Сигурно сте слушнале од луѓето од вашата околина дека некое дете има две, три или дури четири години, а се уште не проговорило. Некои луѓе се грижат поради тоа, а некои имаат став дека тоа не е битно и дека има време да проговори: „Зошто да го „принудувате“ детето да зборува ако не сака?“, „Битно е да разбира се што ќе му се каже“, „Мрзливо е да зборува“, „Ќе зборува цел живот“… Овие и многу слични ставови се погрешни! Важно е детето да прогвори навреме за неговиот развој да тече уредно, во склад со нормите, вели логопед Наташа Д. Чабаркапа.
Кога е времето за првиот збор?
Првиот збор треба да се појави на возраст на околу една година. Кога велиме прв збор, мислиме на првиот збор што е функционален, односно употребен смислено и во вистински момент (на пример, кога детето ќе и се обрати на мајката и ќе и рече „мамо“). Многу родители на прашањето на логопедот кога се појавил првиот збор одговараат дека тоа било околу шестиот или осмиот месец. Во тој период детето ги раздвојува слоговите (ма-мо, та-то), а родителите мислат дека тоа бил вистинскиот збор.
Како што педијатрите имаат норми според кои го следат степенот на развој на детето, така и логопедите имаат скала според која следат дали говорно-јазичниот развој на детето тече уредно. Покрај говорно-јазичниот развој, се следи и психомоторниот и социо-емоционалниот развој.
Развој на говорот од месец во месец
За да знаете која активност е прилагодена на кој возраст на детето, важно е да знаете што да очекувате во одредени развојни периоди. Околу шестиот месец, детето освен пеењето на вокалите (А, Е, И, О, У) почнува да изговара и некои консонанти (м, п, т, д) и тогаш, по првпат, од детето добиваме нешто што личи на првите обиди да се продуцираат зборови, односно слогови (ма, та, ба, па…). Таа фаза на развојот се нарекува „брборење“. Пред шестиот месец, важно е да го поттикнуваме детето да ги продуцира вокалите така што заедно со него ќе пееме (ааааа, ееее…). Освен тоа настојувајте да го вербализирате сето она што го правите со детето (на пример, кога шетате со детето и ќе видите куче, велите: Види го кучето. Како вели кучето? Ав, ав, аааав…). Кога детето ќе почне да ги раздвојува слоговите, важно е да му возвратите на истиот начин (ма-мо, та-то). Детето можете да го стимулирате така што ќе именувате одредени активности што ги правите со него (на пример, кога го заспивате, пејте му „ни-на, на-на“, кога го храните „ам-ам“ и слично).
Ономатопејата е една од поважните стимулации, затоа кога ќе видите некое животно, автомобил или ќе направите активност проследете ја со вокализација (на пример, „мау-мау“, „опа“, „брм-брм“, „би-би“ и сл.).
Од шестиот до деветтиот месец бебето е подготвено за активно учење така што го гледа она што го допирате, го бара она што го слуша и ја започнува комуникација со гестови. Во овој период мајката го воведува детето во светот на звуците, го учи да имитира и да го набљудува своте лице во огледалото. Во деветтиот месец доаѓа до раздвојување на слоговите, а брборењето станува поинтензивно и потсетува на вистински говор. Тој период помеѓу деветтиот и дванаесетиот месец е период кога детето најчесто ги изговара своите први зборови. Тогаш е важно да бидете чувствителни на тоа каде детето го насочува вниманието и да ја користите љубопитливоста на детето за да научи како нешто да именува (Да, тоа е куче!). Тогаш родителите имаат за задача детето да го научат да ги почитува забраните и да извршува поедноставни налози (на пример, „Додај ја топката“).
Совети за родителите
Ако детето не проговорило околу првата година или ако развојот на говорот се одвива бавно, од значење е неговата околина (првенствено родителите) да користат артикулиран говор. Битно е правилно да ги изговарате зборовите кога му се обраќате на детето. Немојте да му се обраќате со изменета артикулација, односно да зборувате со меки гласови (на пример, те шакам, срценце мое најшлатко…) Неопходно е сите активности, во врска со детето, да ги проследите со говорот, бидејќи на детето му е потребна постојана говорна стимулација.
Моќта на говорот ја добиваме од раѓање, но логопедите се тука тогаш кога таа моќ нема ефективна сила, да го научат детето како да ја употребува. Добрата стимулација подразбира вклученост на родителите, одлучност и енергичност. Задачите коишто треба родителите да ги извршат стимулирајќи го детето да зборува можат да бидат напорни и тешки, но напредокот што ќе го направат, по одредено време, заедно со своето дете ќе направат тоа чувство да исчезне. Освен дијагностицирањето и работењето со децата, логопедите имаат улога и да ги едуцираат родителите како да го спречат појавувањето на говорно-јазичните нарушувања, како и да работат со своите деца доколку се појави некое нарушување.
Доколку мислите дека вашето дете доцни во односот на развојните говорно-јазични норми, првиот збор не се појавил навреме или само сакате да проверите дали говорно-јазичниот, психомоторниот и социо-емоционалниот развој тече уредно, вистинскиот начин да бидете сигурни во тоа е детето да го однесете кај тим на стручњаци (логопед, психолог и редукатор на психомоториката) кои ќе ви го дадат своето мислење и предлог на работа со детето.
Фото: www.studiodontoiatricodominici.com/it