Додека на жените никогаш нема да им здодее да го прераскажуваат своето породување, на мажите, на оние од генерациите кои ги фатило служењето војска во поранешната војска на поранешната држава, поточно, во ЈНА, нема да им здодее да ги раскажуваат своите војнички приказни. Оние пак кои не биле, раскажуваат како успеале да се извлечат.
Петар Георгиевски, познат како Перо Камиказа, е урбан скопски лик, дел од македонската музичка историја, актер, а последниве години и тркач-маратонец и дел од индустријата за организирање настани. Тој е по нешто и од двете. Ем пробал да ескивира, ем не успеал, па служел војска.
Новите генерации, и машките и женските, веројатно постојано раскажуваат за своите доживувања од „Ворк енд травел“.
Како и да е, Перо Камиказа ја објави својата војничка приказна на Фејсбук и по малку носталгично призна дека се што направил понатаму во животот ѝ го должи на оваа „школа“!
„Криво ми е што син ми и генерациите по нас не го поминаа ова драгоцено искуство. Но, што е тука е!“, вели Перо.
Ја пренесуваме во целост неговата приказна, се разбира, во скопски жаргон, а вие ако имате своја, ве предизвикуваме да ја споделите со нас или пак да го кажете своето мислење на оваа тема: „дали одењето во војска било навистина добра школа?“
„По враќањето од Пореч и по одлично поминатиот месец следеше ново изненадување: Воените власти, по повод смртта на Врховниот командант другарот Тито, донеле одлука веднаш по завршената гимназија да се оди на обавезен воен рок!
Ова не беше у мојот дугорочен план и направив се да не заминам на отслужување на воениот рок. По проверките у Воена болница земав мокрача од болен чоек и ја приложив као своја, кај психијатарот напраив неред у ординација и на тестовите кои ни беа дадени за интелигенција и стабилност одговарав се контра. Сигурен у својот „успех“ дека сум ја преебал ЈНА, ги заебавав останатите од маало дека сите женски мене ќе ми останат 🙂. Сите другари добија покани да се јават од 1-6 октомври, а јас ништо!!!!
На 6. октомври дојде покана да се јавам на 10-ти во Сомбор, во најголемата касарна за плавци, некаде околу 5000 луѓе. Ми ја дадоа војната книшка и сеа мене никој не ме испрати у војска сем девојката, бидејќи сите беа веќе заминати. Стигам у Сомбор и седнувам кај бербер на шишање, кога види познат лик од Скопје, Миро од сегашен кафе Плеј, беше у војска брицо! Му викам да ми напраи убава фризура и у доверба му кажав дека сум малку „шлакнат“, со намалени умствени способности и дека сигурно ќе бидам у некоја интендантска единица. Вика: дај војната книшка да ја видам. На неа пишуе СЕ/45! И он вика: „Мали, си наебал за сите пари! На први спрат се Воена полиција, на втори сте вие! А овие од први спрат се за вас као на годишни одмор!?!?“ Стигам со задолжената опрема на втори спрат у павилјон, коа глеам еден куп слични као мене, со „жути очи“, иста висина и исти број кондури!
Ми падна чудно, ама престанав да се чудам кога пуковникот почна да се дере позади мене: „Шта је манекену, каква је ово фризура? Брзо натраг код брице, горе 4 доле 2 мм!”
Ја му викам, ова е грешка, ја сум за у интенданти и малку сум чукнат! А он мене: „Не бој се, сви су овде луди, а најлуџи од свих сам ја!!! Марш на шишање!!!”
Миро се насмеа кога ме виде назад, си ја заврши работата како треба и од тој ден ништо веќе не беше исто за мене. За недела дена потпишавме заклетва, моите дојдоа на заклетвата, ручавме у „Стари Фијакер“ и од тој ден почна пеколната пешадиска обука:
На -20 до појас голи на јутарња гимнастика, под полна ратна спрема 30 км марш, склекови и стомачни у безброј варијанти (ако некој погреши све почиња од почеток) и така у недоглед. Заврши и оваа рашомонијада и потпишавме документ дека доброволно пристапуваме у Специјални единици за брзи интервенции на ЈНА. Од Сомбор не товарија у воз и правац Задар. Се симињаме у Задар, топло милина, мирис на море, ммммм….Стигаме у касарна, само што се истоваривме не пратија на копање за садење на цвеќе, улепшавање за посетата на адмирал Мамула на касарната. Копаме до колена, пуковникот вика „дубље“, копаме до појас он пак вика „дубље!“
Какво ли е ова цвеќе, мајку му божју, ама никој не смее на глас да праша. Некаде во 8 навечер имавме ископано ровови по цела касарна, по 12 саати копање не’ однесе на ладен грав и купус и потоа не врати и ни вика „затрпавајте!“
Можам да ви кажам дека тоа беше еден од ретките моменти кога сакав да го решам пуковникот. Ама муда нема за таква работа. Си затрпававме и си ќутевме. Некаде околу 1 после полноќ, падна команда – „Тапкај!“
Она што го ископавме и закопавме, сега го утврдувавме, ни цвеќе ни бакрач, него значело дека пуковникот ќе пишува по нас како на лист бела хартија што сака! Така и беше.
Потоа следеа разни дообуки. Падобранска (не дај Боже да се заплетка конец на еден па потоа на сите ги растураше падобраните). Преживљавање од 14 дена измеѓу Бенковац, Падзане и Книн, па онда на „годишен одмор“ у Падзане од 14 дена каде беше резервниот склад за керозин за авионите на ЈНА, запознавање со градот Книн, у кој на левата страна се пишуваше со латиница, а на десната со кирилица. Страв у коски имаа кога не гледаа како шетаме со беретките по град (овие пред нас направиле партали неколку кафани), потоа заминувањето во Дивуље, каде имавме гњурачка и тактичка обука и полека се приведуваше крајот на воениот рок. Завршуваме со предавањето на опремата и пуковникот ни вика: „Одлично сте ја завршиле обуката и може да останете на работа у ЈНА со стан у Сплит, плата од 1500 марки и бенифициран стаж од 10-15 години (досега одамна ќе бев пензионер). Му се заблагодарив на пуковникот и со брзи чекори тргнав на аеродром у Сплит да си го видам моето Скопје.
Од 120 војници само 4 станаа активни подофицери.
П.С. Како и да е, се што понатаму направив во животот го должам на оваа школа! Криво ми е што син ми и генерациите по нас не го поминаа ова драгоцено искуство. Но, што е тука е!
Фото: Фејсбук