ГО САКАМ ТАТО

0
446

Прво сте го носеле грижливо девет месеци, сте го родиле со големи болки, сте бдееле над него, сте го доеле, сте го галеле и сте внимавале на него, сте го држеле за раче кога требало да прооди и сте плачеле кога првиот збор што го изговорило било мама. И тогаш доаѓа денот кога вие сте во втор план и кога по цели денови слушате „го сакам тато“, „тато и јас“, „мојот тато ова“, „мојот тато она“.
Мајките на кои им се случуваат вакви епизоди длабоко во себе знаат дека детето ги сака и дека им е приврзано, не чувствуваат љубомора кон партнерот, но сигурно им е криво што одеднаш од центар на нивното внимание доаѓаат во ситуација да слушаат „не те сакам тебе, каде е тато?“.

ТРЕТО ТРКАЛО

Потребите на детето во втората или во третата година се менуваат и стануваат покомплицирани. А кога детето има потреба да нема потреба за вас, тоа пецка, ако веќе не боли.
Причините за таквите настани може да бидат различни. Можеби детето сака уште повеќе внимание од вас, а можеби навистина е во фазата “тато”. Тато го фрла во воздух, тато со него се брка и се бори, тато може да го поправи автомобилчето, тато прави најсмешни гримаси, тато едноставно е најдобар. Во секој случај, станува збор за фаза која сигурно ќе помине, и кај девојчињата и кај момчињата.

УДАР НА МАЈЧИНСКОТО ЕГО

Она што е поважно од причините за таквото однесување на детето е како ќе се однесувате вие во оваа ситуација. Најверојатно ќе ги послушате желбите на малечкото, ќе се повлечете и намуртено од аголот ќе набљудувате како се забавува со тато. Но, тоа не е најдобро решение. Многу мајки ќе ви кажат дека сакаат кога детето ќе се „залепи“ за таткото, па тие можат да завршат некоја работа во градот, во дворот или во домот, односно да имате малку време за себе.
Тие мајки не го доживуваат „го сакам тато“ како удар на своето его, самодоверба или блискост со детето. Факт е дека детето во еден момент има еднаква потреба за дружење и со мама и со тато, а понекогаш повеќе за тато или за мама. Тоа е така во текот на целиот период на растење. Тоа не значи дека детето помалку ве сака или цени.
Оставете го да ги изразува своите мисли, желби и чувства, а кога повторно ќе се “залепи” за вас, кога најмалку очекувате, ќе заборавите на вашата параноја.

[better-ads type='banner' banner='999' ]