Потребно е родителите да ја познаваат психологијата на детето, за да можат да сфатат и да му ги објаснат работите на оној начин на кој тоа може да ги сфати, да ја предвидат неговата можна реакција, и нормално, што подобро да влијаат на неговиот развој. Ова е посебно важно за развивање на работните навики, кои според некои истражувања, се многу поважни за успехот во подоцниот живот, од некои други особини на личноста.
Желбите и потребите на детето
Малите деца му веруваат на своето тело, односно на она што го чувствуваат во телото. На пример, кога телото му дава сигнал на „жед“, детето интуитивно знае дека тогаш е потребно да пие вода или друга течност. И додека овој систем добро функционира кога е во прашање задоволување на детските потреби, проблемот настанува тогаш кога се во прашање детските желби и други мотиви. Еден од начините да се разликуваат потребите од желбите е кога детето има некое барање да се запрашаме дали неговиот живот ќе биде на било кој начин загрозен ако му го ускратиме тоа што го сака. Ако одговорот е да, тогаш се работи за потреба, ако одговорот е не, тогаш, за желба.
Принципот на задоволство
Баш затоа што му верува на своето тело, детето сака да го прави само она што му донесува пријатно чувство на телото, а ги избегнува сите оние активности кои му носат непријатност. Овој систем на мотивација е природен и затоа е карактеристичен за животните. Него го опишал Фројд и го нарекол „принцип на задоволство“. Задачата на родителите е да му влијаат на детето така што тоа ќе изгради еден подруг систем кој Фројд го нарекол принцип на реалноста. А тоа едноставно значи дека детето престанува да се потпира исклучиво на тоа што го чувствува, туку веќе почнува и да го уважува својот разум и да проценува дали е нешто корисно или штетно. Бидејќи детето не е во состојба да се контролира себеси и своите желби, родителите мораат да го контролираат во одреден правец, а да му забрануваат одредени однесувања. Целта е детето да го сфати она што порано му било несфатливо а тоа е дека постојат пријатности кои се штетни, а непријатности кои се корисни. Миењето на забите, спремањето на играчките и слични активности на детето му се секако непријатни. Ова нормално се однесува и на учењето и изработката на домашни задачи.
Работата на детето му е непријатна
Колку и некој родител да сака да работи, тој треба да знае дека работата на секое дете му е непријатна. Тогаш, како настануваат работните навики? Па, така што родителите го присилуваат детето редовно да извршува некоја активност. Без таквиот надворешен притисок детето едноставно нема да ја развие работната навика. Постојат повеќе видови на ова воспитно притискање, а она што за сите нив е карактеристично е тоа дека на детето му се непријатни. Кога непријатноста на овој надворешен притисок ќе стане поголема од непријатноста на самата активност која родителот бара детето да ја извршува, детето попушта и почнува да се однесува на бараниот начин. Да му објасните на детето дека со новото однесување ќе има корист е задолжително, но тоа не е доволно детето да почне така да се однесува.
При тоа важно е да нема никакво попуштање, бидејќи ако еднаш му се попушти, детето секој следен пат ќе мисли дека тоа е можеби онојпат кога нема да мора да го направи тоа што му било побарано.
Кога ќе се воспостави навиката, работата веќе не е непријатна
Предноста која ја носи работната навика е фактички во тоа што кога таа ќе настане тогаш одредена активност на детето веќе не му е ни непријатна ни одбојна. Тоа едноставно го прави тоа што треба. Дури настанува и обратниот механизам, на детето му е непријатно ако не го направи она на кое што навикнало. Ова се однесува како на хигиенските навики и навиките за спремање, така и на навиката за учење која е посебно важна за децата што одат на училиште. Кога велам дека работата не е непријатна, не мислам ни дека е пријатна. Задоволството во работата може да дојде подоцна, кога некој ќе стане мајстор во она што го работи и ќе почне да ужива во тоа.
„Кога го терам, детето мисли дека не го сакам“
Малите деца мислат дека кога не им дозволувате да го работат она што го сакаат, дека не ги сакате. Ова е сосем нормална фаза бидејќи детето не се разликува себеси од своите желби така што кога ќе одбиете некоја негова желба тоа мисли дека него сте го отфрлиле. А кога сте мало дете, најважна работа во вашиот живот е вас да ве сакаат мама и тато. И затоа, иако некои деца реагираат драматично кога родителите ги тераат да прават нешто што им е непријатно, родителите треба да истраат. Можат да покажат љубов, но и понатаму мора да инсистираат детето да го направи она што е потребно. Благодарение на ваквото однесување на родителот кој ќе истрае и кој ќе му рече „Баш затоа што те сакам, барам тоа редовно да го правиш“, подоцна детето учи дека да се бара непријатното не ја исклучува љубовта.
Многу родители се снаоѓаат така што непријатната задача пробуваат да ја претворат во забава и игра. И ваквата „мека присила“ е добар начин доколку не ви одзема многу енергија и време. Бидејќи во понатамошниот живот на детето ќе му дојде момент кога ќе мора да работи нешто што му е непријатно, а кое не може да се стави во контекст на забава, тоа сепак ќе мора да се соочи со задачата од типот на „корисна непријатност“.