Со грч во стомакот се соочуваат со секој школски ден

Наставниците во основните и средните училишта се жалат дека образованието ни е на најниски можни гранки, па после година и пол настава од дома, сега мораат да го симнуваат нивото и под притисок од директорите и родителите, за знаењето на учениците кое претходно го оценувале со тројка, сега да делат незаслужени петки.

0
540

Минатата година кога наставата во училиштата се одвиваше онлајн, се прашувавме за тоа какви последици ќе има несоцијализацијата, неспортувањето, физичкото отсуство од училиште врз менталното здравје и врз развојот на децата и на учениците. Денес веќе ги гледаме последиците и можеме да констатираме: учениците се вратија во клупите, ама не се вратија во форма.

Родителите на децата кои се во основните и во средните училишта се жалат дека децата немаат сила да продолжат таму кадешто застанаа. Наеднаш не можат ништо да постигнат и сè им е тешко. Се откажуваат од воншколските активности на кои претходно оделе, затоа што не стасуваат да си ги завршат ниту школските.

Наставниците се жалат на условите во оние училишта во кои наставата се одвива со физичко присуство, исплашени се и за своето и за здравјето на децата, а велат дека сега короната е постојано изговор за сите лоши резултати.

Пандемијата и наставата на далечина оставија сериозен печат врз целокупната добросостојба на младите. Последиците се воочливи на сите полиња. Во однос на наставата и училишниот живот, она што најпрво се забележува е дека учениците имаат проблем со усвојување на нови знаења. Тешко задржуваат фокус на внимание и концентрација на внимание. Во однос на усвојување на содржините, според тежински нивоа, се забележува дека учениците потешко усвојуваат материјал на тежинско ниво што соодветствувало на нивната возраст пред пандемијата. Често, наставниците имаат потреба да го снижат и прилагодат нивото. Мотивацијата кај учениците е опадната, тие се чувствуваат апатично и незаинтересирано за училишните постигнувања – вели училишниот психолог од скопската гимназија „Орце Николов“ Ана Попризова, која е и претседателка на Активот на стручните служби на средните училишта на Град Скопје.

Учениците се плашат дека не можат да се вклопат

Психологот објаснува дека во однос на социјализацијата и активностите во училишниот живот состојбата се движи помеѓу две екстремни позиции. Од една страна се ученици кои иницираат и се вклучуваат во активности во голем обем и интензитет, како да имаат потреба да го надоместат изгубеното време поради пандемијата.

Како да се одвикнавме од учење и сега ни е страв дали ќе успееме да се вклопиме“, се жалат учениците, наведува Попризова. 

– Има ученици кои се исклучително вознемирени поради стравот од зараза и лична болест или болест на најблиските и тие самите се изолираат. Овие ученици тешко се социјализираат и имаат отежната комуникација и со врсниците, но и со наставниот кадар. Вообичаениот процес на запознавање и адаптација во училиште е нарушен и изменет и тоа остава последици. Зголемен е бројот на ученици кои не се вклучуваат на настава со физичко присуство и остануваат вклучени онлајн што ги намалува квалитетот и фреквенцијата на контакти, а секако и квалитетот на усвоените знаења – вели Попризова.

Таа нагласува дека социјалната анксиозност е голема, учениците се исплашени и имаат чувство дека нема да можат да научат и дека контактот со физичко присуство на наставниците и учениците ќе го доживеат како голем неуспех, срам и страв.

– Во голема мера е присутна и соматизацијата, како телесна манифестација на напнатост, која се манифестира во вид на проблеми со исхрана (повраќање, болки во стомак), главоболки, проблеми со дишење, честа плачливост и сл. што претставува манифестација на стресот и напнатоста кои ги доживуваат учениците. Во заднината на целата оваа ситуација е и загриженоста поради заболените соученици и стравот од сопствена болест кој е долго време перманентно присутен – додава училишниот психолог.

Денешните петки се некогашни тројки

И наставниците се под дополнителен притисок, како од директорите така и од родителите поради оценките, па се принудени постојано да ги симнуваат критериумите за оценување.

– Ако ви кажам дека пред две години за она знаење за кое денес пишувам петки, сум ставала тројки, ќе сфатите на кое дереџе ни е образованието. Секоја година се намалуваат критериумите за оценување и без короната. Имено, постои некоја глупава тактика по општините сите директори да кажуваат кое школо колкав просек има и да се кажува кое е најдобро за секоја година, па нѐ условуваат да ставаме повисоки оценки за да бидеме најдобро училиште во општината. Можете да замислите ако минатата година просек ни беше 4,75, тоа практично би значело дека нашето училиште е за генијалци – вели наставничка од основното училиште „Владо Тасевски“ во Скопје, која сакаше да остане анонимна.

