Родителите најчесто знаат како лесно да ги насмеат своите малечки, но понекогаш се прашуваме зошто бебињата се смеат кога ќе им ставиме крпа на главата, ќе го скриеме лицето со дланките па ќе го откриеме или им правиме гримаси.
Ова прашање го заинтересирало др.Каспер Адимен, научник во Центарот за мозочен и когнитивен развој на лондонскиот универзитет Биркбек. Тој спровел досега најголемо истражување за смеењето на бебињата за да утврди што ги смее и зошто се смеат, пишува Дејли Меил.
„Разбирањето на бебињата ни помага да ги разбереме и возрасните“, смета Адимен. „Бебињата се мали научници. Тие го откриваат светот и ние благодарение на нив можеме да откриеме многу нешта“.
Адимен завршил психологија и самостојно го финансирал истражувањето.
Осмислил детална анкета за родителите и ги замолил да му испратат снимки и пишани извештаи за тоа што сѐ ги насмева нивните деца. Му се јавиле дури 1.400 родители од 25 држави, кои одговориле на прашањата за периодот во денот кога бебињата најмногу се смеат и за играчките кои им се најкомични.
„Моментално работиме на изработка на прашалник со кој би требало да се утврди врската помеѓу помирниот темперамент и исклучително веселите бебиња“, истакнал.
Резултатите на досегашните анализи покажале дека, спротивно на востановеното мислење, бебињата почнуваат да се смеат многу рано.
„Деведесет отсто од бебињата се насмеале веќе во првите два месеци од животот, а некои родители ни открија дека нивните деца се смееле уште во првите недели“, раскажал Адимен и додал дека постојат и случаи во кои бебето воопшто не се насмеало во првата година од животот. Барем никој не ги видел да се смеат.
„Тоа ни покажува дека бебињата имаат силен темперамент кој се покажува од самото раѓање“, рекол.
Интересно е дека момчињата се смеат нешто повеќе од девојчињата, односно некои бебиња од машки пол се смеат и до 50 пати дневно, додека девојчињата не повеќе од 37.
„Не е особено важно што правите, туку фактот што сте покрај него е доволна за вашето бебе да се почувствува среќно“, објаснува тој.
„Интересно е што родителите си играат со нив инстинктивно. Бебињата на некој необјаснив начин ги тераат возрасните да се глупираат. Тоа ги смее, но е и важен дел од поврзувањето“, истакнал тој.
Во првата година од животот смеењето и солзите се главен начин на комуникација на бебето. „Плачењето е знак дека бебето сака некоја промена, а насмевката и смеата – спротивно. Бараат да продолжите да го правите токму тоа што го правите“, рекол Адимен.