Подобрите ресурси, обуката на наставниците и дијагностицирањето им помогнаа на безброј деца со проблеми со учењето и вниманието да ја добијат потребната помош за напредок. Постојат многу деца на кои им е потребна помош за да го достигнат својот целосен потенцијал. Но, и покрај фактот дека знаеме сè повеќе информации за нарушувањата во вниманието и учењето – АДХД, дислексија … сепак има некои митови кои никогаш не исчезнуваат.
Еве ги петте најчести заблуди:
Децата со нарушувања на вниманието и учењето не се толку интелигентни како другите деца
Најголемиот мит е дека попреченоста во учењето значи дека не сте паметни“, вели психијатарот др. Гејл Салц. „Интелигенцијата обично не е поврзана со специфични тешкотии во учењето, и многу луѓе со тешкотии во учењето се многу паметни. Тие можат да имаат специфични тешкотии со декодирање на читањето, брзината на обработка или способноста да го задржат вниманието, но овие прашања се одвоени од нивната интелигенција, а со тоа и од академскиот потенцијал“.
Ако детето има проблеми со учењето или со вниманието, виновни се родителите
Се чини дека луѓето секогаш ги обвинуваат родителите за сè што не е во ред со нивните деца. Но, проблемите со учењето немаат никаква врска со родителството. „Она што го гледаме се деца кои се многу способни на многу начини, но други работи што им се полесни на повеќето луѓе, за нив се предизвик“, вели Боб Канингам, советник за деца со пречки во учењето. „Може да биде збунувачки и луѓето често бараат едноставни начини да објаснат што се случува. Лесно е да се посочи на ’лошо родителство‘ кога на детето не му оди добро на училиште“.
Некои родители дури ќе се обидат да ја одречат дијагнозата. „Обидувајќи се да се утешат, тие велат нешто како: ’Тоа не е точно, вие сте како сите други‘, вели психологот и авторка на Self-Aware Parent, д-р Фран Волфиш. Вашето дете ја знае вистината, наместо тоа, кажете му: „Можам да замислам дека е понекогаш тешко кога даваш максимум, а работите едноставно не одат како што се надеваш и како што посакуваш“.
Децата со тешкотии во учењето мора да бидат во посебни воспитни центри
„Вообичаен мит е дека децата со пречки во учењето не можат да учат и треба да бидат сместени во ’посебни‘ одвоени одделенија“, вели д-р. Волфиш. „Всушност, со соодветна едукативна терапија и поддршка, повеќето деца со пречки во учењето учат како да се приспособат на користењето на своите предности. Тие апсолутно можат да учат, а најчесто и најдобро учат кога се вклучени во редовна настава“.
Посебната воспитно-образовна настава не е толку ригорозна како класичната
Родителите честопати се борат за интегрирање, загрижени дека нивните деца може да заостанат ако бидат сместени во специјално образование. Но, експертите велат дека специјалното образование може да биде влезница за достигнувањата на некои деца со пречки во учењето. „Постои мислење дека специјалното образование е полесно место, но всушност е потешко затоа што учениците со пречки во учењето треба да работат понапорно“, вели Стивен Реј, директор за специјално образование во Queen Creek Unified, во Аризона. „Учениците со тешкотии во учењето се борат академски и мораат да работат повеќе и подолго за да го достигнат истото ниво како и нивните врсници без нарушување.
Децата со тешкотии во учењето се само мрзливи
„Многу луѓе сè уште мислат дека децата со проблеми со учењето и вниманието се само мрзливи, но знаеме дека тоа не е вистина“, вели Канингам. „Кога луѓето не го разбираат влијанието на проблемите со учењето и вниманието, јас често ги замолувам да размислат за една работа во животот што им е најтешка. Потоа замислете како би било да треба да го правите тоа неколку часа секој ден во следните 13 години и тоа пред вашите врсници. Тоа е реалноста во училиштето за децата кои имаат проблеми со учењето и вниманието“.
Фото: Pexels