Татковците се особено важни за децата. Без оглед дали таткото, гледано однадвор, ќе стане успешен или не, тој е секогаш „голем“ човек за своето дете и „поголем и подобар од кој било на светот“.
За детето, таткото е мешавина од херој, водич, ментор, заштитник, наставник и пријател. Неговата улога е да го сака, да го дисциплинира, да му го предава материјалното и морално наследство и силно да влијае врз обликувањето на неговиот поглед на свет. „Еден татко вреди повеќе од стотина учители“, напишал британскиот поет Џорџ Херберт.
Мажите денес сè повеќе ја препознаваат својата клучна улога во семејството и одговараат позитивно на предизвиците на родителството. Сѐ повеќе и повеќе мажи чувствуваат длабока глад за да воспоставување смислен однос со своите деца. Еве неколку начини за негување на суптилната вештина на доброто татковство.
Разберете ја важноста на татковството!
Иако многу психолошки истражувања беа посветени на испитување на влијанието на мајките, новите истражувања откриваат колку позитивното и активното вклучување на таткото придонесува за подобро социјално прилагодување на децата, го поттикнува нивниот поздрав сексуален развој и им овозможува поголем интелектуален раст.
„Сè што знаеме покажува дека вклученоста на мажите во одгледувањето на децата предизвикува зголемување на коефициентот на интелигенција на детето уште на возраст од шест или седум години“, тврди педијатарот Т. Бери Бразилтон. Тој потенцира дека вклученоста на таткото ја зголемува веројатноста детето „да има развиено чувство за хумор, да развие подобра внатрешна чувствителност и да биде помотивирано за учење“. Од друга страна, емоционалното растојание на таткото може да има големо негативно влијание. Луис Силверстејн, од њујоршкиот универзитет, вели: „Истражувањата јасно покажуваат директна врска помеѓу отсуството на таткото и повисоките нивоа на агресивно однесување кај синовите, предвремено сексуално дејствување кај ќерките и понагласени стереотипи за половите улоги кај децата од двата пола“.
Бидете главен играч!
Немојте да бидете задоволни со споредна улога во растењето на вашите деца. Негувањето на способноста за добро татковство значи да бидете длабоко и страствено вклучени во воспитувањето на вашето дете. Тоа подразбира многу, вклучително и да им помогнете на децата со домашните задачи, да присуствувате на родителските состаноци, да си играте со децата, да поминувате време со секое дете поединечно и генерално да поминувате повеќе време дома.
Не му дозволувајте материјализмот да ги уништува односите!
Иако е важно да се работи напорно за да се издржува семејство, секој татко би требало да ја избегне заводливоста на материјалниот успех, затоа што пренагласувањето на материјалната страна го попречува воспоставувањето блиски врски со децата. На пример, во Библијата е запишано едно предупредување: „Среброљубието е корен на сето зло; некои му се предадоа, се оддалечија од верата и сами на себе си нанесоа многу маки “.
Детскиот психолог Ли Салк вели: „Материјалниот успех на родителите може да биде штетен за воспитувањето на децата, ако настанува на сметка на времето што треба да го сподели со нив. Дури и малите деца препознаваат што родителите го сметаат за важно. Ако забележат дека на родителите им е сѐ поважно од нив, веројатно претстојат неволји во семејството “. Мудрите татковци знаат дека односите, а не материјалните добра, се извор на животно задоволство. Запознајте ги вашите деца! Добрите татковци имаат една важна особина: тие навистина ги знаат своите деца. Тие знаат што ги повредува и ги плаши нивните деца и што им носи радост и задоволство. Тие знаат во што се разликува нивното дете од сите други деца во соседството. Тие знаат за секоја нијанса, сенка и испакнатост на личноста на детето. Кен Р. Кенфилд, автор на делото „Седум тајни на успешните татковци“, ги истражувал животите на четири илјади мажи за да открие што придонесува за добро татковство. Открил дека добар татко знае многу детали за своето дете, како што се:
- кога неговото дете имало тежок ден
- кога детето е вознемирено за нешто
- имињата на најдобрите пријатели на детето
- што најмногу го охрабрува неговото дете
- кога ги повредил неговите чувства
- слабостите и доблестите на детето
- што го мотивира детето
- кога на детето му било тешко во животот
- Повеќето неодамнешни разочарувачки искуства на детето
Добрите татковци набљудуваат, слушаат и учат. Тие се обидуваат да бидат добар пример за детето. Тие слушаат други успешни татковци за да научат да бидат подобри и поефикасни. „Добрите татковци знаат дека им е потребна помош и не се плашат да ја побараат“, вели Пол Луис, автор на делото „Пет клучни навики на паметните татковци“(Five Key Habits of Smart Dads). „Тие разговараат со другите татковци и се трудат да бидат како оној што може да им биде пример“.
Бидете херој на вашето дете!
„Отците се гордост на своите деца“, запишано е во книгата Соломонови приказни. Добрите татковци стануваат херои на своите деца, кога се модел на доблести, на личности со интегритет, разбирање, пожртвуваност, трудољубивост, дисциплина, љубов и верност на должностите. Многу татковци лесно дозволуваат другите да им бидат херои на нивните деца. Џ.С. Вотс имал во својот татко позитивен модел на татко. Тој вели:
„Татко ми беше и е мојот херој. Од моето раѓање сè додека не отидов на студии, татко ми извршуваше барем три работи: тој беше полицаец, проповедник и глава на куќата. Со напорна работа го хранеше семејството, го облекуваше и му изгради удобна куќа. Никогаш не барал оправдување и никогаш не очекувал од државата да се грижи за неговото семејство. Тој се потпираше на напорна работа “.
На крајот, да напоменеме дека доброто татковство е инвестиција во иднината. Денешните татковци ги воспитуваат идните луѓе. Љубовта, поуката, охрабрувањето, дисциплината и примерното однесување што еден татко им го предава на децата, ќе вроди со плод во форма на емоционално здрави, стабилни, зрели лица, кои ќе можат да придонесат за општото добро.
Текстот е од ТУКА.
Фото: Pexels