Некои родители кои, како што велат, немаат друг избор, односно, остануваат на работа подоцна отколку што работи дневниот престој во училиштето, а немаат соодветна возрасна личност која може да ја преземе грижата за детето после училиште, ги оставаат децата сами дома. Други пак сметаат дека е нивното дете доволно зрело за да се грижи за себе уште од пониските одделенија во основното училиште. Иако постојат видливи разлики во зрелоста на децата од основните училиште, психолозите сметаат дека децата до 12 години не би смееле да бидат оставани сами дома или под надзор на друго дете. Многу студии покажале дека помладите деца не се во состојба правилно да реагираат во многу ситуации ниту пак да издржат подлолго време сами. Студијата на американскиот Национален институт за вонучилишно време (National Institute on Out-of-School Time) покажала дека 35 % од децата во 12-тата година од животот се подготвени да ја преземат грижата за себе, а само 5% од осумгодишните се во состојба да го сторат тоа. Нивната препорака е пред да одлучите да го оставите детето само добро да ја проверите нивната свесност за тоа што значи да се биде сам и да се провери нивната подготвеност за тоа. Тие предлагаат себеси и на своето дете да си ги поставите следните прашања:
Дали ги знае своето полно име и презиме, адреса, телефонски броеви од најблиските и дали секогаш може да се сети на овие информации.
Дали ги знае броевите на службите кои делуваат во случаи на несреќа, дали ги има некаде запишано тие броеви или се меморирани во телефонот.
Дали е доволно зрело да го носи клучот од дома во џеб или околу вратот, дали ја разбира важноста на тој клуч како и на тоа дека секогаш треба да го има со себе и никогаш да го предава на некоја друга личност.
Знае ли како треба правилно да се јави на телефон или да одговори на ѕвонењето на врата.
Може ли да се придржува кон правилото дека вратата од домот мора секогаш да биде заклучена.
Знае ли како да го вклучи и како да го исклучи алармот (доколку го имате во домот), дали ја разбира важноста на кодот и потребата за неговата тајност.
Знае ли да го користи апаратот за гасење на пожар.
Ја сфаќа ли важноста од држење во тајна на податокот дека е сам дома.
Може ли да ги следи основните правила за сигурност, на пример секогаш да се јави кога ќе дојде дома или дека мора да ви се јави доколку повторно излегува од дома. Како излегувало на крај со претходните пократки останувања дома само, каква била неговата реакција – дали се плашело или се чувствувало релативно пријатно.
Постои ли во близина на вашиот дом некоја повозрасна личност која е дома додека е вашето дете само и дали можете да се потпрете на таа личност во случај на некоја итна ситуација, ја познава ли вашето дете таа личност и се чувствува ли подготвено да побара помош од неа.
Ако врз основа на добиените сознанија донесете одлука вашето дете да остане смао дома, би требало да воспоставите основни правила за однесување кога е само дома. Важно е правилата да му бидат што појасни на детето и да ги донесете заедно. Тие правила би требало да се однесуваат на:
- Посета на пријатели
- Гледање телевизија
- Пишување домашно
- Одговарање на телефон или на ѕвончето на врата
- Играње надвор или одење кај пријател
- Користење на домашни апарати
- Однос со брат/сестра
- Должности
Ваша должност е да ја обезбедите куќата, да ги скриете и заклучите сите опасни хемикалии, лекови и слично. Исто така, важно е да бидете искрени кон детето и да доаѓате точно во договореното време и опцијата „сам дома“ да ја практикувате повеќе како исклучок отколку како правило.
Запомнете:
- Никогаш не го оставајте бебето или помало дете само дома, дури ни кога спие, дури ни на неколку минути.
- Повеќето деца помлади од 12 година, не се зрели да се грижат сами за себе на начин кој се очекува од нив кога се сами дома
- Дури и кога оставате деца постари од 12 години сами дома уверете се дека се чувствуваат добро во таа ситуација и дека знаат се што треба да знаат за да се чувствуваат сигурно.
- Ниту една личност помлада од 16 години не би требало да останува дома сама преку ноќ.