Според неа, после година и пол настава од дома, состојбата е уште пострашна. Децата не знаат буквално ништо од минатата година. Ретки се оние кои навистина учеле и нешто научиле седејќи пред екраните, со можност да си читаат додека одговараат за оценка на час. Особено зашто тогаш и уште повеќе се инсистирало наставниците да пишуваат високи оценки и да не им даваат домашни задачи и тестови.

Година и пол така и нормално е дека се сега излезени од шема – заклучува таа.

Од друга страна, притисокот поради короната не опаѓа, па и наставниците се исплашени за своето здравје.

– Во една училница има по 30 деца, како тука се возможни протоколи? Си седат најнормално како секогаш, по двајца во клупа. Во почетокот беа уште исплашени па не ни излегуваа на одморите, ама сега тие што се исплашени, си седат дома повикувајќи се на правото на детето на здрав живот и тоа се околу 30 отсто од учениците, а оние кои доаѓаат со физичко присуство, не можеме да ги прибереме од одмор – вели наставничката.

Ако во почетокот на учебната година и се почитуваа пропишаните протоколи сега веќе нивното почитување е попуштено. Од друга страна, пак, учениците цел ден седат со маски во училница, а по часовите си се дружат и при тоа ги спуштаат маските. На часови се седи со отворени прозорци, а променливото време донесе и настинки кај многу деца, кои за да бидат сигурни дека не се заразни, мораат да се тестираат за присуство на ковид-19 и притоа одново и одново ги преживуваат стресот и грижата за своето здравје.

Студентите целосно изгубија контакт со реалноста

Не е ништо подобро ниту со студентите кои и годинава продолжуваат да студираат онлајн, па уште не стасале да си ги запознаат ниту колегите, ниту професорите и се како маѓепсани, заглавени на првиот испит уште од лани.

Константин е веќе втора година студент на Електро-техничкиот факултет и сè уште не може да фати темпо ниту со предавањата, ниту со испитите.

– Јас сакам да одам на предавања. Не сум почувствувал досега како е да се биде студент. Моите речиси и заборавија кога матурирав дека сум матурант, а претходно, кога мојата сестра и братучедите беа матуранти, бев сведок како тоа изгледа кога е сè нормално. Јас и моите другари од средно, само се сликавме за табло и толку. Потоа на факултет не ги запознав ни колегите, ни професорите. Едноставно не може да не му се приспие на човек кога ги слуша тие монотони предавања седнат пред екранот сосема сам, без никој друг. Не знам ни дали ќе се навикнам. Знам дека има студенти кои полагаат испити, ама јас сум како закочен. Дури размислувам и да се откажам, ама знам дека е тоа глупаво. Ќе морам некако да почнам да ги полагам испитите, се надевам дека годинава конечно ќе го направам тоа – вели Константин.

Попризова се согласува дека студентите се чувствуваат доста изгубено, бидејќи немаат реален контакт со своите колеги и професори.

Ова предизивикува чувство на изолација. Процесот на запознавање и меѓусебна комуникација карактеристичен за овој период од почеток на студиите е нарушен и изменет. „Не познавам ниту еден колега лично, а никој од групата не иницира средба за запознавање во живо“, се жалат студентите. Изостанува комуникацијата и социјалниот живот е доста намален. Контактите се сведени на комуникација меѓу двајца- тројца, колеги или пријатели и се најчесто ограничени во однос на содржините. Многу често предавањата се одвиваат со исклучени камери, што уште повеќе се зголемува чувството на осаменост. Студентите многу често го губат чувството на воведување обврски и рутини – одење на предавања и вежби, посетување библиотеки, учење во групи и сл. што делува мотивирачко и поттикнувачко. Ретко се посетуваат кино, театар, изложби, концерти.Комуникацијата со професорите е исто така ограничена, како и начинот и капацитетите со кои тие успеваат да ги реализираат предавањата. Студентите се оставени во голема мера да се снаоѓаат сами. Теи имаат пад на мотивацијата и се чувствуваат презаситено од онлајн наставата. Секако дека ова ќе влијае и на падот на квалитетот на стекнатите знаења. Одлуката за настава на далечина на некои универзитети, ќе остави трајни последици врз менталното здравје на студентите – заклучува Попризова.

 

Фото: Unsplash

[better-ads type='banner' banner='999' ]