Бананите, заедно со јаболката, крушите, компирите и морковите се една од првите намирници кои вообичаено се воведуваат во дохраната на бебињата. Уште од петиот или шестиот месец од животот.
Но ако некогаш сте се прашале зошто токму бананите се на листата на првите намирници со кои се почнува дохраната, добро ќе ви дојдат овие важни факти.
Освен што е хранлива, бананата лесно се вари и многу ретко предизвикува алергии, што е добар доказ да се почне со неа, но далеку од тоа дека тоа ѝ се единствените адути.
Бананата е одличен извор на калиум, протеини и сложени јагленохидрати, како и бројни витамини и минерали. Така на пример, во однос на јаболките, бананите содржат три пати повеќе фосфор, пет пати повеќе витамин А и железо и двапати повеќе од сите други витамини и минерали.
Освен тоа, содржи и триптофан, аминокиселина која телото ја претвара во серотонин, познат по тоа што опушта и го зголемува расположението па така помага дури и малку да се смири бебето.
За дохрана користете зрели банани кои се полесно сварливи од зелените и нема да влијаат на појавата на запек но сепак, бананата нека не биде баш вашиот прв избор кога ќе почнувате со дохранување.
Имено, бананата е доста слатка и многу вкусна па некои бебиња знаат да ги отфрлат сите нови вкусови кои ќе ги пробаат после неа. Затоа најпрвин бебето нека се навикне на пробување нови вкусови, комбинирајте ја со јаболка, круши и житарки.