Скокањето по креветот, превртувањето, качувањето и другите актобации кои на децата најчесто им ги забрануваме да ги изведуваат, се одлични за развојот на детскиот мозок и интелектуалните способности!
Поради тоа децата во предучилишната возраст до петтата година, што повеќе треба да скокаат, трчаат, да престојуваат во парк и природа, бидејќи токму тоа ги развива нивните интелектуални способности, наведува доктор Ранко Рајовиќ, претседателот на Комитетот на светската Менса за надарени деца.
Најновите податоци на светската Менса укажуваат дека детето кое не е доволно физички активно има намалени длабоки структури на мозокот кои учествуваат во когнитивните процеси.
– Во Србија има се повеќе мали деца со нарушување во учењето (дислексија, дисграфија) нарушувања во говорот, 90 отсто деца неправилно го држат телото и никој не сфаќа дека сето тоа подоцна ќе влијае на нивните когнитивни способности – предупредува Рајовиќ.
Докажано е дека 50 отсто синапси (функционална врска помеѓу две нервни клетки) се развиваат до петтата година токму поради активностите и играта, која неретко им пречи на родителите.
Дете од две години често скока по креветите, истакнува д-р Рајовиќ, што родителите не го дозволуваат, за да не се упропасти душекот од 300-400 евра. – Исто така, децата на таа возраст сакаат да одат по ниски огради, банкини, да скокаат во кал, да се вртат околу себе, да се качуваат каде што ќе стасаат.
Бидејќи не им дозволуваме тоа да го прават, правиме нова грешка, бидејќи на децата им дозволуваме неколку часа да поминат на компјутер – објаснува Рајовиќ.
Од 70-90 отсто деца во својата соба имаат ТВ-апарат, компјутер, видеоигри, а познато е дека претераното гледање телевизија, играњето видеоигри, може да го оштети развојот на вкупните способности на детето, предупредува Рајовиќ.
Според неговите зборови, најновите податоци откриваат дека децата во Србија дневно играат по три, четири часа видео-игри или се на компјутер, што автоматски значи дека се намалуваат поедини структури на мозокот и тоа не само синапсите во кората на големиот мозок, туку и длабоките структури на мозокот.
Доколку детето кое дневно ќе помине неколку часа гледајќи телевизија, покрај компјутер и видеоигри нема други компензаторни активности (трчање, скокање, провлекување, престој во природа…), тогаш речиси сигурно влегува во ризик за појава на некои од развојните нарушувања.
– Се повеќе е очигледно влијанието на надворешната средина и погрешните стимуалции, па обврска на сите нас кои се занимаваме со овие проблеми е да ги едуцираме, пред се, родителите, а потоа и воспитувачите и учителите – смета Рајовиќ.