БЕЗБОЛНО ОДВИКНУВАЊЕ ОД ПЕЛЕНИТЕ

0
1904

Летото кое е пред врата е идеално доба за одвикнување на малите деца од пелени. Повеќето деца се подготвени за одвикнување од пелени помеѓу 18-от и 24-от месец од животот, но девојчињата за тоа неретко се подготвени порано од момчињата. Постојат неколку параметри со кои можете да процените дали вашето дете е подготвено да ги отфрли пелените.

ПОДГОТВЕНОСТ

Најпрво проверете дали вашето дете воопшто е подготвено на излегување од пелените, дали може да ги покаже своите потреби. Секогаш тргнувајте со охрабрување и потпора. Ако детето одбива да ги отфрли пелените, вашиот притисок само ќе создаде напнатост и ќе предизвика нов отпор.

Доколку детето има редовна столица, го имитира вашето однесување во бањата, сигнализира кога му се мокри или мора да изврши голема нужда, ги разбира едноставните упатства, не сака да биде мокро во пелената, не е во фаза во која се одбива, нормално оди и седи, покажува потреба за самостојност… е подготвено за одвикнување. Важно е на детето да му создадете рутина.

ОДВИКНУВАЊЕ

Вооружете се со трпение и упорност! Бидејќи детето полесно ги контролира цревата отколку меурот, добро е да почнете со голема нужда. Избегнувајте го делот од денот во кое детето спие или кога е раздразнето или гладно. Не го принудувајте ако се плаши. Земете пауза од неколку дена или обидете се повторно. На почетокот дозволете му на детето нокширот да го смести каде што му е најпријатно.

Но, тоа не значи дека треба да го ставите пред телевизорот, бидејќи нокширот така ќе се претвори се само не во место за извршување на нужда. Кога детето ќе се навикне на нокширот, ставете го во бањата. Немојте да се лутите ако детето направи грешки или неред. Негативната реакција би можела да го доведе до опстипација (запек), па детето ќе почне да ја задржува столицата.

СТРАВ

Детето можеби одбива да седне на нокширот бидејќи се плаши. Обидете се со поинаков облик, со различни украси за тоалетната школка или едноставно одењето во тоалет направете го забавно. Понекогаш помага ако на детето му објасните каде сето тоа заминува. Тоа ќе му помогне да го поврза седењето со резултатот. Дозволете му на детето, на пример, само да пушти вода од казанчето.

ХИГИЕНСКИ НАВИКИ

Погрижете се секогаш после седењето на нокшир детето да ги измие рацете. Претворете го тоа во забава. Децата сакаат да си играат со вода, па ако детето изврши нужда во нокшир, дозволете му за награда, додека ги мие рачињата, неколку минути да ужива во играњето со вода.

ДОСЛЕДНОСТ

Тоа е златно правило на воспитувањето. Ако со детето одите во шопинг, не посегнувајте по пелена. Нека само ја изврши нуждата пред да излезете од дома. Кога ќе одлучите да почнете да го одвикнувате своето дете од пелени, погрижете се и останатите да бидат вклучени во тој процес.

НОЌНО ОДВИКНУВАЊЕ

Дури и кога детето е научено преку ден да користи нокшир, ноќното одвикнување е речиси посебен процес. Детскиот организам, имено, се уште не е доволно развиен за да може во текот на ноќта да праќа сигнали за потребата за одење во тоалет. Во прво време не му давајте премногу течности пред спиење и навикнете го на седење на нокшир ако мора да мокри во текот на ноќта. Некои родителите го оставаат нокширот покрај креветот.

НЕ ВО СТРЕСЕН ПЕРИОД

Ако во вашиот живот во моментот се случува нешто необично, почекјате со одвикнувањето додека состојбата не се смири. 

[better-ads type='banner' banner='999' ]