Од самото раѓање, на развојот на детето во голема мерка влијаат луѓето кои му се најблиски, пред се, родителите, а потоа браќата или сестрите, бабите, дедовците, луѓето од непосредното опкружување, а во нешто подоцнежната возраст, врсниците, како и други значајни фигури кои се дел од неговиот живот. Посебно внимание треба да се посвети на начинот на коиј се однесуваат родителите кон детето и како тие пристапуваат кон задоволувањето на неговите базични потреби. Некои од оние кои се базични за детето во секоја возраст е потребата за љубов, нега, внимание, за стабилност и сигурност, разбирање и прифаќање, потреба за јасни граници, усмерување … Доколку базичните потреби на детето не биле задоволени, тоа може да има значајно влијание на неговото целокупно функционирање кога ќе биде возрасен, како на приватен, така и на образовно-деловен план.
Учење по модел
Уште во најрана возраст значајна улога за развој на детето има и учењето по модел. Тоа подразбира дека детето усвојува или корегира одредени облици на однесување имитирајќи ја личноста која му е модел или пример. Во раната возраст доминантен пример е родителот, односно личноста која се грижи и го минува времето со детето. Токму од таа причина често се изненадуваме кога од своето дете ќе слушнеме некоја фраза која ја препознаваме како сопствен гест или облик на однесување. Тоа е веќе доволен знак за родителите да станат свесни во која мерка е значајно нивното однесување, не само кон детето, туку и кон другите луѓе и предмети во опкружувањето затоа што децата го прифаќаат она што ќе го видат, имитираат и се идентификуваат со луѓето со кои се емотивно врзани. Ако растат во опкружување во кое викањето и навредите се вообичаени појави, она што му се презентира како прифатлив облик на однесување и начин на излегување на крај со препреките и проблемите, веројатно и детето ќе го усвои тој облик на комуницирање. Викањето и навредите не би требало да бидат составен дел од животот на кое било дете и нпод ниту едни околности (секако, тоа не вклучува ситуации во кои родителот ќе го покачи гласот, без навреди за да го спречи детето да се повреди себеси или некој друг). Затоа е важно родителите да водат сметка за тоа како се однесуваат кон детето, еден кон друг, како и кон луѓето со кои се среќаваат, затоа што децата во развој се многу сензибилни, отворени за нови информации и забележуваат значително повеќе од она шпто родителите мислат.
Промени и прилагодување
Секоја значајна промена претставува одреден вид на стрес, како за возрасните така и за децата. Слично важи и за позитивните како и за негативните промени со кои се соочуваме. Тоа всушност подразбира дека промената бара ангажирање на поединецот и прилагодување кон новонастанатата ситуација или околности. Вклопувањето во нова средина претставува предизвик за детето и треба да му го претставите на детето на вистинскиот начин. Значи не како нешто страшно со што детето треба да се бори, туку како предизвик кој ќе му помогне да се развива понатаму, да станува посилен и да се осамостојува. Нешто ново, инспиративно и интересно. Честопати родителите својата вознемиреност поради промените ја пренесуваат на детето. Затоа е важно да останат смирени и за промените да зборуваат без драма. Доколку заележат дека не се снаоѓаат најдобро со тоа, пожелно е да се обратат кај психоилог заради поддршка и совет. Детето би требало да се запознае со она што го очекува, да му се одговори на сите прашања, да му се разјаснат сите недоумици, да се биде тука за него и покрај него. Треба да му се даде поддршка, но воедно и да се остави простор самото да научи да се избори со препреките на кои наидува. На тој начин, низ искуствата што ги има во текот на растењето и со соодветна поддршка, детето ќе се равие во личност која има доволно ресурси да се справи со сето она што го носи животот.