Наум Рибароски: Сегашниот еднородителски систем по развод е варварски!  

Драги Змијанац, од „Меѓаши“, која е поддржувач на заедничкото родитество после развод нагласи дека сегашниот систем го пасивизира татковството и очигледно им одговара на некои татковци, па не гледа зошто кај некои здруженија постои толкав отпор.

0
827

Денес, на прес-конференција граѓанската иницијатива за воведување на заедничко и одговорно родителство по развод и  граѓанската иницијатива „5 до 12“ која се бори за правата на лицата со посебни потреби, потпишаа меморандум за соработка врз основа на нивните заеднички заложби, меѓу кои е измената на законот за семејство.

„Сегашниот систем кој ги ограничува правата на едниот родител по развод, е варварски и јавноста треба да го знае тоа. Затоа како иницијатива, решивме да завртиме нов лист и да почнеме да обелоденуваме одделни случаи на деца и на родители кои со одлука на надлежните служби и поради неможност да се постигне договор меѓу поранешните партнери се лишени едни од други и оневозможен им е нормален контакт. Министерката за социјални работи Мила Царовска на последната средба не извести дека решение на нашите барања може да има најрано во 2019 година.

„По првпат политичка партија заедничкото родителство го стави во своја програма. Првпат имаме министер кој сака да го реши овој проблем па сметавме дека решението ќе дојде брзо. Сепак, на крајот на јули, кога имавме состанок со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, бевме известени дека, иако Министерството сака брзо да најде решение, на него може да се надеваме најрано во 2019 година затоа што има други реформи кои треба да се направат“, изјави Наум Рибароски од „Иницијативата за заедничко родителство“.

Според него, овој проблем не може да чека толку долго.

„Во државава годишно има над 2 илјади разводи, а зад оваа бројка стојат судбините на многу деца на кои овој систем им ја одзема можноста да ја имаат грижата и љубовта од двајцата родители кои ги сакаат и можат и сакаат да се грижат за нив. Затоа одлучивме да почнеме со поагресивна кампања“, рече Рибароски додавајќи дека токму за таа цел секоја недела ќе претставуваат по еден загрижувачки случај на деца на разведени родители и ќе покажат дека надлежните постапуваат спротивно на интересите на децата.

„Министерката има одлична пракса секој петок да има средби со граѓаните. Ние планираме еднаш месечно по неколку случаи да ги изложуваме пред министерката и пред надлежните служби. Со надеж дека, наместо да добиваме одговор дека центрите за социјална работа правилно постапиле оти ја следеле процедурата, тие случаи навистина ќе се отворат“, истакна Рибароски.

Според него, заедничкото родителство е од корист и за семејствата со деца со посебни потреби кои како и тие, бараат измени на законот за семејство.

Надоврзувајќи се на ова, Сузана Стојановска од здружението „5 до 12“, инаку, самохрана мајка на дете со посебни потреби, ја истакна потребата од измена на законот за семејство кој никаде не ги споменува децата, а особено децата со посебни потреби чие одгледување бара постојано присуство па родителите кои се грижат сами за ваквите деца се осудени да бидат социјални случаи.

„Сите заедно треба да се соочиме со фактот дека децата со посебни потреби не се прифатени од околината и од општеството. На овие деца треба да им се даде шанса и тие како посебна категорија заслужуваат посебно внимание и во смисла на законските и подзаконски акти. Законот за семејство е напишан на 60 страници, а во него воопшто ги нема овие деца. Потребен е комплетно нов закон во кој соодветно ќе бидат дефинирани правата и на децата и на родителите“, вели Стојановска.

Инаку, поддржувачи на Иницијативата за заедничко родителство и после развод се и други самохрани мајки, во вистинската смисла на зборот, односно, такви чии поранешни партнери не покажале ниту интерес, ниту волја и желба да учествуваат во одгледувањето и воспитувањето на децата. Една од нив е и Љубинка Јаневска која, како што рече, е тука, на прес-конференцијата, за да ги демантира гласините кои кружат на социјалните мрежи дека оваа иницијатива е против самохраните мајки.

„Ова не е точно! Јас сум самохрана мајка веќе 10 години и сама се грижам за децата. Таткото не пројави никаков интерес да соработуваме и заедно да се грижиме за децата и воопшто не е вклучен во нивниот живот. Овде сум бидејќи со години го гледам недостатокот на таткото кај моите деца. Гледам колку тој е потребен во нивниот живот и во сите важни моменти. Неговата незаинтересираност негативно влијае на моите деца. Промените кои ги бара оваа иницијатива ќе направат големи промени кај децата на разведени родители. Нашата држава го поддржува еднородителскиот систем и за мене тоа е неприфатливо и несфатливо бидејќи на секое дете му се потребни двајцата родители. Ја поддржувам оваа иницијатива бидејќи знам колку е битно детето да ги има двајцата родители во секое време без право на ограничување на видувањата“, вели Јаневска.

Како што вели, нејзините деца се веќе на возраст кога измените на законот нема повеќе да имаат влијание врз нивниот живот, но ја поддржува иницијативата во интерес на сите други деца за кои се уште има надеж да ја добијат грижата од двајцата родители.

Драги Змијанац, од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, која е исто така поддржувач на Иницијативата нагласи дека сегашниот еднородителски систем го пасивизира татковството и очигледно им одговара на некои татковци, па не гледа зошто кај некои здруженија постои толкав отпор кон оваа Иницијатива која се бори токму против тој еднородителски систем.

„Детската амбасада ги поддржува двете иницијативи не поради татковците и мајките, туку поради децата. Со поддршка на двете иницијативи им даваме надеж на децата дека тие не треба да бидат загрижени кога нивните родители се разведуваат затоа што и понатау ќе го имаат вниманието и грижата и од двајцата подеднакво.

Кога двајцата родители се постојано покрај децата, тие нема да почувствуваат дека тие се одвоени. Родителите треба да ја надминат својата нетрпеливост еден кон друг и своите суети и треба да соработуваат подеднакво и заедно во смисла на време кое ќе им го посветат на своите деца и се разбира, во однос на буџетот. Бидејќи, ниту една алиментација не може да ги надмине недоразбирањата помеѓу родителите“, вели Змијанац.

Инаку, како одговвор на здружението на самохрани мајки „Една може“ кое деновиве преку текст објавен на некои портали индиректно ги повика членовите од Иницијативата наместо да се расфрлаат со пари за реклами и билборди да им се придружат во акцијата за собирање средства и училишен прибор за децата од еднородителските семејства, Рибароски рече:

„Ние веќе го направивме тоа, но наместо во здружението „Една може“, средствата ги усмеривме кон „Проект Среќа“ на Кристина Арнаудова, организација која сметаме дека е поискрена и потранспарентна. Мислам дека повикот на „Една може“ беше повеќе циничен и провокативен, отколку што беше искрен повик за соработка. Иако првичната идеја беше да се обединиме како здруженија чиј главен интерес се децата, тие упорно покажуваат отпор и нетрпение кон нас, па не гледам зошто би соработувале“.

[better-ads type='banner' banner='999' ]