Посвојувањето на деца кај нас е се уште табу тема па многу често, барем до неодамна, и луѓето кои посвоиле многу ретко го споменуваат ова, а и оние другите, иако се обично љубопитни да дознаат нешто повеќе, ретко кога прашуваат.
Понекогаш причина за ова е тоа што посвоителите кај нас се уште практикуваат да не им ја кажуваат вистината на своите посвоени деца. Меѓутоа, стручњаците препорачуваат дека е најдобро да почне да се зборува со децата на оваа тема, кога тие имаат 4 години, преку раскажување на приказни во кои на пример, мечката посвоила мече или мачката маче.
Честопати сме слушале и за случаи кога од предолго чекање на дете, оние кои сакале да посвојат, се откажале, или пак, кога чекањето им се видело предолго, почнале со старата балканска пракса – барање на врски.
Секогаш постои некој кој познава некого што има роднина или комшија кој работи во службите надлежни за посвојувањето на деца или барем познава некој што работи таму, а некои пак раскажуваат дека им било побарано мито.
Па така, се зборуваше дека за дете се плаќале дури по 10 илјади евра. Но тоа што во јавноста само се зборува, а нема и конкретни пријави и акции, зборува од една страна и за стравот кај потенцијалните посвоители да не се загуби тешко добиената предност. Во сферата на чувствителните прашања, како што е посвојувањето, луѓето се плашат да пријават неправилности.
Пред неколку години кај нас беше обелоденет скандал во врска со посвојувањето. Имено, им се изгуби трагата на 5 деца за кои постоеше сомневање дека се дадени на посвојување без регуларна постапка и за пари, па беше распуштена и Комисијата која одлучуваше за посвојување, а извесно време посвојувањето беше и стопирано.
Побаравме од Министерството за труд и социјала да ни одговори дали има шанси вакво нешто навистина да се случува.
Павлина Симоноска Арсиќ од кабинетот на министерката за труд и социјална политика вели дека во 2012 година е направена измена на Законот за семејство.
„Со измената се воведе Комисија за оцена на здравствената состојба на децата без родители и родителска грижа. Согласно со член 104-е од Законот за семејството, министерот за труд и социјална политика, на предлог на министерот за здравство, со решение формира Комисија за оцена на здравствената состојба на децата без родители и родителска грижа, која е составена од шест члена, педијатри и дефектолози.
Со воспоставањето на оваа Комисија, во тој период биле направени медицински прегледи на сите деца сместени во Домот за доeнчиња Битола и за секое дете бил направен наод и мислење за здравствената состојба според категории предложени од страна на лекарската комисија. Истатa Комисија функционира и денес.
По добиен предлог од страна на Комисијата за посвојување, Комисијата за оцена на здравствената состојба на децата без родители и родителска грижа е должна во рок од 15 дена да достави наод и мислење за здравствената состојба на детето и врз таа основа, детето се запишува во регистарот на можни посвоеници.
Во определен период имало застој во работењето на Комисијата за посвојување од причина што се сменил нејзиниот состав и се отстраниле одредени слабости, кои се појавиле во претходниот период на работење.
Комисијата за засновање на посвојување и центрите за социјална работа работат исклучиво согласно со позитивните законски прописи, со што е оневозможена каква било злоупотреба во постапката на посвојување на деца“, тврди Симоноска Арсиќ.
Во секој случај, посвојувањето е макотрпна процедура која бара многу трчање и трпение. Ако е за утеха, посвојувањето не е ништо помалку мачно и во други држави. На пример, многу врева во хрватската јавност се крена околу се помасовното посвојување на деца од хрватски државјани од африканските земји. Тоа неодамна го направвиле и Даворка и Крешимир Ковач, семејство од Вараждин која се обидувала да има дете во текот на 15 години, но без успех, па одлучиле да посвојат дете. Но процедурата во Хрватска е предолга. Тие, преку свои пријатели од Словенија кои ги поминале сличните маки како и тие околу посвојувањето, добие контакти и се упатиле во Африка. Таму запознале и други пријатели кои некое врее ги информирале за дете кое ги стекнало условите за посвојување. На африканскиот континент патувае дури 4 пати за да ја заврат процедурата, но последниот пат конечно се вратиле со дете и велат дека е сето тоа сепак пократка процедура од онаа во Хрватска.
