Пандемиска генерација мајки – породени со маска на сета мака

На прашањето дали носењето на маската се одразува врз процесот на спонтаното породување во кој начинот на дишење игра голема улога, лекарите велат дека нема никаква опасност за мајката.

0
437

Од почетокот на пандемијата, сите родилки без разлика дали се ковид позитивни или не, се породуваат со маска во сите државни и приватни породилишта во земјава. Тоа се протоколи за заштита во родилните сали кои се применуваат во развиените земји.

Жените кои станале мајки годинава преку социјалните мрежи споделуваат искуства дека од март наваму породувањето по природен пат се одвива со задолжителна маска преку носот и устата на родилката. Мерката е заради меѓусебна заштита на персоналот и на самата родилка.

– Се породив во јули. Сѐ беше брзо, немаа време да ме тестираат пред породување. Носев маска цело време. Превентивно останав на бокс цела ноќ, ме тестираа сабајлето по што ме префрлија во соба. Маската во соба не ја носев, освен за визита и ако излегував во ходник – напиша една млада мајка.

Некои од жените кои станале мајки за време на пандемијата велат дека ги носеле маските цело време додека биле во болница, дури и на спиење.

– На секоја родилка ѝ се прави рапид тест. Не ги тестираме со ПЦР тест, туку со брзи антиген тестови кои не се 100 отсто сензибилни. Но дури и да се тестирани со ПЦР тест непосредно по влегувањето во родилната сала, родилките се породуваат со маска зашто не знаеме дали пред тоа биле во контакт со некој кој е ковид позитивен – објаснуваат од Клиниката за гинекологија за Плусинфо.

Некои идни мајки се загрижени дали маската ќе им пречи во процесот на породување и дали ќе можат слободно да дишат. На прашањето дали носењето на маската се одразува врз процесот на спонтаното породување во кој начинот на дишење игра голема улога, лекарите велат дека нема никаква опасност за мајката.

„Се породив во ГАК пред три месеци, прво ми направија тест, па ме качија на интензивна. Породувањето се одвиваше со маска иако бев со кислородна поддршка“, вели една скопјанка.

„Мислев дека ќе се задушам и во еден момент ја извадив маската, па ми донесоа нова и ми ја врзаа“, сведочи една мајка.

„И јас мислев дека нема да можам да дишам, дека ќе се задушам, бев загрижена како ќе биде целата процедура со маската, но верувајте дека ќе бидете сконцентрирани на другото и ќе заборавите дека носите маска. Мислете на позитивното и на убави работи, како брзо ќе си го видите и гушнете бепчето. Не мислете на ништо друго, па ни на маската“, советува една мајка.

„Нема да се задушите, јас кога се пораѓав маската сама си падна“, охрабрува друга мајка.

„Мене на бокс ми правеа тест за корона, се породив со маска, осум дена престојував на ГАК со маска“, додава трета.

„Апсолутно нема опасност, но доколку има потреба од дополнителна оксигенција ѝ ја вадиме маската за заштита на родилката и ѝ ставаме маска за дотур на кислород. Во никој случај оксигенацијата не ја правиме заради мајката, туку евентуално за да нема страдање на плодот“, додаваат од Клиниката за гинекологија.

Фото: Pixabay

[better-ads type='banner' banner='999' ]