Едукација за безбедност и здравје на учениците

Преку заедничкиот проект на Пивара Скопје и општините четвртоодделенците добиваат совети како правилно да го држат телото во училишната клупа, при работа со компјутер, како правилно да го носaт ранецот, како да спречат повреди предизвикани од лизгање, препнување и паѓање и како да постапат при евентуална појава на пожар во училиштето.

0
81

Веќе четврта година по ред, Пивара Скопје, во соработка со општините, го реализира едукативниот проект на теми поврзaни со здравјето и безбедноста, наменет за учениците од четврто одделение. Оваа година со едукацијата беа опфатени над 8.000 ученици во 114 основни училишта во 11 општини и градови ширум земјата. Со ова, вкупната бројка на ученици кои во овие четири години имaа можност да се едуцираат за безбедни и здрави школски денови надмина 17.000.

Проектот се реализира преку интерактивни и сликовити презентации кои се прилагодени на возраста на учениците, преку кои тие, во присуство на своите наставници, добиваат совети за тоа како правилно да го држат телото при седење во училишната клупа и при работа со компјутер, како правилно да го носaт школскиот ранец, како да спречат повреди предизвикани од лизгање, препнување и паѓање и за тоа како да постапат при евентуална појава на пожар во училиштето.

Традиционално, и оваа година, реализацијата на презентациите официјално започна на 28. aприл – Меѓународниот ден за безбедност и здравје при работа. Во изминатите пет недели, презентациите ги изведуваа над 70 вработени во Пивара Скопје во што се вложени над 160 часови волонтерска работа. Сите вработени во компанијата редовно се обучуваат во областа на здравјето и безбедноста при работа, со што стекнуваат соодветно знаење кое преку овој проект имаат можност да им го пренесат и на учениците.

„Уште од почетокот на овој проект во 2014-та година, наидуваме на исклучително позитивен прием кај учениците кои со голем ентузијазам ги прифатија советите што им ги пренесуваме преку овие презентации. Тоа ни влева дополнителна енергија и мотив да продолжиме со ваквиот вид проекти чија цел е да ја поттикне и развие свеста кај најмладите за значењето на правилата кои обезбедуваат безбедни и здрави школски денови“, изјави Ламбро Патче – менаџер за односи со јавност и комуникации во Пивара Скопје, потсетувајќи дека оваа година компанијата започна и проект за едукација на учениците од прво до петто одделение за начинот и придобивките од рециклирањето и правилниот третман на отпадот. „На ваков начин, преку спој на едукација и забава, се обидуваме кај најмладите да создадеме здрави навики и вистински однос кон заштитата на животната средина кои според сите искуства најдобро се стекнуваат уште во рана возраст. Среќни сме што имаме ваква можност преку која можеме да го дадеме нашиот придонес кон создавањето здрава генерации и одржлива иднина за сите“, потенцира Патче.

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]