Промената на средината во текот на патувањето може да биде причина за различни здравствени тегоби, затоа лекарите советуваат да не се движите без прирачна аптека. На летувањето може да дојде до појава на дијареа (пролив), зголемена телесна температура, дехидратација, а тука се и здодевните инсекти чијшто убод може да направи проблем. Затоа, со себе задолжително треба да понесете лекови и препарати за ублажување на тегобите, особено ако одите на некоја далека дестинација.
Покрај задолжителниот заштитен крем за сончање, во багажот треба да се најдат лекови за намалување на зголемената телесна температура. Доколку се случи тоа, најдобро е да ги земете оние на база на парацетамол и ибупрофен, а за намалување на температурата може да помогне и ќесичка комбиниран прашок.
Долгиот пат кај многумина предизвикува мачнина и повраќање, па препорачливо е пред поаѓањето да се испијат таблети против овие тегоби. Овие лекови можат да се купат без рецепт, а возрасните би требало во текот на денот да земат две до три таблети. Доколку детето чувствува мачнина и нагон за повраќање при патувњето, во аптеките се достапни лекови против овие тегоби. Треба да бидете претпазливи и да се консултирате со педијатар. Тоа не се „обични лекови“ па да се даваат тукутака. Сепак, добро испланираното време на земањето на овој вид лек (барем 30-45 минути пред поаѓањето на пат) со адекватната доза, можат да помогнат.
Стомачните тегоби се едни од најчестите што се појавуваат на летувањето. За да ја спречите дијареата и грчевите во стомакот во вашата патувачка аптека со лекови задолжително додадете и некој пробиотик. Оние кои при промената на средината чувствуваат подуеност па наместо дијареа добиваат запек би требало да понесат некој лаксатив. Повраќањето, проливот, зголемената температура можат да доведат и до дехидратација на организмот, па лекарите советуваат на пат да понесете и некое средство за рехидратација кое содржи електролити.
На одморот може да дојде и до помали повреди, како што гребнатинки и исекотини затоа кај себе би требало да имате јод или алкохол за чистење рани. Покрај тоа, секако треба да понесете фластери или завои за адекватно да ја санирате повредата. Хипергеловите и мастите на база на билки помагаат кај убодите од инсекти, но и кога на море медузата ќе ве испече, па задолжително треба да ги купите.
Ако патувате со деца, покрај сите овие лекови понесете и капки и таблети против алергии. Најмалите деца често реагираат на промените на климата, па нивниот нос многу често се затнува, затоа капките се неопходни. Децата, исто така, многу време поминуваат играјќи си во песокот, и со нечисти раце обично ги допираат очите што може да доведе до црвенило и појава на конјуктивитис. Пожелно е да имате и топломер за да можете на детето почесто да му ја проверувате температурата, како и чепчиња за нејзино намалување.
Иако не треба самостојно да ги вклучувате антибиотиците, добро би било да имате некој сируп со антибиотски широк спектар кај себе доколку детето се разболи на летувањето. Пред да започнете со терапијата би требало да се консултирате со лекар.
Доколку сте хроничен пациент, на пат никако не тргнувајте без пропишаната терапија. Информирајте го вашиот лекар за дестинацијата на која одите за да ви даде одредени препораки и совети, а лековите задолжително носете ги во оригиналното пакување кое го содржи упатството за употреба.
Незаштитено име и доза
Кога патувате во странство, а неопходниот лек го немате покрај себе, важно е да го запомнете интернационалното незаштитено име на лекот, бидејќи лекот го нема истото име во секоја земја. Интернационално име е она коешто кај се наоѓа на кутијата, обично под името на лекот, и е напишано во загради со мали букви. Важно е, исто така, да ги знаете обликот и јачината за да бидете сигурни дека аптекарот ви го дава вистинскиот лек.
Фото: kindertravelguide.com