Дали умниците треба да се вадат?

Обично никнуваат меѓу 18. и 25. година. Се случува да никнат и подоцна, а многу често и воопшто не се формираат во вилиците и целосно изостануваат.

0
1057

Умникот или третиот катник е последниот заб во забниот низ. Обично никнува меѓу 18. и 25. година. Се случува да никнат и подоцна, а многу често и воопшто не се формираат во вилиците и целосно изостануваат.

Причините зошто умниците често прават проблеми при изникнувањето се различни. Како една од главните причини се смета дека при биолошкиот развој на човекот се случуваат одредени промени. Како се менувал начинот на исхраната низ еволуцијата, се намалувала и големината на вилиците и затоа овој проблем во денешно време е сè поприсутен.

Во периодот кога никнуваат умниците, веќе сите трајни заби се изникнати во двете вилици. Во некои случаи изникнуваат делумно, оставајќи половина од забот да биде покриен со гингивата, но најчесто поради немањето место остануваат длабоко во вилицата. Постојат разлики и во градбата на горната и долната вилица. Горната вилица има посунѓереста градба и забите полесно се пробиваат, додека долната вилица е покомпактна и забите обично остануваат заглавени, особено во делот на гранката од долната вилица.

Недоволното или неправилното никнување на овие заби може да биде проблем. Обично тие заби тешко можат убаво да се исчистат од забните наслаги и многу брзо ги зафаќа кариес. Ако се делумно никнати меѓу забот и гингивата останува простор кој лесно се полни со остатоци од храна и е добра подлога за брз развој на бактериите. Често овој делод гингивата е зацрвенет, отечен, има непријатен мирис и болка која може да се шири надолу по вратот, кон увото и да предизвика ограничено отворање на устата (тризмус).

При никнењето умниците вршат притисок на соседните заби и често ги искривуваат. Затоа при ортодонтска терапија многу често пред поставување на фиксните протези, ортодонтите прво препорачуваат овие заби да се извадат.

Најдобар период за вадење се смета дека е околу 25-тата година, додека коренот на забите не е дооформен и вилицата не е во целост развиена. После 30-тата година вилиците стануваат покомпактни и опоравувањето е потешко и подолготрајно. Вадењето е по хируршки пат, најчесто со локална анестезија. Заздравувањето е брзо , најчесто 7-10 дена.

Доколку умниците растат правилно и не прават никакви проблеми, тогаш тие се драгоцени како и секој друг заб. Со правилно одржување на оралната хигиена и редовните контроли кај стоматолог, овие заби можат да нè служат долги години.

Пишува: Јасмина Трајковска – Пети

[better-ads type='banner' banner='999' ]