЕТЕ ГРУБИ
Психолозите велат дека наглото одвикнување од цуцла може само да наштети и затоа цуцлата не смеете да ја фрлате ниту, пак, да ја мачкате со лута пиперка и слични продукти кои предизивкуваат гадење и голема непријатност кај децата. Со тоа само ќе предизвикате бес и солзи кај детето. Наместо тоа, разговарајте со детето и објаснете му зошто треба да се откаже од својот омилен реквизит. Кажете му дека е голем и дека возрасните немаат цуцли.
БЕЗ КАРАЊЕ
Детето не треба да го карате, бидејќи така ќе предизвикате контраефект, па цуцлата нема да ја вади од уста. Не споредувајте го своето дете со другите деца, бидејќи излегувањето од оралната фаза е индивидуална работа. Го сонувате денот кога вашето дете ќе ја фрли цуцлата во корпата за отпадоци? Бидете стрпливи. Ќе го направи тоа кога ќе биде спремно.
ЗАЕДНО НАПРАВЕТЕ ПЛАН
Постојат деца кои и после третата година одбиваат да се одвикнат од цуцлата – лажливка.На таа возраст детето е веќе доволно големо за заедно да направите план за исфрлување на цуцлата. Заедно одберете план кога тоа ќе го направите и ветете му некој подарок. Договорете цуцлата до „специјалниот“ ден да ја користи само во одредени ситуации, на пример, пред спиење. Сите членови на семејството треба да бидат запознаени со планот за одвикнување и да му помогнат на детето да го надмине „проблемот“.