Ако не те тепа, не те сака

Од каде да почнеме со работа во случаите кога жените со ваков став, во истиот стил ги воспитуват децата, рече Гордана Бужаровска на брифингот на УНИЦЕФ за теми поврзани со правата на децата

0
332

Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) организира серија од брифинзи за новинари на теми поврзани со децата и остварувањето на нивните права. Денешниот брифинг со новинарите на новиот претставник на УНИЦЕФ во Република Македонија, Бенџамин Перкс на кој присуствуваа и судијата Лазар Нанев и професор Гордана Бужаровска од Правниот факултет на тема „Колку е ефикасен Законот за правда за децата во заштита на децата жртви“ се организираше по повод изработката на Коментар на Законот за правда за децата за да се подобри неговата практична примена. На брифингот, новиот претставник на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс ги доби основните информации за актуелната состојба со правата на децата во Македонија откако самиот ги лоцираше основните типови на насилство врз децата во светски рамки.

„Физичкото повредување како начин на дисциплинирање на децата, сексуалната злоупотреба и највообичаената форма на насилство врз децата – заспоставување од страна на родителите, при што до 40 отсто од популацијата е засегната од емоционалноto запоставување, и животот во дисфункционални семејства, се одразуваат врз натамошниот развој на децата. Приближно истата статистика во однос на изложеноста на децата на насилство во Скандинавските земји и во Македонија, од пред две децении, сега е за три пати намалена кога станува збор за Скандинавија благодарение на интервенциите во системот и прекршувањето на табуата во однос на овие теми“, рече Перкс во воведното излагање.

Универзитетските професори по кривично право  д-р Гордана Бужаровска и д-р Лазар Нанев го информираа за состојбите во Македонија во однос на правата на децата и институционалните предизвици во спроведувањето на Законот.

„Кај нас нема соодветна превенција на семејното насилство и најголемиот проблем е во идентификацијата на проблемите. На пример, има случаи кога мајката има став дека мажот „ако не те тепа, не те сака“, па во такви случаи, едноставно, не знаеме од каде да почнеме за да им објасниме дека тоа не е во ред. Што можете да очекувате потоа од децата кои се воспитувани во тој дух“, рече професорката Бужаровска која напомена дека за среќа, ваквите случаи се сепак исклучоци, а не правило, но дека во секој случај, кога станува збор за семејно насилство, откако истото ќе се пријави, сепак се останува на тоа. Според Бужаровска, во областа на сексуалната злоупотреба на децата, може да се забележи дека преземените мерки не ги даваат саканите резултати.

Според професорот Нанев, зголемувањето на бројот на судските случаи поврзани со кршење на правата на децата се резултат од сериозни дефекти во останатите нивоа.

„Ние сме единствената земја кадешто децата вршители на казнено дело се третираат како возрасни и наместо во Воспитно-поправен дом, се сместени во просториите на охридскиот затвор. Потребно е обезбедување на соодветна околина за децата, посебни простории во институциите, соодветна заштита на децата жртви на насилство и децата сведоци, како и зајакнување на соработката меѓу инволвираните институции, со што би се избегнале моментите на повеќекратно поединечно испрашување на децата сведоци на кривично дело и злоупотреба, со цел избегнување на дополнителна траума“, рече Нанев.

Професорката Бужаровска повика и на одговорност на институциите кои често не преземаат ништо, како што бил случајот со мајката која вршела насилство врз своите деца како последица на што едно од децата починало, а никој не преземал ништо со образложение од надлежните институции дека мајката живеела чергарски живот и тие не можеле да преземат ништо.

На брифингот се зборуваше и за врсничкото насилство во училиштата, уште еднаш беа споменати податоците според кои во Македонија најмалото дете кое е регистрирано дека дува лепак имало три години, најмалиот зависник од хероин – 8, а најмалиот регистриран алкохоличар е 14-годишно девојче.

Кај нас нема институции што работат со децата-зависници, но нема соодветен третман ниту за децата-вршители на казниви дела кои често во истите се придружувани од родителот, па во вакви случаи, смета Бужаровска, залудна е мерката засилен надзор на родителот.

Останува идејата од поттикнување и подобрување на комуникацијата помеѓу инволвираните стручни служби, беше заклучокот од брифингот.

Д.Х.

[better-ads type='banner' banner='999' ]