Германија прави поопасни игралишта на барање на осигурителните компании

Ако сакаме децата да бидат спремни да преземаат ризици, мора да им дозволиме да се соочат со нив. Што мислите вие за ова?

0
128

Во последните пет години во Германија преовладува нов тренд, пишува Гардијан. Безбедносните критериуми се намалени со цел да се воведат повеќе „опасни“ елементи во детските игралишта и на тој начин да се научат децата да се справуваат со ризикот и да ја подобрат нивната способност за справување во предизвикувачки ситуации.

„Игротеките се оази на слободно движење во опасна средина со полн сообраќај“, вели професорот Ролф Шварц од школата за образование во Карлсруе, кој работи како советник на дизајнерите на игралишта. „Ако сакаме децата да бидат спремни да преземаат ризици, мора да им дозволиме да се соочат со нив.

Дури и осигурителните компании се согласуваат. Студија од 2004 година покажала дека децата кои развиле моторни вештини на игралиште на рана возраст имаат помали шанси да доживеат несреќи подоцна. Затоа, асоцијацијата на германските осигурителни компании минатата година повика на создавање на повеќе игралишта кои ќе им овозможат на децата можност да развијат вештини за управување со ризик.

„Нашите дизајнери значително ја зголемија висината на кулите за качување во последниве години“, вели Дејвид Келер, косопственик на Berliner Seilfabrik, кој произведува елементи за игралишта од јажиња од 1970 година. „Децата можеби се чувствуваат несигурно кога првпат ќе се качат на нашите мрежести конструкции, но токму тоа ги прави побезбедни. Кога се чувствувате несигурни, тогаш сте особено внимателни“.

Вртоглаво високите качувачки кули кои никнуваат во Германија наскоро може да се појават на игралиштата во Велика Британија и во САД. Меѓународната организација за стандардизација ги ревидира постоечките стандарди за спортска и рекреативна опрема, што во иднина може да им даде на дизајнерите поголема слобода да создаваат игралишта што ќе им обезбедат на децата повеќе предизвици и можности за развивање на нивните вештини.

„Забележуваме бавна промена во ставовите кон безбедноста“, вели Дејвид Бел, професор по управување со ризик на Универзитетот Мидлсекс. „Сфативме дека игралиштата станаа премногу безбедни и дека грешиме што на нив гледаме како на потенцијална опасност“, заклучува тој.

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]