Српскиот академик Владета Јеротиќ во својата книга „Човекот и неговиот идентитет“, објаснил кои се тие способности кои би требало да ги развие индивидуата за да се смета за зрела личност.
Колку повеќе незрели личности има во едно општетство, секако се помали и шансите тоа општетство да ги оствари своите цели и да овозможи природен развој на многу потенцијални можности, односно способности кои несомнено се наоѓаат во секој човек.
Денешните психолози и психијатри дури и кога застапуваат различни ставови, се сложуваат околу некои значајни и за сите луѓе тишични критериуми кои можат приближно да одговорат на тешкото прашање: што всушност го прави човекот зрела и целосна личност?
Најпрвин мора да појдеме од фактот дека нема целосно зрела личност, или како што стручно се вели, личност која би била целосно интегрирана. Постојат само степени на зрелост кои повеќе или помалку се приближуваат кон оваа замислена, идеална целина на личноста.
Накусо, ќе ги дадеме оние најважни критериуми во психологијата кои ја одредуваат силата на човековото Јас, односно, го покажуваат степенот на неговата зрелост, при што редоследот на овие критериуми не мора да го означува и нивното значење. Секој од нив има приближно еднаква вредност и еднакво значење.
- Способноста за сакање на некој друг, а не само на самиот себе.
Нарцисоидните личности, кога се воопшто во состојба некого да сакаат, ова го прават такашто во партнерот се сакаат самите себе, и тоа или себеси од сегашноста или себеси од минатото или пак себеси таков каков што се замислуваат во иднина. Јасно е дека таквата љубов на партнерот не е во состојба да се откажува од било што, што значи, да поднесува жртви, принцип на кој се заснива самиот живот и без кој не може да се замисли не само складно семејство туку ни складно општество.
2. Способност за контролирање на сопствените нагони и импулси
Управувањето со своите агресивни и сексуални енергии кои ни се биолошки дадени, во вид на вродени нагони, започнува многу рано и од тоа колку правилно ги контролираат тие нагони прво родителите, а потоа и општеството, многу зависи идниот развој на личноста.
3. Способност за поднесување на непријатност, болка и страдање
Принципот на апсолутно задоволство кон кое, според Фројд, тежнее малото дете, а кој Фројд со право му го спротивставил на принципот на реалноста, постојано го демне секој од нас и затоа мора постојано да биде под наша свесна контрола како не би дозволиле другите наместо нас да поднесуваат болка и страдање (како синоними на животот). Избегнувањето на секоја болка, и физичка и душевна, е каракетристика на нашето доба, кое и овде ги покажува сите карактеристики на инфантилно регредирање.
4. Поседување на зрела, а не на инфантилна совест
Зрелата совест се покажува како во толеранцијата но и во контролата на своите нагонски желби, така и во толеранцијата но и будноста кон барањата на своето морално битие. Незрелата совест, напротив, заснована врз заканаите од страв и чувство на вина, се однесува кон самата себе и кон околината садистички или мазохистички.
5. Умерена агресивност без реакции на бес или омраза, но и без претерана плашливост
Ако ни се и агресивноста и сексуалноста дадени како сиров материјал кој чека на своја обработка, тогаш е природно да ги земеме предвид и детски е да ги затвораме очите пред овие моќни сили. Потиснатата агресивност која не нашла излез во моментот кога тоа било неопходно и во мерка која ѝ одговара на ситуацијата и на нашите обврски како етички битија, останува неискористена, дива сила која кога-тогаш мора да се испразни, и тоа најчесто во некоја адекватна ситуација и со засилен интензитет.
6. Способност да бидеме независни
Ваква способност поседува само онаа личност која веќе успешно во себе ги развила сите други, претходно споменати способности. Таа е цел и круна на индивидуализацијата и единствен вистински залог но и услов за слобода. Само независна, значи слободна личност знае за тајната на зрелото однесување.