Понекогаш децата за миг го менуваат расположението па иако до пред кусо време играле и се смееле, наеднаш се подготвени да се расплачат и да направат таков спектакл што ќе ги разбудат сите соседи.
На неколку портали веќе излегоа текстови во кои се тврди дека е најден ефикасен начин кој може да ја запре детската хистерија за секунда.
Имено, без оглед што се случило, дали се скршила омилената играчка, или сте му забраниле да изеде наеднаш десет бонбони, не го трошете времето на долги родителски тиради кое детето и онака нема да ги слушне.
Наместо тоа, полека и добронамерно поставете му го вистинското прашање:
„Што мислиш, дали е тоа голем проблем, мал проблем или среден проблем?“
Да претпоставиме дека детето се вознемирило затоа што неговото другарче не сакало да му ја даде својата играчка. Не смеете да чекате детското плачење да побегне од контрола. Веднаш поставете му го прашањето.
А откако ќе одговори предложете му заедно да размислите како да ја поправите оваа непријатност. Можеби може да земе друга играчка? Или да му предложи на другарчето да си играат заедно? Има многу варијанти!
Детските психолози објаснуваат дека постојат три основни причини зошто едно такво обично прашање делува смирувачки:
Детето гледа дека ги прифаќаме и ги почитуваме неговите чувства.
Прашањето му дава можност да застане, да размисли и добро да ја процени секоја ситуација.
Поставувајќи го тоа прашање, родителите како да им даваат на децата можност самите да го решат проблемот кој толку ги мачи.
Ако го поставите ова прашање и мирно позборувате со детето неколку минути, ќе заштедите многу повеќе време, а притоа ќе ја задобиете неговата доверба.