Ана Зафирова: Врти-сучи, убаво е да си мајка

Јас сум уште една мајка која се обидува да им одолее на сите искушенија на родителствувањето. И постојано се прекорувам кога го следам во чекор, а сакам да е самостоен.

0
1645

Иако беше дел од радио-програмите, а неколку години и уредник на списанието „Теа модерна“, нејзиното име се уште најчесто се поврзува со проектот „Врти Сучи, тоа ти е  Скопје“, проект кој дефинитивно ја одбележа нејзината кариера. Овојпат со неа разговаравме за нешто сосема друго – за нејзиното мајчинство, за бременоста, породувањето, доењето, чувањето и воспитувањето на нејзиното синче Михаил и за сите родителски стравови поради кои, вели: „еден период детето го чував под стаклено ѕвоно.

Колку те смени родителството и како ти изгледа сега „претходниот живот“ во споредба со овој, откако стана мајка?

Мојот живот денес се дели пред и после дете. Не затоа што денес имам поинаква одговорност и задолженија, туку споредбено со претходно, имам комплетно поинаков поглед на сите работи кои дневно ми се случуваат. Но, тоа е дел од личната еволуција.

Што ти недостасува најмногу?

Го сакам овој мој родителски живот. Периодично, знае да ми недостасува малку повеќе време за себе, а кога ќе си го добијам „на врвот од лажичката“ на среќата и нема крај.

Што ќе паметиш најмногу од својата бременост и дали, евентуално, си посакуваш и втора? 

Првата половина од бременоста ми помина како турбулентен професионален период, а втората во турбулентен здравствен период. Но, сумирано стекнав искуства за кои сум многу благодарна бидејќи потоа многу ме сменија како личност. Бев активна трудница до последниот ден и со таа програмираност на умот можам да родам и 10 деца.

Какво породување имаше, кои се твоите спомени на оние први денови кога со бебето си дојдовте дома, што ти паѓаше најтешко?

Се породив со царски рез, под целосна анестезија поради здравствената состојба во која се наоѓав. Родив бебе од 4 300 гр, 54 см. Нашата прва средба не беше епска. Запознавајќи се, прилагодувајќи се, си ја развивавме љубовта. Тоа е сосема нова улога во која се најдов, независно што и психолошки и физички телото те подготвува за неа, ама уживав во таа нова животна авантура. Ништо не ми беше тешко, само што не можев првиот период јас да го бањам бебето, од несигурност да не го повредам, па тоа стана ритуал на бабите кои уживаа во тој чин. Исто така ќе кажам дека го доев Михаил до година ипол. Го следев инстинктот.

Велат дека со првото дете родителите прават многу работи кои подоцна или дури со второто дете согледуваат дека биле непотребни…што правеше ти …има ли некои работи за кои сметаш дека биле сосема непотребни, што би правела сега поинаку?

Како и секое прво дете, така и Михаил го има сето внимание на овој свет и неговото однесување е последица на тоа. Понекогаш е напорно да се издржи бидејќи бара постојана анимација, ама еднаш раѓам прво дете, па нека сум грешна. 🙂

Единствено нешто што не би правела е несвесното пренесување на моите стравови врз него. Јас тешко ја „износив“ фазата по добивањето на пневмонија и опструкциите што ги имаше Михаил, особено бидејќи не хоспитализираа. Па поради всадениот страв еден период детето го чував под стаклено ѕвоно. И во мојата еволуција како мајка ми требаше време да се успокојам и да сфатам дека „Така растат деца, а така стареат родители“ и продолжив да уживам во родителството, без тоа да ми биде стрес и постојано да стрептам на првото кивнување или кашлање.

Како се распоредени вашите родителски ангажмани во секојдневниот живот?

Родителските ангажмани се договор. Попладнињата се посветени на детето и на домот. Немаме распоред на активности, ама за две до три години тоа нема да не заобиколи.

Имате ли некои меѓусебни несогласувања кога станува збор за одгледувањето и воспитувањето на детето…на пример, ти сакаш да го запишеш на пливање, а татко му на карате? 

Препирките по дома се разбира се поврзани со детето, но суштински јас и сопругот имаме идентични ставови и не сме родители со амбиции кон него. Наша задача е да подигнеме здраво дете, отворено за животните предизвици, а изборите се негови.

Дали си премногу грижлива како мајка, можеби од оние кои постојано бдеат над децата или му дозволуваш поголема самостојност?

Во подигнување на дете, се изненадувате од себе, позитивно и негативно. Она што не сум сакала или она што сум сакала, тоа (не) сум. Јас сум уште една мајка која се обидува да им одолее на сите искушенија на родителствувањето. И постојано се прекорувам кога го следам во чекор, а сакам да е самостоен.

Како се храните дома, пред се, каква храна му подготвувате на синчето, дали се ценкате околу јадењето, се служите ли со „поткупување“ или немате такви проблеми?

Нашата исхрана е традиционална, со манџи, зеленчук, овошје… За среќа со Михаил немам мака околу јадењето. Го утврдивме редот, цеден сок, појадок, ужина, ручек и.т.н. Се разбира, овошјето со задоволство би било заменето со чоколадо ама мајчинската упорност е тврд камен.

Се консултираш ли често со литература кога станува збор за одгледувањето и воспитувањето на детето или повеќе се потпираш на родителскиот инстинкт или на советите од родителите, пријателките, педијатрите,…?

Во почетокот многу читав, „малтретирав“ пријатели доктори, но сега веќе сум препуштена на инстинктот. Генералните рамки на доброто и лошото од општа култура ги знаеме, а финесите се резултат на нашата интеракција.

Дали твојот сегашен професионален статус, како фриленсер, ти овозможува да поминуваш повеќе време со синчето или сепак се одлучивте за градинка? 

Начинот на кој работам ми овозможи да поминам подолго време со детето, да не заглавувам на работа или слично. Но, сепак се решивме за градинка со полни три години, затоа што сметам дека е неопходно за развој на детото. Поаѓањето во градинка за децата знае да е напорен и тежок процес бидејќи периодот на сепарација може да потрае, но бев упорна и ја минавме таа фаза. Еднаш во месецот правиме „Паузен ден“ кој го користиме за заедничка дружба.

Што правите најчесто, кои се активностите во кои најчесто уживате како семејство?

Секое патување е заедничко уживање. Живеам со двајца стрелци дома, за нив животот е движење и секоја авантура во парк, излет или патување е момент на среќа.

Кои се твоите најголеми родителски дилеми, што е она на што сакаш да го научиш твоето дете?

Сакам да е, тоа што ќе одлучи да биде. Сакам да верува во луѓето и луѓето да веруваат во него и да го дава најдоброто од себе.

Професионално, дали размислуваш да се вратиш пред камерите и ти недостасува ли барем понекогаш тој ангажман? 

Првенствено јас сум телевизиски човек, независно што изминативе години пливав и во радиото и во принтот, со камерата никогаш не престанавме да се сакаме. Отворена сум за нови предизвици, независно од каде ќе ме пресретнат.

Драгица Христова

[better-ads type='banner' banner='999' ]