Фифи Јаневска: Знаев дека сум женско уште на 5 години

Татко ми ми кажа дека за него и за мојата мајка ништо на светот не е поважно од мојата среќа и мојот душевен мир, вели Фифи која за првпат се појави во јавноста настапувајќи на музичкото шоу „Икс фактор“, а денес живее во Стокхолм и е на пат конечно да го оствари сонот - да стане жена.

0
5582

Фифи Јаневска за првпат се појави во јавноста како дел од музичкото шоу „Икс фактор“ и се претставуваше како трансродова личност, а подоцна за неа беше снимен и документарен филм на Факултетот за драмски уметности. Денес Фифи живее во Стокхолм, Шведска, работи во главниот бутик на „Пул енд Беар“, повремено има настапи како пејачка, и сѐ уште го чека својот социјален личен број кој ќе ѝ обезбеди бесплатна трансформација во жена и остварување на долгогодишниот сон.

Во интервјуто за „Мајка и дете“, навраќајќи се во минатото, Фифи раскажува дека знаела дека е женско уште на петгодишна возраст и дека после сите непријатности и проблеми во семејството и со средината, денес е конечно среќна и ја има сета поддршка од родителите, роднините и пријателите на кои, како што вели, најважна им е нејзината среќа и душевниот мир.

Фифи, дали може да се вратиш малку наназад и да ни кажеш кога првпат сфати дека си жена?

– Јас спознав дека сум женско кога имав 5 години. Транс лицата се свесни кои се и што се од многу мала возраст, за жал, некои од нас поради општеството и стравот, тоа го кријат долго време или цел живот, а поголем дел се самоубиваат.

Медицината и биологијата велат дека додека се формира фетусот во почетокот на бременоста сите почнуваат како женски, подоцна, доколку фетусот добие доволна количина на тестостерон, клиторисот се издолжува и преминува во машка гениталија. Понекогаш се случува во првите два до три месеци на бременоста, додека мозокот се формира брзо, женски ембрион да е изложен на повеќе тестостерон од нормалната количина која е потребна и тогаш нејзиниот мозок се прилагодува такашто таа подоцна се чувствува како да е од машки род, доколку пак се намали нормалната доза на тестостерон кај машкиот ембрион, тогаш се случува неговиот мозок да се прилагодува и е програмиран да се чувствува како да е од женски род.

На овој начин се раѓа транссексуална личност како што сум јас.

Неодамна беше објавено дека во Австралија е воведен програм уште во градинките кадешто им се дава поддршка на 4-годишни трансродови деца. Наспроти ова, во Србија на пример, се прават многу операции, но само на полнолетни личности. Што мислиш ти за ова врз основа на својот пример, дали сметаш дека децата можат толку рано да бидат сигурни во врска со тоа како се чувствуваат или е попаметно сепак да се чека до полнолетство?

– Лично сметам дека децата треба да ја поминуваат транзицијата од мала возраст. Во Америка е тоа дозволено и процесот секогаш може да се прекине доколку детето се предомисли, што речиси никогаш и не се случува, бидејќи колку порано се почне процесот, толку полесно се поминува транзицијата.

До каде си со својата трансформација во жена, како тече процесот и како се чувствуваш?

– Сѐ уште ја немам направено операцијата за прилагодување кон родовиот идентитет, и сум на самиот почеток на транзицијата. Главната причина за ова е тоа што го чекам шведскиот персонален број за целиот процес да го поминам бесплатно. Тука во Шведска транзицијата е основно човеково право за кое трошоците ги покрива државата, бидејќи ова е лекување на една личност која е родена со еден родов идентитет, но со полов орган кој е спротивен на тој родов идентитет. За да се помине целиот процес потребни се максимум 2 години. Прво се посетува психијатар кој потврдува дали си транссексуална личност, потоа следуваат уште неколку посети кај психолог и социјален работник, има цел тим кој помага низ овој процес, за на крајот, кога ќе биде завршена операцијата да бидат сменети документите и полот кој бил зададен при раѓањето. Откако ќе се потврди дека си транссексуална личност, се започнува со процесот на заменување на хормоните, кај машките транслица кои преминуваат во женски, како во мојот случај, се прима блокатор за тестостерон и естроген, кои помагаат телото да стане пофеминизирано. Се менува цела структура на телото и транс лицата кажуваат дека по првото примање на естроген конечно се чувствуваат посреќни и ја снемува депресијата. Во меѓувреме, државата го плаќа и ласерското отстранување на влакната од телото и брадата, потоа следи (доколку се сака) силикон во градите, отстранување на адамовото јаболко и на крај, после година ипол, кога личноста е подготвена, се прави главната операција за прилагодување кон родовиот идентитет. Јас овој процес ќе го завршам, се надевам, за година ипол од сега.

Дали во новата средина се чувствуваш подобро отколку што беше случај во Македонија, со оглед на тоа што во нашата средина имаше често и непријатности поради својот изглед и тоа како се чувствуваш?

– Споредба за моето лично искуство во Македонија со ова во Шведска воопшто не можам да направам бидејќи, за жал, Македонија, во менталитетот, науката, најновите медицински истражувања, е добри 70 години поназад од Европа. Тоа е многу тажно, но во исто време сум среќна што има мал напредок во тоа општество. Шведска е земја која треба да е пример за неразвиените општества и тоа во кој правец треба да се движат за сите граѓани да се еднакви, среќни и слободни. Овде нема предрасуди и човековите права се ставени на прво место, затоа и нема ниту насилство, ниту дискриминација. Овде на луѓето им е срам да дискриминираат, и не можат да сфатат како некои општества можат тоа да го прават.

Остана ли во контакт со некои од твоите стари пријатели, со родителите?

– Јас сум во добар контакт со сите мои стари пријатели, и во подобар однос од кога и да е со мојата фамилија и со моите родители. Сите тие ми се неизмерна поддршка и се среќни кога и јас сум среќна.

Татко ми ми кажа дека за него и за мојата мајка ништо на светот не е поважно од мојата среќа и мојот душевен мир. Јас сум благословена што покрај себе имам такви луѓе кои неизмерно ги сакам.

Познаваш ли и други трансродни личности, дали нивните искуства ти беа драгоцени?

– Јас се познавам со многу транс личности, имам пријатели кои моментално го поминуваат процесот, пријатели кои го завршиле и пријатели кои се пред самата транзиција. Сите ние делиме слична судбина и се поддржуваме меѓусебе, бидејќи никој не може да сфати како ни е, освен ние самите. Тоа што го велат сите кои завршиле со процесот комплетно е дека се неизмерно среќни, комплетни, слободни и свои.

Зошто се одлучи за Шведска, а не отиде на пример во Србија, барем кога станува збор за операција за менување на пол, со оглед на тоа што таму доаѓаат луѓе од целиот свет и докторот кој пред два дена за првпат изврши ваква операција и во Скопје е еден од најголеми стручњаци во оваа област?

– Се одлучив да живеам во Шведска, бидејќи демократијата тука е на многу високо ниво, и е една од најнапредните држави во светот. Ја сакам Шведска и никогаш нема да ја напуштам, овде се пронајдов себеси целосно, слободна сум, своја, имам пријатели и сѐ што ми е потребно за да живеам убав и среќен живот. Во Србија никогаш не би можека да живеам бидејќи иако имаат парада и се прават операции, таа држава е 10 пати поопасна од Македонија кога станува збор за ЛГБТ заедницата. Таму на улица може да те претепаат или да те убијат само затоа што си трансородова личност и да не одговараат за тоа. За мене Србија е малограѓанска земја.

Драгица Христова

[better-ads type='banner' banner='999' ]