Иницијативата „Ајде да играме заедно“ која ја почнаа децата од III б одделение во училиштето „Димитар Миладинов“, заедно со нивните родители и наставникот, има за цел да пренесе порака до возрасните да им се обезбедат лекови на децата со ретки болести, за да можат да играат фудбал, да возат велосипед како другите деца, накусо, да играат сите заедно.
Идејата е оваа иницијатива да прерасне во традиција која ќе ја прифатат и останатите одделенија и училишта.
Инаку, според информациите од родителите, во одделението нема ниту едно дете кое боледува од некое ретко заболување, но тие сепак ја поддржуваат оваа иницијатива со која освен што сакаат да придонесат за подобрување на животот на овие деца, и да ги научат своите деца да немаат предрасуди.
Целта е да се подигне свеста и да им се овозможи полесен пристап до лекови, пристоен живот и семејство и намалување на несаканите дејства и смртните случаи.
Во Македонија се регистрирани 450 лица со ретки болести, од кои дури 80 отсто, односно, околу 360 се деца. Кај нас се регистрирани 70 ретки заболувања.