Според учебникот за хигиена, чиј автор е Џорџ Рое од 1890 година, сите проблеми со варењето кај децата се јавиле „заради консумирање јаткасти плодови, бонбони, пити, овошни колачи и пред сè, кисели краставички“. Авторот ги советувал родителите да избегнуваат да им даваат праски, сливи и цреши на своите малечки.
Се заговарала „хранлива храна“ како каша, леб и компири, но таа храна не смеела да им биде послужена топла или ладна, туку само млака. Меѓуоброци не се препорачувале, но „ако е апсолутно потребно, на детето треба да му се дозволи да грицка парче сув леб“.
Значајна тема меѓу старомодните совети за родителите било избегнувањето зелена храна. Лидија Чајлдс во својот водич од 1831 година „The Mothers Book“, напишала: „Додека му растат забите, на детето не смее да му се дава ништо зелено за грицкање“. Во тоа време, било вкоренето мислењето дека детето никогаш не смее да јаде нешто што содржи „жолти или зелени пигменти“ или да пие зелен чај. Било речено дека „зелениот чај ги прави луѓето нервозни, а особено младите не би требало да знаат што е тоа нервоза“.
Ги советувале родителите добро да внимаваат нивните деца да не ставаат во уста ништо што има зелена боја, што всушност било добар совет во тоа време. Имено, во 19 век, арсенот се користел за сликање на разни предмети во темнозелена боја.
Посебен смирувачки сируп честопати им се давал на децата чии заби растат, па затоа се немирни. Откриено е дека двете главни состојки во „смирувачкиот сируп на г-ѓа Винслоу“ се морфиум и алкохол. Овој производ бил пласиран на пазарот како средство за ублажување на болката и дијарејата, а во 1868 година биле објавени податоци за продажба на дури 1,5 милиони шишиња годишно.
Во тоа време, како домашен лек често се користела и живата. Во прирачникот „Домашна книга за здравје и медицина“ од 1834 година, живата се споменува како лек за секоја болест, но на читателите им се препорачува да ја користат со претпазливост. Живата тогаш била честа состојка во многу лекови, и најчесто се користела во кремите против пеги.
Опиумот пак се користел како еден вид „чудотворен лек“ што може да излечи која било болест. Опиумот се продавал како средство против болки, но родителите им го давале и на своите бебиња и мали деца кога сакале малку тишина или кога биле настинати.
Според советите за родителите од 19 век, читањето во никој случај не било добра забава за децата и „така не би требало да го поминуваат своето време“.
На младите девојки и момчиња им било советувано да внимаваат кога читаат белетристика, бидејќи се сметало дека премногу го стимулира нивниот неразвиен мозок. Овој совет првенствено бил насочен кон девојчињата затоа што се верувало дека романите, забавата и операта можат предвремено да ги доведат во пубертет.
Исто така, на родителите им било препорачано да не купуваат играчки за своите деца, туку малите да си ги прават сами за да го исполнат слободното време. Некои од старите идеи за играње биле правење колачи од кал и сечење хартија во форма на кукли или некои детали од природата.
Непослушните деца требало да бидат „полиени со ладна вода“.
Фото: Pixabay