Факт е дека и кај нас, барем во изинатите години, за дете се чекало дури и по десет години. Во меѓувреме, децата без родителска грижа се сместени во институции.
Токму ваквиот институционален престој на децата без родителска грижа и последиците од него беа тема на неодамнешната конференција насловена како „За секое дете, семејство“.
Децата без родители и родителска грижа до тригодишна возраст кои се сместени во големи згрижувачки институции имаат помали шанси да се развијат нормално, и психички и физички.
Затоа, на конференцијата во организација на УНИЦЕФ и Министерството за труд и социјала, министерката Мила Царовска вети дека Владата ќе се заложи до 2020 година да се стави крај на ваквото згрижување, односно да се замени со згрижување во згрижувачки и роднински семејства, односно форми најблиски до природното семејство.
„Раното детство е од најголема важност за развојот на децата. Овој период треба да го направиме најдобар бидејќи до 75 проценти од мозокот се развива до седмата година од нивниот живот и ако тука испуштиме да вложиме во нив, во развојот на интелигенцијата, тогаш сме пропуштиле многу и како општество, и како институции – рече Царовска.
Претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс смета дека семејството за секое дете е примарен извор на учење пред возраст од три години кога, како што рече, се формираат поголемиот дел од когнитивните емоционални и социјални капацитети.
Според него, во институцијата тие не добиваат или добиваат малку внимание и љубов, се под емоционален токсичен стрес и тоа е она што го забавува нивниот развој.
Според директорката на Домот за доенчиња и мали деца-Битола, Соња Илијевска, заклучно со денот кога ја побаравме од неа оваа информација (20.11.2017), кај нив се се сместени 68 деца од кои 63 деца се на возраст од 0 до 3 години, 5 деца се над три години, а од нив најстарото има 4 години и еден месец.
Вкупно, пак, според податоците од Министерството за труд, во регистарот на можни посвоеници се запишани вкупно 94 деца на возраст од 11 месеци до 16 години.
Што се однесува до динамиката на посвојување, Павлина Симоноска Арсиќ од Кабинетот на Министерката Царовска вели:
„По внесувањето на податоците за детето во електронската програма, комисијата на првата наредна седница врши избор на најсоодветен посвоител по електронски пат од првите три можни посвоители од листата на Програмата. Децата за кои има заинтересирани посвоители веднаш се посвојуваат, додека децата за кои нема заинтересирани посвоители остануваат да чекаат подолг временски период додека бидат посвоени.
Согласно со Законот за семејството и Правилникот за поблиските критериуми и начинот на избор на посвоителот по електронски пат, времето на чекање е само еден од критериумите врз основа на кој се врши изборот. Имено, здравствената состојба, психосоцијалниот статус, материјалните и станбени услови, степенот на образование, брачниот статус и државјанството се другите критериуми врз кои се врши изборот.
За секој од овие критериуми е определен број на поени кои се дадени во Правилникот, а максималниот број на поени кои можат да се добијат изнесува 100. Согласно ваквата законска одредба различен е временскиот период на чекање за посвојување“.
Во моментот во регистарот на можни посвоители запишани се 246 посвоители“.
Директорката на Домот за доенчиња во Битола пак вели дека во тековната 2017 година, од домот месечно биле повлечени на адаптација во семејства на потенцијални посвоители, просечно по 2 деца.
Инаку, според Илијевска, децата остануваат во нивната институција во просек по една до две години. Таа вели дека многу ретко се случува од Установата да се повлечат деца со пречки во развојот од страна на потенцијални посвоители, и дека таквите деца главно се повлекуваат од потенцијални посвоители од странство.
