Сите деца имаат право да бидат заштитени од насилство, експлоатација и злоупотреба, поради тоа потребно е јакнење на националните системи и служби за превенција за откривање, упатување и справување со случаите на деца-жртви на насилство и злоупотреба и на оние деца во ризик кои стануваат жртви.
Ова беше констатирано од учесниците на денешната конференција за заштита на децата-жртви во правните постапки организирана од Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, а во соработка и со финансиска поддршка на канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.
Заменик претставникот од УНИЦЕФ, Елспет Ериксон рече дека посветуваат значителни ресурси во Македонија за да се обезбеди целосно почитување на правата за заштита од насилство, експлоатација и злоупотреба на децата. Таа изнесе податоци од едно истражување спроведено во 2011 година кое, како што рече, покажува дека скоро 70 отсто од децата на возраст од две до 14 години биле предмет на некоја форма на насилна дисциплинска постапка.
– Сите наши искуства покажуваат дека насилството врз децата има влијание врз целиот нивен живот – рече Ериксон и додаде дека тоа е неприфатливо и мора да биде казнето.
Истакна дека сведочењето во судница може да биде трауматично за детето и може да биде дополнително усложнето затоа што тоа стравува за својот живот, за животот на своето семејство.
– Па затоа обврска на сите кои работиме на оваа тема е да направиме искуството и доживувањето на детето-жртва да биде колку што е можно помало – рече таа.
Џулијана Мишевска од Основното јавно обвинителство Скопје говорејќи на темата „Кривично правна заштита на децата-жртви, мерки на процесна заштита и мултисекторски тимови“ ја посочи меѓу другото потребата од спроведување обуки за судии и јавни обвинители кои земаат изјави од децата-жртви и децата-сведоци во постапката.
Изјавите од овие деца, како што рече, треба да се земат само еднаш, да бидат кратки и притоа детето да не се соочува со сторителот.
Мишевска на конференцијата изнесе податоци од истражување за состојбата со сексуалната злоупотреба на децата изработено од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ, а финансирано од УНИЦЕФ, а се работи за деца на возраст од 4 до 8 години и најголемиот број Македонци по националност.
– Од нив 89 отсто редовно посетуваат настава, најчесто се во добра здравствена состојба, а само 9 отсто имале ментално нарушувања. Дури 87 отсто од децата жртви на сексуално насилство потекнуваат од брачна заедница и најчесто се злоупотребени од родител, од близок роднина, сосед, наставник… – рече Мишевска.
Истражувањето покажало дека лицата кои работат со деца-жртви на сексуална злоупотреба немаат доволно обука и не располагаат со вештини и знаења за постапување.