Ели Пешева е директорка за комуникации во агенцијата „Њу момент“. Таа е мајка на две девојчиња, Ена и Лана, на возраст од 12 и 8 години. Инаку е дипломиран новинар и магистер по комуникации и односи со јавност.
Станавте ли подобра личност и на кој начин откако сте мајка?
– Речиси да не можам да се сетам каква сум била пред да станам мајка на Ена и Лана. Претпоставувам дека младешката храброст, авантуризмот суптилно ги сменија местата со одговорноста и грижата, но верувам дека сум го сочувала карактерот кој во нивните очи ме прави уникатна.
На какви вредности ве научиле Вашите родители и на какви вредности Вие ги учите Вашите деца?
– Пораснав во семејство од средна класа, весело и позитивно, полно со љубов и разбирање. Главната лекција од моите родители ми била дека е сосема во ред да сонувам големи соништа, но исто така да не очекувам дека некој друг треба да се грижи да ми ги оствари. Прецизна амбиција, напорна работа, и комплетно уживање во процесот, на тоа ме поттикнувале во мојата младост. За несреќа, татко ми го изгубив кога имав 16 години, и неговата ненадејна смрт со години потоа се обидував да ја сместам во лекциите за животот. Веројатно затоа и денес, се трудам моите деца да ги охрабрам да бидат задоволни со мали работи, да ја наоѓаат вредноста во секој миг што го минуваме заедно како семејство, но да бидат сигурни на својот пат, да зависат само од себе и своите способности и знаење, да не бидат ограничени, да бидат позитивни и љубопитни полни со љубов која слободно ќе ја искажуваат кон своите блиски, но и кон луѓето кои не ги познаваат. И да се трудат секогаш да помогнат, на секого за кого мислат дека му е потребна поддршка, бидејќи кармата е енергија, и таа го враќа доброто со добро.
Која е најважната лекција која сакате да ја совладаат Вашите деца пред да ги зафати виорот на животот?
– Да не се плашат од предизвици, да го наоѓаат позитивното во новото, и никогаш да не се задоволуваат со просечност, туку секогаш да се стремат да бидат над границите. И да бидат весели, не намтурести, да уживаат во бранчињата на животот.
Да ги разбиеме табуата, со вас постојано беа децата од претходниот брак на Вашиот сопруг. Каков однос развивте едни со други?
– Синовите се веќе возрасни луѓе, сега веќе самостојни. Со сестрите имаат природен баланс, постарите син и ќерка, се тандемот кој е посериозен и одговорен, наспроти тандемот на помладите брат и сестра, кои се попргави и погласни. Во секој случај среќнасум што можам да кажам дека сите четворица ја имаат и негуваат цврстата врска на постари браќа и помали сестри. Генерално имаме нормален, природен однос, ослободен од сите стереотипи и предрасуди на традиционално општество. Битно е ние да сме среќни заедно, воопшто не нѐ вознемирува кој и како нѐ проценува од страна. Верувам дека е богатство што сите четворица се имаат како потпора за во иднина, и што ја имаат взаемната љубов што никој и ништо не може да им ја измести.
Вашиот рецепт за успешна мајка е:
– Слобода. Да ја почувствуваат и да можат да ја препознаат и ценат. Слобода за да бидат љубопитни и за да можат да се обликуваат во стабилни луѓе со цврсти карактери. Да можат да ги откриваат про и контра страните на сите предизвици на кои ќе налетаат во животот. Слободни да си го тераат својот пат, своите идеи, амбиции, размислувања и верувања, без никого да осудуваат и без да ги допира чија било осуда.
Што значат за Вас озлогласените термини „амбициозна мајка“ или „амбициозни родители“ и како Вие се справувате со желбата и можностите да им пружите на децата сѐ што можете и при тоа да им дозволите да бидат свои?
– Стереотипи на не(до)едуцирано општество. Што има лошо во амбициозноста? Од тоа да знаеш точно што сакаш и да се стремиш да си ги оствариш желбите. Па зарем е подобро да подигнуваме пасивни, анемични деца кои ќе чекаат судбината да им се случи, животот да ги носи, наместо тие самите да бираат каде ќе одат? Светот во 21 век е толку колоритен, толку слоен, толку е брз, иновативен и предизвикувачки, што ако и ние и нашите деца не се стремиме да оставиме сериозна трага во него, во животите на нашите најблиски, во професиите на кои им се посветуваме, тогаш ќе бидеме само залудно потрошени. За мене, како родител, приоритет не е само да оставиме материјално богатство, пасивно наследство, туку да им ги отвориме можностите за најдоброто можно едуцирање, одлични училишта, извонредни професори и ментори, со чија помош ќе им се разбудат нивните амбиции да му помогнат или да го усовршат овој свет, глобално или локално.
Како ја одржувате рамнотежата помеѓу разгалувањето и строгоста кон децата?
– Никако, мојот сопруг вели дека сум ужасна во овој дел. Во еден момент можат да добијат погласна лекција за средување на собите, а во вториот да се гушкаме и тркаламе заедно низ растурените соби. Ги казнувам, и заборавам што им била казната. И одново и одново не се оптоварувам со тоа. Животот може да биде многу груб и да им ги сервира лекциите, не морам и јас да го правам тоа константно.
На кој начин го негувате детето во себе?
– Преку малите задоволства. Во друштвените игри што ги играме на подот, авантуристичките патувања кои си имаат свои лекции, преку танцување на музика, со запалени светла и отворени завеси. Преку препрочитување на нивните книги, и книгите од моето детство. Преку доцното будење во викенд утрата. Преку позајмување на слободата која децата сѐ уште ја имаат, а ние возрасните сами сме си ја ограничиле со нашите муабети за сериозните теми, со сериозните луѓе. А всушност, на сите заедно ни треба малку одишка, ослободување од стравот, игнорирање на предрасудите, убаво време и нормални услови за малку уживање.
Разговараше: Биљана Илиќ