Жените во Бугарија своите први деца ги раѓаат во просек на 26-годишна возраст, што ги прави најмлади мајки на новороденчиња во рамки на ЕУ, покажуваат податоците на Европската статистичка агенција – Евростат за 2015 година. Според податоците на Евростат, според БТА; во 2001 година во Бугарија се родиле 68.180 деца, а во 2015-та 66.150, со што се потврдува негативната демографска тенденција во земјата.
Податоците на бугарскиот Национален статистички институт (НСИ) покажуваат дека во 2001 година во Бугарија имало нешто над 4 милиони жени, додека во 2015-та таа бројка изнесувала 3,6 милиони или 400.000 помалку.
Прогнозите на НСИ велат дека се очекува трендот на намалување на бројот на жените во Бугарија да продолжи и во следниот период и во 2020 година да изнесува 3,5 милиони. Доколку продолжи ваквата тенденција, во 2070 година се проектира во Бугарија да има 2,5 милиони жени или 1,1 милион помалку од сегашната бројка.
Паралелно со намалување на бројот на жени, Бугарија бележи и пад на бројката на бракови, а зголемување на цифрата на разводи. Според НСИ, во периодот 2001-2015 бројот на разводи во Бугарија се зголемил за една третина.