По соопштението кое неодамна го објави Здружението на еднородителски семејства „Една може“, кое ја изразува својата поддршка за заедничкото родителство со напомена дека се залага за истото, но само кога е тоа заедничка одлука на двајцата родители, не е наметнато од друг орган и претставува најдобар интерес на детето, од иницијаторите за заедничко родителство по развод се јавија со реакција:
„Би сакале прво да изразиме задоволство што нашата Иницијатива станува предмет на јавна дискусија. Тоа е уште еден чекор напред кон решавање на проблемот со детските и родителските права по развод кој се провлекува повеќе децении.
Она што не зачудува е фактот што се протежира заедничко родителство само по договор, а не се дава предлог како да се постапува со децата од разведени бракови ако нема договор помеѓу родителите. Во исто време, се напаѓа концептот на вистинско заедничко родителство по развод за кој ние се залагаме, а кој подразбира избалансирана поделба на времето и обврските околу децата (принципот на минимум загарантирано време, односно 50-50 секогаш кога тоа е можно), независно од тоа дали постои договор помеѓу родителите.
Притоа, ова се прави со паушални оценки за тоа што е, а што не е најдобар интерес на детето, занемарувајќи го мислењето на релевантните домашни институции (Клиника за детска психијатрија, Завод за ментално здравје, Народниот Правобранител, Катедрата за семејно право при правниот факултет во Скопје) и безбројните научни истражувања кои покажуваат дека вистинското заедничко родителство (по закон, а не само по договор) е апсолутно во интерес на детето.
Понатаму, се дава површно толкување на резолуциите на Советот на Европа, особено бр.2079 без да се земе предвид фактот дека истата резолуција ги предвидува и главните принципи на вистинско заедничко родителство -заедничко донесување на главните одлуки за животот на детето (член 5.3) и принцип на споделено живеење на детето кај секој од родителите (член 5.5).
Особено изненадува фактот што вакво мислење доаѓа од здружение на самохрани мајки. Доколку се работи за вистински самохрани родители (кадешто другиот родител го нема или не е заинтересиран), оваа иницијатива не би требало да побуди посебно внимание кај нив бидејќи не може да постои заедничко родителство со само еден родител. Затоа, се прашуваме дали ова мислење не е од такви родители кои го злоупотребуваат сегашниот еднородителски систем за да го држат детето настрана од другиот родител заради лични мотиви и финансиски интереси и притоа се самопрогласуваат за самохрани родители!?
Токму ваквиот начин на злоупотреба на децата при развод се трудиме да го отстраниме со решенијата кои ги предлагаме. Уште повеќе, сметаме дека со нашата Иницијатива ќе им помогнеме на вистинските самохрани родители такашто правото на заедничко родителство ќе и помогне на државата да ги дефинира прецизно вистинските самохрани родители и да ја овозможи заслужената поддршка на оние кои се во објективна ситуација да се грижат сами за своите деца.
Свесни дека овој одговор може да предизвика нова реакција од Една Може, а со цел да избегнеме бескрајно допишување со соопштенија, се надеваме дека од Една Може конечно ќе прифатат ТВ дуел, со цел да јавно ги спротивставиме аргументите околу заедничкото родителство по развод, а воедно и јавноста да слушне кој за што се залага. Една може, но двајца можат подобро“, се вели во соопштението.