Бремените жени имаат многу грижи околу сопственото здравје и здравјето на своето бебе, а многу жени се прашуваат дали сè уште можат да го прават она што го правеле порано, вклучително и патувањето со авион. Без разлика дали сакате да се качите во авион заради работа или одмор, еве неколку работи што треба да ги земете предвид кога станува збор за летање за време на бременоста.
Според Американскиот колеџ за акушери и гинеколози (ACOG), авиокомпаниите генерално им дозволуваат на бремените жени да летаат од првото тримесечје до третото тримесечје или до 36-тата недела од бременоста.
ACOG препорачува да проверите со секоја авиокомпанија поединечно за правилата за патување за време на бременоста.
Многу бремени жени се грижат заради носењето безбедносен ремен во авион за време на летот. Експертите препорачуваат сите бремени жени да ги врзуваат појасите додека седат во авион. На овој начин, тие спречуваат какви било повреди што можат да настанат ако се појават турбуленции за време на летот.
„Ставете го безбедносниот ремен под стомакот и ставете го ременот за рамото помеѓу градите за да се чувствувате пријатно“, велат тие.
Ако сте во добра здравствена состојба и ако вашиот гинеколог ви даде зелено светло, летот во текот на првото тримесечје е генерално безбеден. Според ACOG, не постои зголемен ризик од изложеност на зрачење или детектор за метал, што му штети на вас или на вашето бебе, ниту пак треба да има проблеми со притисокот во кабината или бучните вибрации.
На жените кои имаат ризична бременост им се препорачува да не летаат. Ова ги вклучува жените кои имаат висок крвен притисок или ризик од предвремено породување.
Второто тримесечје (14-та до 28-та недела од бременоста) е обично најдобро време за летање затоа што утринската мачнина обично се смирува и нема болки во грбот или абдоминален притисок, а експертите советуваат во тој случај да резервирате седиште покрај пролазот за да можете да станувате полесно.
Ако ви е одобрено патување во текот на третото тримесечје, треба да знаете каде е најблиската болница и кој број можете да го повикате за итни случаи. Бебето можеби ќе сака да излезе порано од предвиденото и, иако не можете да предвидите што ќе се случи, можете да бидете подготвени за ситуацијата.
Ако размислувате да патувате со авион додека сте бремени, секогаш претходно консултирајте се со вашиот лекар или гинеколог за да може тој да ве информира и да ве предупреди за ризиците или проблемите што можат да се појават за време на летот.
Фото: Freepik