Иако во Установата има 56 вработени, од кои, 37 се директно надлежни за работа со децата и се недоволни за сите деца таму да добијат соодветна грижа, сепак, вели Илијевска, често се случува, вработените да се врзат со некое дете.
Иако неупатените сметаат дека децата сместени во Установата се потивки од оние кои живеат во нормални или пак вдомувачки семејства, таа вели дека тоа не е воопшто точно.
„Секое дете си е различна индивидуа“, вели Илијевска.
Што се однесува до децата со пречки во развојот Симоноска Арсиќ од Министерството за труд и социјала потврдува дека посвоителите кои се македонски државјани најчесто бараат да посвојат здраво дете, за разлика од некои странски посвоители кои бараат да посвојат дете со лесно отстапување во психомоторниот развој, додека за децата кои се со средно отстапување и тешка психомоторна попреченост нема заинтересирани посвоители.
Во секој случај, факт е дека престојот на децата во институции од овој тип, не е добро за нивниот развој. Токму на погоре споменатата конференција беа презентирани резултатите од бројни истражувања на оваа тема според кои дури и кусиот престој на децата под тригодишна возраст во вакви институции може да има долготрајни последици.
„Сите истражувања говорат дека раното детство поминато во институција остава трајни последици врз развојот на човекот. Во наредниот период, Министерството за труд и социјална политика ќе инвестира во развој на превентивни механизми, пред сѐ поддршка на биолошките семејства со цел да ги задржат децата. Семејствата ќе добиваат финансиска помош но, и здравствени и останати услуги согласно нивните потреби. Достапни ќе бидат и услуги во локалната самоуправа како што се дневните центри, центри за помош во домашни услуги и помош во склоп на образовниот процес.
Понатаму, ќе преземеме активности за развој на повеќе видови и форми на згрижувачки семејства и проширување на мрежата на згрижувачи. Институциите кои во моментот згрижуваат деца треба да прераснат во модерни центри за поддршка на семејствата. Нашата цел е финансиски да ги помогнеме семејствата за што поретко да се случува оставање на децата заради немањето услови.
Доколку сепак детето мора да биде оставено, тоа да биде во некој од малите групни домови каде што условите за раниот развој се далеку подобри. Одржување на блискоста на семејството и топлината на домот ќе бидат наш примарен фокус.
Кога ќе се исцрпат сите други можности и кога сместувањето на детето во институција е единствената можна опција, тоа треба да трае што е можно пократко.
Односно, додека не се создадат услови за враќање на детето во семејството или друго решение кое обезбедува постојано, стабилно и безбедно згрижување, кое е во негов најдобар интерес. Избраното сместување на детето треба да му нуди постојано внимание и грижа. Блискоста е најважниот фактор за развој на дечињата од 0 до 3 години. Затоа, приоритет треба да биде обликот на сместување кој е заснован на семејството и заедницата“, велат од кабинетот на министерката Царовска.
На територијата на Република Македонија има вкупно 177 згрижувачки семејства во кои се сместени 313 деца.
Што се однесува до согласноста од биолошките родители, согласно со Законот за семејството родителот односно старателот согласноста за посвојување ја дава по наполнување на тримесечна возраст на детето. Оваа согласност може да се повлече се до моментот кога детето ќе биде сместено во семејство на посвоители.
Според информациите добиено од ЈУ Заводот за социјални дејности Скопје, во периодот од мај до октомври 2017 година, четири родители ги имаат повлечено децата од установа.
Заложбата дека заклучно со 2020 ниту едно дете од 0 до 3 нема да биде во институција е дел од поширокиот процес на деинституционализација. Тоа значи развивање на алтернативни, похумани форми на згрижување на деца и воопшто на лица кои живеат во институции“, вели Симоноска Арсиќ.
А има ли нешто похумано од тоа да му се обезбеди љубов и дом на напуштено дете?