Кога се формираше вашето здружение, колку вакви здруженија постојат во Македонија и дали меѓусебно соработувате?
Здружението за дислексија АЈНШТАЈН е формирано на 06.12.2013 година од страна на родители на деца со дислексија и лица кои имаат дислексија. Идејата за формирање на здружението произлезе пред се од недостигот на информации за дислексијата. Барајќи решение и помош за тешкотиите со читање кај своите деца родителите се соочија со , неинформираност на институциите и недоволна стручност кај просветните работници. Се уште во Република Македонија сме единствено здружение кое се занимава со состојбите кои предизвикуваат потешкотии во учењето. Како организација соработуваме со многу здруженија кои работат во областа на образованието и се стремат кон подобрување на образовниот процес во нашата држава.
Кога може да се каже дека некој има дислексија, како се утврдува, какви облици постојат и каков е третманот на лицата со дислексија?
Дислексијата како состојба во раните години може лесно да се препознае. Кога некое дете има проблеми со читањето односно не чита соодветно за својата возраст, има проблеми со ракописот, проблеми со разбирањето на математичките концепти, често мешање на редоследот на буквите при пишување на еден збор се дел од знаците кои укажуваат на дислексија и треба да се направи превентивна проверка. Дислексијата може да се утврди од страна на стручните лица за дислексија, но официјална “дијагноза” или белешка се добива во заводот за слух, говор и глас или центарот за ментално здравје на деца и младинци. Третманите за дислексија се разновидни, во светот постојат многу методи по кои се работи со лицата кои имаат дислексија, но за жал во Р.М имаме само две лица кои се лиценцирани да работат со дислексичари и тоа по методот на Рон Дејвис и АФС методот.
Дали располагате со некакви статистички податоци за тоа колку лица со дислексија има во земјава и каква е состојбата генерално во светот?
Досега здружението преку два проекта кои беа финансирани од Град Скопје спроведе истражување во 5 средни училишта за застапеноста на дислексијата помеѓу средношколците. Од анализата на податоците произлезе дека дислексијата е застапена кај околу 15% од средношколската популација. Со ова е потврди и бројката според која и се раководиме односно дека дислексијата е застапена кај околу 10 до 15% од населението во Македонија. Морам да напоменам дека ова не се официјални статистички информации туку само прелиминарни податоци кои се доволни за да го вклучат црвениот аларм кај надлежните институции и целото население. Во светски рамки постојат посебни факултети за дислексија, и оваа проблематика е навистина многу развиена за разлика од кај нас.
Има ли простор за загриженост кај родителите кај чии деца е утврдена дислексија и какви се форми на дислексија постојат?
Простор за загриженост кај родителите не треба да има особено ако на детето му е веќе утврдена дислексијата. Сепак родителите треба особено да внимаваат на децата и да им ја дадат потребна поддршка. Едноставно на дислексијата треба да се гледа како на позитивна особина и родителите да се стремат на своето дете да му ги истакнат талентите. Во однос на облиците или формите на дислексијата истата честопати е проследена со некоја од состојбите како што се:
- Дисграфијата која претставува тешкотија во учењето која има влијание на пишувањето што подразбира користење на еден комплексен сет од моторички и информатички вештини на процесирање. Дисграфијата го отежнува процесот на пишување.
- Диспраксијата претставува нарушување на начинот на кој пораките од мозокот се пренесуваат до телото, што самото по себе влијае на способноста на индивидуата да изведува движења на еден хармоничен и координиран начин.
- Дискалкулијата претставува состојба на мозокот при која личноста има тешкотии со концептуализација на броевите, односи меѓу броевите (аритметички закони) и резултати од математички операции (проценување на одговорот на математичката задача пред вистински да се изврши пресметката).
Какви се целите на вашето здружение и дали една од нив, освен се разбира, да им помогнете на децата и воопшто на лицата со дислексија да се соочаат и да ја победат, е и како да излезат на крај со чувството на срам со кој е често проследена оваа состојба?
Целта на нашето здружение е подобрување и олеснување на процесот на образование на учениците со потешкотии во учењето како и потпомагање во воведување на соодветен и подобрен образовен систем. Нашите цели ги остваруваме преку директна едукација на родителите и наставниот кадар со што помагаме на самите дислексичари да се соочат со оваа состојба и истата да ја прифатат како своја предност. Спроведовме и спроведуваме многу кампањи чијашто цел е подигнување на јавната свест за дислексијата со цел да се разбере дека дислексијата не е ништо страшно.
Познато е дека многу луѓе кај кои е рано во детството утврдено дека имаат дислексија, како возрасни живеат и нормално работат понатаму…во кој случај, дислексијата е нешто што ги измачува во текот на целиот живот?
Дислексијата може негативно да влијае кај една личност доколку истата не е навремено детектирана. Токму затоа е многу битно раното откривање на истата со цел градење на емоционално здрави личности.
На 11 март, на Филозофскиот факултет во Скопје, здружението организира семинар „Дислексија, пристап, форми и методи“. Сите заинтересирани можат да се информираат за настанот тука.
Текст: Драгица Христова