Повредата на забите е многу честа појава во детската возраст. Првите чекори, детската игра, спортувањето, сообраќајни незгоди се само дел од причините.
Посебно се погодени горните секачи, пред сѐ, поради својата поставеност и директниот контакт со предметот што ја предизвикува траумата.
Овие повреди можат да ги опфатат млечните и трајните заби, меките и коскените ткива на орофацијалната регија. Оштетувањето на ткивата може да доведе до губење на забот, нарушувања на џвакалната функција и говорот, како и естетски проблеми.
Фрактура на коронката и коренот, расклатеност, втиснување на забот или пак негово избивање, пропратено со слабо или појако крварење од меките ткива е најчестата клиничка слика. Затоа од голема важност е што побргу да се посети стоматолог. Многу е важно доколку се најде скршениот дел од забот или ако дојде до избивање на забот да се земе и да се стави во физиолошки раствор или пак во млеко и така да се однесе кај стоматологот.
Поради воздраста и вознемиреноста на децата прегледот, дијагнозата и терапијата се отежнати.
Прво се санира крварењето доколку го има, па се прегледуваат повредените заби. Се проверува виталноста, дали има крварење од пулпата. Од голема помош е и рентген дијагностиката со чија помош се утврдува состојбата на потпорните ткива.
Успешноста на терапијата најчесто зависи од тежината на повредата, кога е започната терапијата и секако од посветеноста и упорноста на пациентот и стоматологот.
Пишува: д-р Јасмина Трајковска – Пети