Вчера бев во еден локален ресторан во населбата во која живеам за да закажам семејна веселба и во неврзан разговор со менаџерот слушнав многу интересна информација.
Го прашав дали ќе има доволно место во петок навечер за моите роднини и пријатели, а тој ми рече: Да, да, не се секирајте, евентуално, може да се случи на останатите маси да биде уште една група луѓе кои закажале да им се роди бебето што го чекаат токму во петок за да прослават со мекици пред викенд, да не падне среде недела не дај боже.
Како тоа закажале?
Е па така е сега, вели менаџерот, денес жените самите си редат и планираат кога сакаат да се породат.
И кога ќе размислам, навистина е така. Сега сите закажуваат кога сакаат да се роди бебето па планираат да биде тоа на пример на некој убав датум или еве вака, барем да можат да испланираат семејната веселба да е за викенд. Или пак мајката сака да оди на моминска вечер кај другарка и, која е закажана за март, па ќе пресмета дека е добро бебето да се роди на почетокот од февруари за да има време малку да подослабне за да не изгледа многу дебело во споредба со другите. И онака е тоа речиси во терминот што и го одредил докторот, две-три недели горе-долу, не е важно…оти замислете па бебето да се заинати и да го прекардаши крајниот термин… нема да има време ни раната од царскиот рез да и заздрави а не пак да ослабне малку.
Според статистиките, во нашата држава 35 проценти од сите породувања се со царски рез. Овие податоци покажуваат дека царскиот рез, кој најчесто се прави по желба на родилките, во приватните болници изнесува неверојатни 70 проценти од сите породувања. Препораките на Светската здравствена организација и на гинеколошките здруженија се таа стапка да биде најмногу 15 проценти, но трендот е поинаков. Сега повеќето родилки го закажуваат породувањето со царски рез и темпираат според распоредот на докторот или според својот, на пример, доколку сакаат бебето да се роди на некој верски празник или на датумот кога се венчале. Барањето на мајката да се породи со царски рез не треба да биде индикација за истиот, па високиот процент на жени кои се породиле по пат на хируршка интервенција е навистина алармантен.
Според гинеколозите, има трудници кои уште невлезени во ординација, од врата им кажуваат дека сакаат да се породат со царски, а јас пак сум слушнала и многу кои уште не останале бремени а веќе знаат како сакаат да се породат.
И тоа е така и покрај тоа што овој наплив на породувања со царски рез значи повеќе трошоци и поголеми здравствени ризици за мајките и бебињата, и покрај тоа што царскиот рез е една од најголемите причини за смртност на новороденчињата. Трендот да се закаже однапред породување со царски рез, за породувањето да не биде без потреба болно за мајката, ја извртува природата на работите. Породувањето на овој начин, освен кога е тоа неопходно, дефинитивно не е добар начин, не е природно и може да донесе непотребен ризик и за мајката и за бебето. Како и да е, страшен е фактот што наспроти светскиот тренд на враќање кон природниот начин на породување (додуша и тие претеруваат со тоа клечењето по соби и базени среде соба), кај нас многу често царскиот рез наместо како нужно зло, се закажува како што се закажува и одењето на забар на пример. Доколку не е медицински индициран, царскиот рез не би требало да биде личен избор на ниту една жена само затоа што не сака да ја боли. Верувајте, болката не е задолжителна…можеби ќе ве боли, можеби нема, но детето ќе се роди вака или онака, а вие откако ќе го прераскажете „страшното искуство“ едно стотина пати или онолку колку што вашиот партнер, сопруг, татко, дедо, ги прераскажува „своите војнички приказни“, веројатно брзо ќе заборавите на се и ќе посакате барем уште едно детуле.
Драгица Христова