Добредојде за првото бебе од сурогат мајка во Македонија

Првата сурогат мајка во Македонија која неодамна го донесе на свет и првото бебе родено на овој начин била 44-годишна жена која се нафатила да ја износи бременоста затоа што биолошката мајка немала матка.

0
2526

Деновиве се роди првото бебе од сурогат мајка во Македонија. Бебето ги носи гените на биолошките родители, а сурогат-мајката е само инкубатор. Во случајов, претходно оплодени ембриони со ин-витро биле вметнати во матката на 44-годишната жена која се нафатила да го износи бебето бидејќи биолошката мајка немала матка.

Поради хумани причини, сурогат-мајчинството во Македонија со закон беше дозволено пред речиси три години. Сурогатство значи дека со вештачко, биомедицинско оплодување (ин витро) се создава ембрион од родителите, кој потоа се вметнува во телото на сурогат-мајка за да го износи.
Целиот зафат, од ин витрото до породувањето го извршил медицинскиот тим на Приватната болница „Ремедика“. Бременоста на сурогат-мајката, иако високоризична, поминала успешно, а здравото бебе било родено со царски рез.
Поради забраната за сурогатство, претходно брачните двојки од земјава оваа постапка ја изведуваа во странство во земји во кои е дозволена, за што плаќаа високи суми.
Според законските правила жени може да се сурогат-мајки ако се македонски државјанки, на возраст од 25 години и повеќе, до возраст што им овозможува добра физичка и психичка подготвеност за здрава бременост и веќе да имаат најмалку едно свое дете. Брачните двојки, пак, што би добиле дете од сурогат-мајка треба да имаат проблем со стерилитет, кој не може да се лекува. Брачната двојка има право да бара поведување две постапки на биомедицинско потпомогнато оплодување со гестациски носител, кои успешно ќе завршат со раѓање на по едно живо дете од секоја постапка, додека гестацискиот носител има право само еднаш да роди едно живо дете за друг. Гестацискиот носител и жената од брачната двојка што е во работен однос ги има сите права од областа на работните односи, пензиското и инвалидското осигурување и породилно боледување.

Инаку, сурогат-мајчинството предизвикува многу морални и правни импликации, кои се тема за расправа во многу научно-експертски кругови и додека едни го поддржуваат како племенит, храбар и несебичен чин, други сметаат дека е неприродно. Едни од најголемите поборници за концептот на сурогат мајчинство  се лекарите- гинеколози, кои се сведоци на секојдневни голготи на многу семејства без деца. Сепак, мора да се биде многу внимателен, бидејќи се работи за многу етички –проблематична и чувствителна работа.
Македонија не е единствена европска земја кадешто сурогат – мајчинството до неодамна беше забрането. Така е и во далеку поразвиените земји со понапредна демократија, Германија и во Франција, Австрија, Германија, Шведска, Италија, кадешто се забранети сите форми на сурогатство, без оглед дали се плаќа или не се плаќа. Но сепак, токму финансискиот момент иницира сериозни етички дилеми, главно, во однос на жените на кои им се плаќа да носат дете за некој друг. Британија, Холандија, Белгија, Данска и Грција дозволуваат сурогати, се додека не е вклучен комерцијалниот елемент, а сурогатството е одамна пракса во САД, Канада и Русија. И некои македонски двојки ги прошириле своите семејства на овој начин надвор од границите на нашата држава. Пред неколку години во нашите медиуми се појави вест и фотографија од македонско семејство кое има бебе родено од сурогат-мајка со посредство на украинската агенција „Successful Parents“.
Во Украина ваквиот принцип на сурогат-мајчинство постои веќе неколку години, а оваа агенција е формирана во 2003 година, со тоа што има две свои подружници, од кои едната е во соседна Бугарија. Законот во Украина, но и во Бугарија го дозволува сурогатството и донирањето на јајце-клетки, а ги заштитува правата на родителите и на бебето. Клиниката овозможува идните родители да го одберат и полот на ембрионот во нивната програма. Но, како што повеќепати напоменуваат, клиниката работи според сите здравствени законски нормативи на Украина. На својата веб-страница агенцијата ја промовира својата програма за сурогат-мајки и според нивните пресметки, двојките кои имаат потреба од сурогат-мајка тоа ќе ги чини околу 40 илјади долари. Пакетот за сурогат-мајка ги вклучува подготовките и трансферот на ембрионот од биолошките родители во сурогат-мајката во една од клиниките на „Successful Parents Agency“ . Целокупниот пакет на оваа клиника чини 34.950 долари, а во пакетот се вклучени консултации и координации за целата програма. Тоа значи дека биолошките родители си бираат сурогат-мајка од датабазата на агенцијата, кои, според стандардите на оваа агенција, се на возраст од 20 до 30 години, иако законот во Украина вели дека секоја жена на возраст од 18 до 35 години која е психички и физички способна може да биде сурогат-мајка. Секоја сурогат-мајка мора да има родено барем едно свое биолошко дете. Со цената се опфатени медицинските тестови за сурогат-мајката и лековите за нејзината подготовка за бременоста. Додека траат сите процедури, идните родители се запознаваат со сурогат-мајката и се во контакт со неа. Во цената спаѓа и оплодувањето на јајце-клетката и еден трансфер на ембрион во матката на сурогат-мајката, грижата околу бременоста на жената, сите медицински прегледи и породувањето. Биолошките родители за тие 40 илјади долари добиваат и посредување околу регистрацијата на новороденото бебе, како и подготовка на сите потребни документи кои треба да се достават во матичната амбасада на биолошките родители на бебето. Речиси половина од жените што ги најмуваат матките на овие украински жени доаѓаат од странство, обично од САД, Британија, Франција, Шведска и Италија, но, исто така, и од балканските земји. Украинскиот закон не го ограничува ниту бројот на сурогат бремености на кои може да се подложи една жена.

[better-ads type='banner' banner='999' ]