Многу психолози сметаат дека детето никако не треба да биде причина поради која треба да се остане во брак. Напротив, лошиот брак врз него ќе влијае многу понегативно отколку разводот, бидејќи тоа секако ќе забележи дека се случува нешто чудно. Затоа е потребно детето да се подготви за новонастанатата ситуација.
Детето на прво место
Кога станува збор за развод, родителите често грешат смислувајќи разноразни приказни кои им ги сервираат на децата, за да ја разубават целата работа. Но, ако сакате детето да биде искрено со вас, тогаш и вие морате да бидете искрени со него.
Ако се работи за две разумни суштества кои решението го гледаат само во разводот, тогаш нема да биде проблем со партнерот да направите договор со кој на извесен начин на детето ќе му ја олесните новата ситуација..
Разговорот со детето морате да го направите и двајцата, заеднички или одделно. Доколку се одлучите за втората варијанта, тогаш вашите приказни мораат да се совпаѓаат за да не го збуните и повредите вашето дете уште повеќе.
Познавајќи го своето дете, ќе може да претпоставите кои прашања ќе следат кога ќе му соопштите дека се разведувате. Подгответе адекватни одговори кои ќе се совпаѓаат.
Не бидете себични
Дури и ако вашиот партнер направил нешто ужасно, задржете го бесот за себе. Поради детето, никако не треба да му ја полните главата дека другиот родител е ваков или онаков, дека не треба да го сака и да го гледа и дека тој е едниствениот виновник за разводот на бракот. Сега тој/ таа, вам ви е поранешен сопруг/ сопруга, а нему ќе му биде родител вечно.
Неретко се случува децата себеси да се гледаат како виновници за разводот на своите родители. Со оглед на тоа дека децата се тврдоглави, треба да бидете упорни во намерата да ги убедите дека нема причина да се чувствуваат така. Објаснете му дека вашата љубов кон него не може да исчезне без оглед на тоа што вие со другиот родител веќе не можете да функционирате.
Животот продолжува
Објаснете му детално на детето какви промени го очекуваат, каде и со кој ќе живее, колку често со кој родител ќе се гледа, во кое училиште ќе оди и слично. Каде и да престојува подолго, и двајцата родители мора да му даваат неизмерно внимание и да имаат разбирање за депресијата која некое време ќе го следи.
За да има верба во семејството кое утре ќе го формира, направете да не се чувствува дека нешто кај вас двајца недостига, ако тоа воопшто е возможно.
Никако не смеете да ги запоставите децата, колку и да ви е тешко. Тие и нивното вистинско воспитување мораат секогаш да ви бидат на ум. Освен тоа, и вие ќе се чувствувате подобро и макар за момент ќе заборавите на тагата кога ќе ја здогледате детската насмевка.
Да му се пружи внимание на детето не значи дека треба да се размази. Никако не треба да го штедите од училишните обврски, ниту треба да му дозволувате да прави што сака за да не се чувствува лошо бидејќи носи етикета „дете на разведени родители“. Треба да му бидете пријатели, но пред се родители кои ќе му го покажат вистинскиот пат.
Ако премногу тешко ви паѓа ова и ви изгледа како да губите контрола, не е срамота да побарате стручна помош.