Нилс Бергман, шведски лекар со африканска адреса, почесен виш предавач на Универзитетот во Кејптаун, во родилиштето Mowbray Maternity Hospital работел како виш лекарски надзорник и годишно надгледувал околу 18.000 породувања.
Неговото предавање од работилницата „Пронаоѓање на вистината за породувањето“ го пренела Кејти Доуб, оснивач на непрофитната организација BirthWorks International, која се бави со едуцирање на медицинскиот персонал за породувањето.
Инаку е физикална терапевтка која се занимавала со деца со посебни потреби 30 години. Бергмановото предавање го споделила на блогот на новинарката Џенифер Маргулис.
Доктор Бергман вели дека не смееме да работиме против природата затоа што со тоа долгорочно им нанесуваме штета и на бебето и на мајката. Според него, има само две вистини:
- Бебињата и мајките не треба да се раздвојуваат после породувањето.
- Мајката не смее да биде сама после породувањето
Според Бергман, овие истини се апсолутни и секогаш треба да се тежнее кон нив. Одвојувањето не смее да се случи и тоа е наука, вели тој. Секако, се сложува дека постојат здравствени ситуации и компликации поради кои мајката и бебето мора да се одвојат, но кога станува збор за нормални околности, тие мора да бидат заедно.
Нема основа мајката и бебето да се раздвојуваат после породувањето, истакнува Бергман. Важно е да се сфати како функционира бебето, вели тој.
Бебето е 100 отсто зависно од мајката. Дури и едногодишно дете е 99 отсто зависно од мајката.
Одвојувањето на прерано родените бебиња и нивното престојување во инкубатор долгорочно лошо влијае врз мозокот на тие бебиња.
Тие се целосно лишени од влијанието на мајката, од нејзиниот глас, допир и тешењето, кои го хранат физичкиот, психолошкиот и невролошкиот развој на бебето. Недостатокот на заштита и поддршка, детето ги доживува во токсичен стрес. Одвојувањето на мајките и бебињата во сите случаи претставува токсичен стрес.
Спротивност на тоа е „кенгурската нега“, носењето на детето, кога мајката и бебето се близу. Тогаш се произведува окситоцин, хормон на среќата и љубовта.
Нашата биологија е да не се одвојуваме од мајката. Ниту едно животно не спие во одвоено креветче. Само луѓето ги одвојуваат своите потомци од себе. Тоа не е природно, и тоа го чувствуваат и мајката и бебето. Близината на мајката влијае на апсолутно секој елемент на бебето вклучувајќи ги и работата на срцето, апетитот, ослободувањето на хормоните и интензитетот на актиностите, истакнува Бергман.
Како го доживува бебето одвојувањето од мајката?
Како опасно по живот. Тоа предизвикува дисрегулација на телесната физиологија, на работата на срцето, температурата, начинот на спиење, излачувањето на кортизол и слабеењето на имунитетот. Одвојувањето предизвикува и стрес и води кон производство на хормонот на стрес – кортизол. Др. Бергман смета дека и прерано родените бебиња треба да бидат постојано до мајката.
Контактот кожа на кожа е докажан во долгогодишните истражувања и мора да почне со раѓањето, а потоа и да се продолжи. Неговите искуства покажале и дека бебињата кои се одвоени од мајката многу полошо спијат и тешко го воспоставуваат циклусот на спиење.
Зошто мајките не смеат да останат сами?
Мајките не треба да се остават сами затоа што кога со нив има некој возрасен, тие се чувствуваат сигурно и можат целосно да му се посветат на бебето, што е исклучително важно. Во првите недели после породувањето, важно е на мајките да им се пружи поддршка, утеха, потпора, помош и сигурност.
Детето ќе биде посмирено, подобро ќе јаде, ќе спие и ќе се развива, а мајката ќе биде помалку под стрес.
Доктор Бергман вели дека се може да се сведе на следното:
Фетусот прашува „Дали сум сигурен?“ Ако се чувствува сигурно, неговото тело ќе произведува окситоцин. Ако чувствува дека не е сигурно, ќе произведува вазопресин, хормон на стрес, а потоа и кортизол.
Колку долго треба да се дозволи мајката и бебето да бидат во контакт кожа на кожа?
Се додека бебето не покаже дека му е доста, заклучил Бергман.